Тошковски: Нема време за замена на документите пред избори
7 март 2024Граѓаните немаат уште 50 дена за замена на старите документи со нови во пресрет на пролетните избори. На 18 март се затвора Избирачкиот список и доколку до тој ден не се направи законска измена со која граѓаните би можеле да гласаат со важечките документи со старото уставно име на државата, тогаш ќе им биде прекршено уште едно човеково право. Ова е ставот на техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој денеска (7.03) реагираше и ја оцени како „несериозна“ изјавата на техничкиот премиер Талат Џафери, кој на прес-конференција во средата (6.03) оцени дека граѓаните имаат доволно време да ги заменат документите до изборите.
Џафери се повика на податок на МВР, според кој само за еден месец се изготвени над 95 илјади пасоши со новото име на државата.
„Ако се има предвид дека има 50 дена до изборите, тие 100 илјади што се споменуваат дека немаат документи, во март можат сите да ги добијат потребните документи. Но, најважно е граѓаните да побараат замена на документите“, рече техничкиот премиер.
Куси рокови
Но, Тошковски вели дека рокот за замена на документите е многу покус, ако се има предвид дека на 18 март се затвора Избирачкиот список.
„Прво човеково право кое им е прекршено на овие граѓани е правото на слободно движење, е сега, второто човеково право се крши, а тоа е правото на глас. Се надевам дека како премиерот, така и останатите фактори во оваа држава, особено пратениците од СДСМ и од ДУИ, ќе најдат заеднички јазик и ќе ја поддржат иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за законски измени“, изјави Тошковски, по учеството на Регионална конференција за род и безбедност во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тој во повеќе наврати потенцираше дека над 100. 000 граѓани нема да можат да го остварат своето право на глас бидејќи немаат важечка лична карта.
Според статистичките податоци кои ги презентираше Џафери, од 1 до 29 февруари годинава во МВР биле поднесени 123.873 барања за пасоши, од кои биле изготвени 95.267. За еден месец се издадени над 95 илјади патни исправи.
„Бројките не лажат. Факт е дека бројките во однос на издавање на патни исправи се дуплирани од претходно. Бројките рапидно растат овој месец во споредба со претходниот“, вели Тошковски.
Пред пратениците денеска се предлог законски измени на Изборниот законик, по скратена постапка, со кои се врши допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација. Целта е да се овозможи избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите.