Што се вселенски оружја?
16 февруари 2024Што е вселенско оружје?
Вселенските оружја се системи на вооружување кои се или стационирани на Земјата и се насочени против цели во вселената, или се оружја кои се стационирани на вселенските станици или, пак, проектили стационирани во вселената и можат оттаму да напаѓаат цели на Земјата или цели во самата вселена.
Најпознати се таканаречените „сателити убијци“ - сателити кои се целно поставени во орбита за да можат да уништат други вселенски летала.
За што може да се користи?
Замисливи се различни можни употреби. Сепак, многу од нив во моментов сѐ уште не се технички созреани. Актуелната дискусија за можните руски планови за вселенско оружје се однесуваат конкретно на антисателитските оружја. За нив се користи кратенката „АСАТ“- оружја, акроним од англискиот назив „anti satelit activity“. Овие оружја, кои честопати самите се во форма на сателит, се наменети да уништат други сателити во вселената: на пример, шпионски сателити или сателити кои поддржуваат воени операции на Земјата (кои, пак, не се означуваат како „вселенско оружје“).
Зашто, модерното војување, како на пример во Украина, веќе не може да се замисли без сателитска поддршка. Сателитите ја снабдуваат војската со фотографии за неколку секунди, а и комуникацијата во рамки на армијата или навигацијата со комплексни вооружени системи тешко би била возможна без нив. Секој кој ги напаѓа сателитите на својот непријател може да му нанесе голема штета.
Дали дискусијата за ова е нова?
Не! Уште во доцните 1950-ти години, кога ерата на вселенски патувања допрва почнуваше, Американците експериментираа со оружја, кои беа испукувани на голема височина од бомбардери Б-47 за да пресретнат сателити. Овие оружја беа прилично непрецизни.
Истото се случи и во Советскиот Сојуз: и таму, рано беше препознаено дека странските сателити потенцијално можат да претставуваат закана за сопствената безбедност. Но, дури и во Советскиот Сојуз, тестовите со одбранбените системи во 1960-тите години не отидоа подалеку од само експерименти.
Во 1980-тите години, Студената војна го достигна својот зенит - трката во вооружување меѓу суперсилите САД и Советскиот Сојуз. Во двата табора, беа обновени истражувањата за вселенски оружја и беа развиени прототипови, кои на крајот се покажаа како премногу скапи.
Тогаш, како и сега, се дискутира за ризиците од вселенското оружје. Отпадоците од уништените сателити може да бидат опасни доколку продолжат да летаат низ орбитата на Земјата. Во ноември 2021 година, Меѓународната вселенска станица беше привремено во опасност бидејќи на патот ѝ се појавија остатоци од стар советски сателит, кој Русија намерно го собори.
Што вели меѓународното право за вселенското оружје?
Друга причина за тоа што вселената во близина на Земјата сѐ уште не е полна со вселенски оружја е таканаречениот „Вселенски договор“. По низа резолуции на ОН, договорот беше донесен во 1967 година и беше ратификуван меѓу другите и од САД и од Советскиот Сојуз. Очигледно, на сите вклучени земји, брзо им стана јасно дека военото користење на вселенското патување носи барем исто толку ризици, колку и придобивки.
Договорот за вселената, меѓу другото, забранува стационирање на нуклеарно оружје во вселената. Исто така, не е дозволено да се градат воени бази на небесни тела. Сето ова строго ја ограничува употребата на вселенско оружје, како што многумина велат - со право.