Светски ден на тоалетот: местото каде што и царот оди пеш
19 ноември 2024Она што влегува мора и да излезе. Физиолошки процес во кој сите луѓе во светот се еднакви.
Но, не сите тоалети се исти. Додека огромно мнозинство луѓе во Европа имаат тоалет, според Обединетите нации, околу 3,5 милијарди луѓе во светот живеат без санитарни јазли. Многумина вршат нужда на отворено.
Ова го олеснува ширењето на болестите или контаминирањето на водата за пиење. Стотици илјади луѓе годишно умираат од последиците. ОН зборуваат за глобалната хигиенска криза, за која редовно предупредуваат на 19 ноември, кога се одбележува Светскиот ден на тоалетот.
Дружење за време на мокрење
Луѓето се свесни со милениуми дека фекалиите треба да се отстранат. Најстарите познати тоалети се дело на Сумерите во Месопотамија околу три илјади години пред Христа.
Тоа биле длабоки јами и систем на керамички цевки кои ги задржувал тврдите фекалии, а течностите ги пропуштал. Помеѓу 3000 и 500 година од старата ера, Вавилонците и Асирците граделе тоалети со два мали ѕида и тесен простор за измет. Каналот се миел со водата при капење.
Но, тоа биле индивидуални случаи. Само кај старите Грци и Римјани тоалетот станал популарен. Сиромашните морале да се задоволат со буриња во кои се исфрлал изметот. Побогатите Римјани имале приватни тоалети.
Повеќето граѓани користеле јавни тоалети кои беа постојано исплакнати и можеле да примат од 50 до 60 луѓе. Често се случувало притоа тие разговараат, да се дружат и да се договараат.
Исчезнувањето на тоалетот
Но, приказната за падот на Римската империја е исто така приказна за назаден чекор во цивилизацијата на многу начини. Меѓу другото, исчезна и возвишената култура на тоалетот.
Обичните луѓе во средниот век повторно вршеле нужда во нокшир и ја празнеле содржината на улица.
Жителите на утврдените градови обично имаа тоалетни вдлабнатини во ѕидовите, но исто така се истурале фекалии - обично во ровот околу замокот. Последиците биле чума, колера и тифус.
Тоалетите останале реткост во текот на Средниот век. На почетокот на 16 век, познатиот сликар Албрехт Дирер бил казнет во Нирнберг затоа што поставил тоалет во неговата кујна. Но, бидејќи немало канализација, фекалии и урина завршувале во површинскиот одвод на улицата и мирисале лошо.
И во подоцнежните времиња, работите оделе бавно. Познато е дека во дворот на Луј XIV во Версај имало две илјади соби - и само еден тоалет. Познато е дека ценетиот крал примал посетители додека се олеснувал на тоалетното столче – стол со дупка.
Изметот потоа бил фрлан на куп. А, кога ги правел познатите дворски седенки, достоинственици клечеле во кталскиот парк, завршувајќи работа.
Генијален сифон
На крајот на 18 век, мажите и жените со долги наметки им нуделе на минувачите за пари да се клекнат под наметката и да завршат работа, иако тоалетите со вода беа измислени од британскиот поет сер Џон Харингтон уште во 1596 година. Но, тоа сигурно им изгледало како непотребна научна фантастика на неговите сонародници во тоа време. Неговите планови паднале во заборав.
Британскиот пронаоѓач Александар Камингс околу двесте години подоцна поднел барање за патент со двојно свиткана одводна цевка, таканаречениот сифон, кој служи за одржување на чиста вода во неа и спречување на мириси да навлезат во просторијата.
Тоалетот со вода започна победнички поход во европските градови на крајот на 19 век. Само пред околу сто години се етаблираше дека реките и потоците треба да бидат поштедени од човечки измет.
А денес?
Екстремните разлики опстојуваат до ден-денес кога станува збор за санитарните услови. Тоа може да се види по начинот на кој се зборува за тоалетите во различни делови на светот.
Додека индискиот премиер Моди влезе во една од изборните кампањи со ветување дека ќе ја покрие земјата со тоалети, во развиените земји како САД или Германија, продолжуваат дискусиите дали трансродовите лица треба да имаат посебни тоалети и дали да се воведат писоари за жени, така што можат да уринираат стоејќи.
Додека жените на глобалниот југ често се плашат од силувачи кога одат во јавен тоалет, жените во Јапонија можат да изберат која мелодија ќе им свири на нивниот хај-тек тоалет.